Економија
НБРМ: Банкарскиот систем и натаму е здрав и стабилен – донесени одлуки за јакнење на неговата отпорност
Советот на Народната банка ја одржа својата редовна седница на која, меѓу другото, го усвои извештајот за финансиската стабилност за 2022 година. Во извештајот се оценува дека домашниот финансиски сектор добро се справи со предизвиците и уште еднаш покажа дека е отпорен на шокови и има капацитет за справување со кризи.
Банкарскиот сектор ја задржа стабилноста на своите биланси. Остварувањата на пензиските фондови беа под влијание на сложеното макроекономско окружување, што како и во повеќето други земји придонесе за намалување на стапките на принос мерени за повеќегодишни периоди. Сепак, станува збор за краткорочни пазарни шокови, што отвора простор да се надоместат загубите во следниот период. Ризиците од окружувањето немаа позначително влијание врз осигурителниот сектор, чии резултати од работењето се подобрија, а солвентноста се задржа на соодветно ниво.
Другите финансиски институции (штедилниците, друштвата за лизинг, инвестициските фондови и финансиските друштва) и натаму се со мал обем на активности и засега имаат многу ограничено значење како извор на системски ризик за финансиската стабилност. Неповолното окружување позначително се одрази врз работењето на инвестициските фондови преку изразен надолен тренд на стапките на принос, со исклучок на паричните фондови.
Во извештајот се наведува дека ризиците поврзани со секторот домаќинства и натаму се ограничени. Показателите за солвентноста и ликвидноста забележаа минимално подобрување, а задолженоста на домаќинствата се задржа на умерено и релативно стабилно ниво. Во однос на остварувањата на корпоративниот сектор се заклучи дека и покрај новите предизвици од окружувањето, во 2022 година речиси во сите дејности од корпоративниот сектор се зголемија приходите од работењето и се подобри профитабилноста. Задолженоста на корпоративниот сектор и натаму се зголемува, но сè уште е во умерени рамки и засега не упатува на ризици за одржливоста на долгот. Сепак, има разлики во профилот на ризичност на корпоративниот сектор во зависност од дејноста и големината на субјектите, при што микросубјектите и натаму се најранливата група субјекти од корпоративниот сектор.
Поновите податоци за банкарскиот систем, во согласност со усвоениот извештај за ризиците во банкарскиот систем во вториот квартал од 2023 година, покажуваат солиден раст на билансот на состојба на банкарскиот систем во второто тримесечје, што најмногу е резултат на растот на депозитите од претпријатијата и домаќинствата, со позначителен придонес на депозитите од претпријатија. По падот во првиот квартал, во второто тримесечје, вкупните кредитите се зголемија за што поголем придонес имаа кредитите на претпријатијата. Сепак, во услови на заострување на кредитните услови и намалување на побарувачката на кредити од населението, годишниот кредитен раст е помал во споредба со двоцифрените остварувања од минатата година. Солвентноста на банкарскиот систем бележи подобрување, стапката на адекватност на капиталот забележа квартално зголемување до највисокото ниво за последните шеснаесет години, од 18,2 %. Квалитетот на кредитното портфолио на банките се задржа со учество на нефункционалните во вкупните кредити од 2,9 %.
Врз основа на редовната квартална оцена на системските ризици, Советот на Народната банка на одржаната седница донесе одлука за зголемување на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките во земјата за 0,25-процентни поени од претходно утврдените 1 % на 1,25 %, со почеток на примена од 1 ноември 2024 година. Во услови на здрав и стабилен банкарски систем со зголемена профитабилност и соодветно ниво на ликвидност, кога ризиците сè уште немаат одраз врз билансите на домашните банки, зголемената стапка на противцикличен заштитен слој на капиталот има за цел да дејствува превентивно кон дополнително јакнење на отпорноста на банките и со тоа да обезбеди повисока финансиска стабилност, што е во согласност и со мерките што се преземаат во поголем број земји во Европската Унија.
