Македонија
Левицата: Апасиев и Крмов се приклучија кон интерпелацијата против републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески

Левица известува дека двајцата пратеници на оваа политичка партија Димитар Апасиев и Борислав Крмов, се приклучија како предлагачи на Интерпелацијата за работата на Јавниот обвинител на Република Македонија – Љубомир Јовески, која претходно беше поднесена од група од седум опозициски пратеници.
„Алармираме дека од поставувањето на чело на Јавното обвинителство на РМ, Јовески смислено и сервилно се стави во улога на ангел-чувар на крупниот организиран криминал, додека кривичниот прогон е резервиран само за ситните престапници. Неспособниот и сенилен Јовески, кој очекува како награда за неговата послушност кон корумпираните властодржци, да биде избран за судија на Уставниот суд – ја сведе оваа важна институција задолжена да се бори со криминалот, на карикатура која е приврзок на антинародниот хибриден режим предводен од СДС, ДУИ и ДПМНЕ“, велат од Левица.
„Дополнително, неговата поспаност во трагичните случаи „Дурмо турс“, „Беса транс“, модуларна болница во Тетово, Клиниката за онкологија и многу други, само ги потврдуваат впечатоците на јавноста дека дотичниот лик, кој никогаш во животот не застапувал обвинение пред суд, не е способен да ја врши оваа важна правосудна функција, па наместо него беше оставено истражувачки новинари да ја работат работата за која се платени истражителите и обвинителите – што е недопустливо.
Ги повикуваме сите пратеници, и од власта и од опозицијата, да ја поддржат оваа интерпелација и заедно да ставиме крај на патернализмот на јавниот обвинител Љубомир Јовески кон мафијата, потпомогната од олигарсите и корумпираните функционери на власта.
Го повикуваме и собранискиот спикер Талат Џафери, што побргу да ја стави како точка на дневен ред оваа интерпелација, за да можеме – од собраниската говорница – аргументирано да продискутираме за сите негативни и штетни аспекти од неработењето на овој недостоинствен властелински послушник, кој не ужива никаков углед и професионален кредибилитет во кривично-правната фела“, се наведува во соопштението на Левицата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Нов скопски саем во Бутел и голем парк покрај него е првото ветување на скопјани од Мециновиќ

Амар Мециновиќ, кандидат за градоначалник на Скопје од редовите на партијата Левица, преку социјалните мрежи најави изградба на нов скопски саем во северниот дел на градот, во општина Бутел, покрај обиколницата и булеварот Христјан Тодоровски-Карпош.
„Скопје го загуби саемот поради сите претходни власти, кои не успеаја да ги зачуваат и надградат капацитетите за новите генерации. Наместо тоа, денес тој простор е претворен во трговски центар, што ја одразува политиката на уништување на јавните простори за личен профит. Затоа новиот саем е од клучна важност бидејќи повторно ќе овозможи простор за сите еднакво – за култура, заеднички активности, образование и за социјализација на скопјани“, вели Мециновиќ.
Проектот предвидува изградба на изложбени хали со површина од 20.000 квадратни метри, конгресен центар за јавни собири и трибини, како и отворени простори за културни настани и заеднички активности. Според Мециновиќ, новиот објект ќе биде лесно достапен и ќе придонесе за создавање нов културен и економски пол во градот, кој ќе претставува противтежа на сегашната концентрација на економски и културни активности.
Покрај саемот, најавен е и голем парк, кој треба да стане „белодробен систем на северот на Скопје“. Паркот ќе содржи централен тревник за фестивали и собири, детски игралишта, спортски терени, тематски градини, амфитеатар на отворено и екопатеки со современа инфраструктура.
„Идејата е саемот и паркот да функционираат како целина, како куќа на јавниот живот, простор за културни манифестации, собири и дијалози, но и како зелено прибежиште за спорт, детска игра и колективна релаксација. На тој начин го враќаме јавниот интерес пред приватниот профит“, рече Мециновиќ.
Македонија
Општина Центар доделува стипендии за ученици во износ до 3.500 денари месечно

