Македонија
Јапонската амбасада објави повик за дизајн на лого за 30-годишнината од дипломатските односи меѓу Македонија и Јапонија
Амбасадата на Јапонија објави јавен повик за изработка на лого за 30 години од дипломатски односи помеѓу двете земји.
Целта на овој натпревар е да се вклучат дизајнерската заедница, професионалци од областа на графичкиот дизајн и уметници, креативни ентузијасти, како и млади таленти во Северна Македонија да создадат заедно со Амбасадата на Јапонија дизајн што ќе ја долови суштината на овој многу важен пресврт во односите помеѓу нашите две земји.
Концептуалното решение треба графички и симболично да го покаже пријателството помеѓу двете земји и заедничките вредности што ги споделуваме. Треба да има можност да се користи на печатени документи и брошури, како и на веб-страници и социјални медиуми.
Највисоко оценети ќе бидат оние идејни решенија што ќе бидат едноставни, модерни, но со значење. Изборот ќе биде направен од претставници на јапонската амбасада во Северна Македонија.
Секој учесник може да поднесе едно или најмногу три идејни решенија. Концепт-решенијата се поднесуваат на имејл-адресата [email protected] не подоцна од 20 октомври 2023 година (полноќ). Покрај концептуалното решение, неопходно е да се наведат податоци за креаторот – име и презиме, телефонски број за контакт.
Апликантите ќе треба да вклучат краток опис на нивниот дизајн и инспирација кога го поднесуваат својот предлог.
Основни технички барања:
– графички предлог за лого и неговите предложени употреби (логото треба да биде во векторски формат);
– независно авторство на сите елементи – ако се користат дополнителни елементи, тие исто така треба да бидат поднесени како посебни графички елементи.
Ако фајлот надминува 10 MB, треба да користите надворешен линк за преземање.
Препорачани графички формати: .pdf .ai, .png
Со поднесувањето на вашиот дизајн вие се согласувате авторските права на победничкиот дизајн да се префрлат на Амбасадата на Јапонија овозможувајќи им користење, менување и дистрибуирање на логото за промотивни и славенички цели.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Донесени пресуди за случајот „Премин“, обвинителството најави жалба
Денеска, во Основниот кривичен суд Скопје, беше објавена неправосилна пресуда во предметот со кодно име „Премин“, застапуван од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Обвинителството за гонење на организиран и корупција. Во предметот беа опфатени повеќе царински службеници од Царинските испостави Ново Село и Дојран. Со пресудата, дванаесет обвинети лица се огласени за виновни за сторени кривични дела Примање поткуп и Злоупотреба на службената положба и овластување.
Четворица обвинети се осудени на ефективни казни затвор во траење од една година и шест месеци до три години, додека на останатите осум лица им се изречени условни осуди.
Четворица обвинети на почетокот на главната расправа го признаа делото и тогаш судот ги осуди на ефективни казни затвор во траење од 2 години до 2 години и 8 месеци.
Воедно, на 14 лица во предметот осудени за кривичното дело Примање поткуп судот им изрече и казна забрана за вршење на должност на службено лице, во времетраење од две до осум години, индивидуално определена за секој од нив.
Предлогот на обвинителството за одземање и конфискување на имотната корист прибавена со кривично дело беше делумно прифатен од страна на судот и паричните средства се вратени на еден од обвинетите.
Останатите привремено одземени парични средства пронајдени при извршените претреси се одземени и тоа 18.230 евра, 263.210,00 денари, 4860 швајцарски франци, 443 американски долари, 20 британски фунти, 200 украински гривни, 102 бугарски лева и 100 турски лири, како и 36 штеки цигари.
Обвинителството незадоволно од висината на казните и од висината на одземените парични средства најавува дека ќе го искористи правото на изјавување на правен лек по писмено добивање на пресудата.
Истражната постапка за овој случај беше отворена во октомври 2024 година кога беше спроведена полициска акција под кодно име „Премин“ поради основано сомнение дека обвинетите распоредени во Царинските испостави Ново Село и Дојран, во временскиот период од 21.03.2023 година до 15.10.2024 година, со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело.
Тие искористувајќи ист траен однос, исти прилики и слични околности, при вршење на царински прегледи на стоката што се увезувала во државата преку граничните премини, од превозниците на стоката директно барале и примале парични средства за себе во износи од по 20, 50, 70, 100 и 150 евра, за да не извршат службено дејствие што морале да го извршат.
Македонија
Поранешен градоначалник на Росоман исплатил личен долг од 500.000 денари од општинскиот буџет
Полицијата поднесе кривична пријава против С.Н.(29) од Росоман поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Според информациите на МВР, во периодот од август 2024 година до септември 2025 година, С.Н. во својство на градоначалник на општина Росоман, во два наврати ги пречекорил границите на службеното овластување и од Буџетот на општина Росоман противправно биле прибавени парични средства во вкупен износ од околу 500.000 денари, кои биле присилно наплатени од извршител за личен долг на С.Н..
Македонија
Гаши на работна средба во МАНУ
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, одржа работна средба во Македонската академија на науките и уметностите, со претседателот Живко Попов, како и со други претставници на Академијата.
„На средбата се разговараше за значењето на поактивното вклучување на Академијата во стратешките процеси на развој на државата, особено во креирањето политики и во обезбедувањето стручна поддршка при институционалното одлучување“, соопштија од Собранието.
Исто така, Гаши информирал за вчерашната одлука усвоена на седница, со која е овластен, како претседател на Собранието, да склучи поединечен колективен договор со претседателот на синдикалната организација на Академијата.
Тој изразил подготвеност за поддршка на сите иницијативи што ја зајакнуваат улогата на науката и уметноста во развојот на државата.

