Економија
Ковачевски: Со „гарантирана цена“ и пониски маржи го спречуваме ценовниот шок
Премиерот Димитар Ковачевски денеска, заедно со министерот за економија, Крешник Бектеши и в.д. директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски беше во посета на компанијата „Горска ДООЕЛ“.
„Многу е важно компании како „Горска“ која успешно се одржува на пазарот повеќе од 30 години, но и сите други компании да се вклучат во поддршката на нашите мерки со кои обезбедуваме стабилност на цените на домашниот пазар.
Она што на вчерашната владина седница го донесовме како одлука е практично проширување на листата на производи со „гарантирана цена“ и ги додадовме и безалкохолните пијалаци, газираната и негазираната вода и пивото кои ќе бидат со намалена цена од најмалку 10 отсто.
Дополнително, донесовме одлука и за намалување на маржите кај овошјето и зеленчукот со што дополнително ќе се намалат цените за овие производи во износ до 30%“, истакна премиерот Ковачевски при денешната посета на компанијата „Горска ДООЕЛ“.
Потсетувајќи на претходните владини мерки, со кои што се намали цената за 10 отсто на над 50 производи во 24 категории од пекарската, млечната, месната индустрија, премиерот Ковачевски рече и дека е донесена одлука со која се укинати увозните давачки за млечните производи со масленост над 10%, што се очекува да се одрази со намалување на цените и на овие производи кои се значајни за потрошувачите.
„Донесовме одлука и за намалување на увозните давачки за увоз на свеж зеленчук и ориз, како и укинување на увозните давачки за увоз на лимони, портокали, мандарини и други производи од овој вид. А зависно од движењата на пазарот, ќе следуваат и други одлуки за олеснување на товарот од инфлациските движења, а тие одлуки веќе се подготвуваат во Министерството за економија“ појасни премиерот Ковачевски, кој апелираше до трговците и до производителите да се придржуваат до овие нови мерки, како и да ги почитуваат претходните, бидејќи се во интерес на граѓаните.
„Нема да дозволиме никој да се богати врз грбот на граѓаните. Мора да направиме граѓаните да се изборат со високите цени, со инфлацијата и да работиме заедно на намалување на цените и зголемувањето на животниот стандард на граѓаните.
Затоа и во претходниот период, како и сега, секогаш кога сме забележувале негативни економски движења, сме интервенирале брзо и со конкретни, таргетирани мерки сме ги контролирале инфлациските текови. Преку конкретни мерки покажавме дека што поскоро сакаме да ги пресретнеме и спречиме ценовните шокови за населението и со новите мерки да постигнеме економска стабилност“, нагласи премиерот Ковачевски.
Министерот за економија, Крешник Бектеши, на настанот оцени дека владините одлуки имаат влијание врз животниот стандард, бидејќи според пресметките, со овие владини мерки за „гарантирана цена“ на производите, секое домаќинство има заштеда од над 2.000 денари со пониските цени на производите.
Министерот Бектеши пред присутните појасни дека е регистриран голем извоз на одредени земјоделски производи.
„Немаме намера да субвенционираме производи за други држави. Гледајќи ги податоците, се забележува дека најголемо зголемување на цените има во делот на овошјето и зеленчукот. Затоа би им порачал на трговците да не го оставаат македонскиот пазар како резерва во снабдувањето со овошје и зеленчук. Не сакаме да се доведеме во ситуација тој јаз ние да го надополнуваме со увоз. Затоа апелирам да се пласира на домашниот пазар, а доколку се прави спротивното, како министерство ќе предложиме укинување на увозните давачки на одредени производи“, изјави министерот за економија Бектеши.
Директорката на правниот оддел во „Горска ДООЕЛ“, Симона Костадинова-Саздова посочи дека како општествено одговорна компанија, одлучиле да ја прифатат иницијативата на Владата.
„Решивме да ја прифатиме иницијативата на Владата на Република Северна Македонија и да ги прилагодиме цените на дел од нашите производи кон Одлуката за определување на највисоки цени за одделни производи во трговијата на големо и мало. Еден од главните приоритети на „Горска“ е грижата за нашите потрошувачи, па следствено на тоа секогаш ја создаваме стратегијата на компанијата во таа насока. Ја поздравуваме и ја поддржуваме оваа Одлука на Владата, а нашата компанија и во иднина ќе продолжи да ги креира ценовните политики согласно оваа иницијатива“, изјави Костадинова-Саздова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

