Македонија
Петровска и словенечкиот министер за одбрана, Шарец, го потпишаа новиот договор за одбранбена соработка

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, и словенечкиот министер за одбрана, Марјан Шарец, денеска, во Министерството за одбрана го потпишаа договорот за соработка во одбраната помеѓу Република Северна Македонија и Република Словенија.
Министрите Петровска и Шарец имаа тет-а-тет средба и билатерална средба со делегациите од двете држави по што следуваше и заедничка прес-конференција во Клубот на пратениците.
„Со задоволство го потпишавме новиот договор за соработка во одбраната помеѓу двете влади, што несомнено ќе придонесе во градењето на нашето пријателство и нашата соработка. Областите во кои ќе соработуваме се многубројни, но она што е најзначајно е дека преку реализацијата на овој договор ќе придонесеме кон зајакнувањето на мирот, довербата, стабилноста и просперитетот во земјите од регионот, но и во целата евро-атлантска област“, рече министерка Петровска на заедничката прес-конференција со словенечкиот министер за одбрана.
Министерката истакна дека двете земји заеднички придонесуваат во мултинационалните сили во Латвија, со што јасно покажуваат дека не отстапуваат од заедничката цел, а тоа е безбедна алијанса и сигурни граѓани.
Петровска се заблагодари за континуираната словенечка поддршка во процесот на интеграција кон Европската Унија и за помошта да го изградиме заедничкиот европски мост.
„Македонската приказна во НАТО е успешна, но останува уште една стратешка цел што мораме да ја направиме да биде реалност. Благодарни сме за вашата неизмерна поддршка на патот на Северна Македонија кон ЕУ и за тоа што ни помагате да го изградиме овој заеднички европски мост“, рече Петровска.
Министерот Шарец порача дека е исклучително важно што ја продолжуваме соработката во меѓународните операции и мисии и што детектираме нови области во оваа област.
Заедничкиот придонес во мултинационалните сили на НАТО во Латвија, тој го нарече успешна приказна.
„Заедно даваме видлив придонес во сојузничката одбрана и одвраќање, а истовремено ја зголемуваме подготвеноста и поврзаноста на нашите вооружени сили, што демонстрира една регионална димензија на соработка. Словенија одлучи да го продолжи своето воено присуство во Латвија и ние неизмерно го цениме вашиот придонес и вашата подготвеност да продолжите успешно да соработувате со нас во овој ангажман“, заклучи Шарец.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Наскоро зонско паркирање во Автокоманда

Во скопската населба Автокоманда наскоро ќе биде воведено зонско паркирање, најави кандидатот за градоначалник на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски.
„ Со особено задоволство ги информирам жителите на Автокоманда дека е донесено Решение за утврдување на режим на сообраќај во Автокоманда. Со ова официјално се одобрува воведувањето на зонско паркирање – решение кое жителите на Автокоманда го очекуваат повеќе од една деценија“, рече Стефковски.
Тој додава дека во моментов интензивно се работи на изработка на проектот за обележување на улиците и поставување на потребната сигнализација, а активностите на терен ќе започнат во најкус можен рок.
Стефковски најави дека секое домаќинство ќе добие две бесплатни картички за паркирање.
Македонија
Уапсена сопругата на докторот кој беше застрелан во Куманово, била вмешана во обидот за неговото убиство

Полицијата ја уапси сопругата на докторот кој беше застрелан вчера во Куманово. Тој со повреди беше пренесен во болница, но се наоѓа во стабилна состојба. Според информациите на МВР, сопругата е осомничена дека е вмешана во обидот за неговото убиство.
„Вчера полициски службеници од СВР Куманово ја лишија од слобода А.А. (43) од Тетово, поради основи на сомнение дека е поврзана со обидот за убиство на нејзиниот сопруг З.Ш. (43) од село Слупчане, липковско“, велат од МВР.
Исто така, во врска со настанот на службен разговор во СВР Куманово се повикани шест лица, а во домот на Б.С. (50) од Куманово по судска наредба, е извршен претрес.
По целосно документирање на случајот, против сопругата ќе следува соодветна пријава, додека против Љ.Ф. (36) од Гостивар, кој се сомничи за обид за убиство и се уште е во бегство, по консултација со Основното јавно обвинителство, исто така ќе биде поднесена кривична пријава.
Од Министерството за здравство вчера соопштија дека во вооружениот напад во Куманово е повреден докторот Зекирија Шаини. Од таму известија дека повредите не се животно-загрозувачки и дека докторот е во стабилна состојба и се опоравува.
Од ДУИ, пак, информираа дека станува збор за нивен кандидат и носител на листата во Општина Липково.
Македонија
Евакуации во објектите околу плоштадот „ВМРО“ поради куфер оставен на плочникот, полицијата утврди дека е празен

Обезбедувањето на Јавното претпријатие за државни патишта пријавило во полиција дека две лица денес оставиле куфер на плочникот пред нивниот објект сместен на плоштадот „ВМРО“ веднаш до седиштето на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Полицијата веднаш излегла на терен, почнала евакуација на вработените од објектите околу плоштадот, а проверките покажале дека куферот е празен.
„Денеска (08.10.2025) во 12.55 часот лице од обезбедувањето на ЈП ‘Државни патишта’ пријавило дека на видеонадзор пред канцелариите на ЈП ‘Државни патишта’ на плоштадот ‘ВМРО’ во Скопје биле забележани две лица како го разгледуваат местото, а едно од лицата оставило куфер. Веднаш по добиената пријава, преземени се соодветни мерки и активности, извршени се потребните проверки и утврдено е дека куферот е празен“, соопшти МВР.