Општина Центар ги повикува учениците од општинските основни училишта да аплицираат за стипендии во три категории: спорт, култура и науки, техника, посебни вештини.
Стипендиите изнесуваат од 2.500 до 3.500 денари месечно во зависност од категоријата за која аплицираат, во текот на осум месеци од тековната учебна 2025/2026.
„Општина Центар и годинава инвестира во младите, во нивната креативност, знаење и спортски дух. Нивните постигнувања се афирмација не само за нашата локална самоуправа туку и за целата држава“, рече градоначалникот Горан Герасимовски.
Секој ученик може да аплицира само во една категорија.
Потребно е да се достави потврда за редовно школување или доказ за живеалиште , кратка биографија, контакт на родител или старател, фотокопии од свидетелства, добиени признанија и награди, како и потврди од надлежните федерации или организации каде е потребно.
Документите се поднесуваат во Архивата на Општина Центар или по пошта на ул. „Михаил Цоков“ бр 1 со соодветна назнака за категоријата.
Крајниот рок за пријавување е 23 септември 2025 година, а ќе се разгледуваат само комплетни и навремено доставени пријави.
Македонија
Над 500 административци од Скопје денес ги почнаа тренинзите за поголема професионалност, етика и транспарентност

Министерството за јавна администрација, денеска, го одржа првиот дел од најголемата програма за професионален развој на административни службеници во историјата на државата. Генеричките обуки, кои се спроведуваат под слоганот „Инвестицијата во административните службеници е инвестиција во иднината на јавниот сектор“, во првата фаза ќе опфатат 1.000 службеници од разни институции. Првите обуки почнуваат во Скопје со учество на над 500 административни службеници, кои ќе минат низ систематски и стандардизирани тренинзи.
На свеченото отворање, на кое присуствуваа претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, многубројни министри, претставници на дипломатскиот кор, претставници на меѓународните и на граѓанските организации и други гости, обраќања имаа премиерот Христијан Мицкоски и министерот за јавна администрација, Горан Минчев, кој истакна дека генеричките обуки се првиот чекор кон создавање професионална, етичка и одговорна администрација, која работи во служба на граѓаните.
„Тие се првиот чекор кон создавање службеници што ќе ја познаваат суштината на јавната служба, како и професионалноста, етиката, одговорноста, транспарентноста. Без овие основни вредности, ниеден закон, ниедна стратегија, ниедна визија нема да може да се реализира. Но, она што е особено важно е дека овие обуки не се само за административните службеници – тие, пред сè, се во функција за граѓаните. Со овие обуки ние инвестираме во вработените затоа што посилна и пообучена администрација значи посилна и поуспешна држава за сите нас“, рече министерот Минчев.
Тој ја нагласи и важноста на Академијата за јавни службеници, прва институција од ваков вид во земјата, која ќе претставува „срце на модерната администрација, куќа на знаењето и лабораторија на нови идеи“.
„Со зајакнување на знаењето на службениците ја зајакнуваме државата“, рече министерот.
Министерството работи и на усогласување на законската регулатива со онаа на Европската Унија во делот на јавната администрација.
„Сакам да потенцирам дека историски исчекор во реформата претставува донесувањето на пакетот реформски закони – Законот за вработените во јавниот сектор, Законот за административните службеници, Законот за инспекцискиот надзор и Законот за стручно усовршување и обука на јавните службеници. Овие четири закони се темелот на новата визија и претставуваат почеток на севкупната реформа на јавната администрација во нашата држава“, вели министерот Минчев.
Обуките се реализираат со поддршка на меѓународни партнери и експерти, вклучувајќи ја и соработката со РЕСПА, ЦЕФ, Агенцијата за стручни обуки од Франција, Институтот „Вита“ и Економскиот факултет при УКИМ.
Покрај обуките што се реализираат во Скопје, во наредните месеци ќе се спроведуваат и регионални обуки во Источниот, Полошкиот и во Пелагонискиот Регион со цел да се опфатат сите административни службеници во земјата.