Забава
Ашер ќе го води шоуто на полувремето на „Супербол 2024“
Добитникот на „Греми, Ашер, ќе го предводи настапот на полувремето на „Супербол“ во Лас Вегас, Невада, соопштија Националната фудбалска лига (NFL), „Епл мјузик“ и издавачката куќа „Рок нејшн“ во неделата.
Финалето во американското рагби, 58. по ред, треба да се одржи на стадионот „Алиџант“ во Лас Вегас на 11 февруари 2024 година. Полувремето, исто како и натпреварот, е еден од најгледаните ТВ-настани во Америка.
„Ова е најголемата чест што животот може да ви ја даде, конечно да настапам на ‘Супербоул“. Едвај чекам да му донесам на светот шоу што не личи на ништо друго што досега сте виделе од мене,“ рече аренби-пејачот.
Од издавањето на својот деби-албум во 1994 година, Ашер Рејмонд Четврти продаде над 80 милиони плочи во светот, се искачи на врвот на музичките топ-листи и освои осум награди „Греми“, кои според многумина се најпрестижните награди во музичката индустрија.

Магазинот „Билборд“ го круниса како втор најуспешен уметник во 2000 години.
U Got It Bad, OMG и Yeah! се меѓу најголемите хитови на 44-годишниот пејач. Ашер моментно настапува во Лас Вегас како дел од неговото резиденцијална турнеја Usher: My Way.
„Ашер е икона, чија музика остави неизбришлива трага на културниот пејзаж во текот на својата кариера“, вели шефот на музика на НФЛ, Сет Дудовски, во соопшентието за јавност, објавувајќи ја одлуката.
Минатогодишното шоу на полувремето, кое го предводеше аренби-ѕвездата Ријана, беше најгледаниот настап на полувремето на сите времиња, соопштија организаторите.
Култни уметници и бендови, вклучувајќи ги „Ролинг стоунс“, Бијонсе, Стиви Вондер, Принс и Брус Спрингстин, се качија на сцената на полувремето на најпопуларниот спортски настан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
(Видео) „Ај кју“ со Pay the Price го продолжуваат музичкиот континуитет
Дуото составено од Бојан и Марија го продолжуваат својот музички пат со песни испеани на англиски јазик, а најнова во низата е песната „Pay the Price“. Музиката и аранжманот е целосно дело на Бојан, а текстот го напишаа заедно со Марија и уште една нивна редовна соработничка од Лондон.
Песната опишува едно типично секојдневие на партнери кои живеат заедно и низ шармантен и духовит начин ги доловува ситуациите кои се предизвици на партнерите.
Песната е снимена во Лондон во студиото во кое творат последните неколку години и на оваа песна ја продолжија соработката со ко-продуцентите од Шведска и Италија.
Забава
(Видео) Враќање во иднината со Јован Јованов и Елвир Мекиќ
Јован Јованов и Елвир Мекиќ повторно ги споија своите гласови и енергија, 16 години откако ја испеаја „Слаба точка“.
Музички позрели од претходно, а сепак со истата страст, тие ја снимија песната „Адреналин“, која ќе биде вистински хит, а ќе почнете да си ја пеете и да играте во нејзин ритам уште на првото слушање.
Премиерата на песната е закажана за 01.11.2025 (сабота) во 15:00 часот.
Забава
Заборавете на црното: овој капут е хит за зимата и тешко е да се победи
Оваа сезона ќе се оддалечиме од вечниот класик – црниот капут, кој е неопходен дел од зимскиот гардеробер, и ќе носиме таков што е малку потежок за одржување, но ја воздигнува секоја комбинација во студените денови.
Постигнувањето елегантен зимски изглед често се сведува на едно клучно парче облека – совршениот капут. Бидејќи ја дефинира целата силуета, добриот капут ви овозможува да носите речиси сè под него, а сепак да изгледате беспрекорно. Токму затоа модните експерти посветуваат посебно внимание на изборот на идеалниот модел секоја сезона.
Оваа зима еден стил и една боја особено се издвојуваат и привлекуваат внимание со својата ненаметлива софистицираност, а тоа е кремастиот капут.

Фактот дека капутите во оваа боја се вистински хит го потврдија многу познати личности, вклучувајќи ги Селена Гомез, Ема Вотсон и други, кои избраа вакви капути за разни пригоди во изминатите неколку недели, а истиот тренд го прифатија и многубројни инфлуенсери.
Одлична алтернатива на белата
За разлика од чисто белата, кремастите нијанси нудат помек и потопол изглед и создаваат посуптилен контраст на потемните бои внесувајќи доза елеганција, што е тешко да се победи.

Секако, клучниот предизвик со овој тренд е одржувањето. Бидејќи кремастите палта се чувствителни на нечистотија, се препорачува да се чуваат за суви денови и за посебни пригоди, а за дождливи и ветровити денови потемните модели се сепак попрактичен избор.
Свежо, елегантно и несомнено софистицирано, кремастото палто е парче што веднаш го воздигнува секој зимски гардеробер. Од популарни брендови до дизајнерски класици – понудата е побогата од кога било досега оваа сезона.
фото: принтскрин