На редовната седница на Советот беше донесена и одлуката за начинот на спроведување на мерките за спречување перење пари и финансирање тероризам. Позначајни измени се воведувањето посебен дел за ризикот од финансирање тероризам и финансирање на ширењето оружје за масовно уништување (пролиферација) и подетаљна разработка на мерките и дејствата за спречување перење пари и финансирање тероризам, кои треба да ги преземаат менувачниците и платежните институции. Во одлуката се внесени и препораките на Комитетот на експертите на Советот на Европа (Moneyval), како и регулативата на ЕУ за интерните контроли кај филијалите или подружниците на субјектите основани во трета земја.
Советот ја усвои и одлуката за менувачките работи, чии измени во однос на постојната одлука за менувачките работи првенствено се однесуваат на зајакнување на критериумите за вршење менувачки работи и усогласување со Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам. Со одлуката се врши промена во дел од критериумите што треба да ги исполни одговорното лице за вршење менувачки работи и се воведува концептот на соработник, кој треба да ги исполни истите критериуми, со што се зајакнуваат критериумите за одговорното лице. Се воведува и обврска за известување на Народната банка пред овластениот менувач да направи промена на податокот за одговорното лице, со што се засилува контролната улога на Народната банка преку претходна проверка на исполнувањето на критериумите.
На седницата беа разгледани и други тековни материјали поврзани со работата и надлежностите на Народната банка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ поскап бензин
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,03% во однос на одлуката од 5.1.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 0,332%, кај дизелот има намалување за 0,317%, кај екстра лесното масло зголемувањето е за 0,391% и кај мазутот има намалување за 4,067%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,7158%.
Од 13.1.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 70,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 72,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 64,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 64,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 32,133 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,668 ден/кг и сега ќе изнесува 32,133 ден/кг.
Фото: Depositphotos
Економија
ТАВ Аеродроми: 2025 година се заокружи со 3,5 милиони патници што е 9 отсто зголемување
Во 2025 година, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид опслужија 3,5 милиони патници и 26.500 летови.
Двата македонски аеродроми, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид минатата година опслужија 3,5 (3.475.288) патници што е зголемување од 9% во однос на 2024 година.
Во 2025 година двата аеродроми опслужија 26.500 летови, што е за 4% повеќе во однос на истиот временски период, од јануари до декември, 2024 година.
„Успехот што го постигнавме во 2025 година не е случаен. Тој е резултат на јасна стратешка насока, фокусирани инвестиции и силни партнерства. Зголемувањето од 9% на бројот на патници и 4% пораст на летовите на двата македонски аеродроми е директна потврда дека вложувањата во модернизација на инфраструктурата, унапредување на оперативната ефикасност и проширување на мрежата на авиолинии даваат конкретни и мерливи резултати. Дополнително, новите дестинации, континуираната соработка со авиокомпаниите, зголемената побарувачка за патувања и посветеноста на нашите вработени овозможија стабилен и одржлив раст. Овие резултати ја зацврстуваат позицијата на македонските аеродроми како сигурни и конкурентни регионални воздухопловни центри и ни даваат силна основа за уште поамбициозен развој во наредниот период,“ вели Неџат Курт, Генерален директор на ТАВ Македонија.
Само во декември 2025, статистиката на ТАВ Македонија покажува двоцифрено зголемување на процентите на опслужени патници на двата аеродроми од дури 25% во споредба со декември 2024, една година претходно, или преточено во бројки, 294.781 патници.
Во последниот месец од минатата година пак, реализирани се 2,019 летови што е за 7% повеќе од декември во 2024 година.
Стабилен пораст покажува и дневниот пресек на патници во 2025. Скопскиот аеродром дневно во просек опслужуваше 8.786 патници што е за 9% повеќе од 2024 година, а преку
охридскиот, дневно патувале 767 патници што е за 16,3% повеќе споредено со минатата година.
Одделните анализи за двата аеродроми за периодот од јанури до декември покажуваат дека преку Меѓународниот Аеродром Скопје патувале 3.211.419 што е за 8,7% повеќе споредено со истиот период во 2024 година, а додека Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид бележи двоцифрен пораст од високи 20% со услужени 263.869 патници.
Истанбул, во сите 12 месеци од 2025 беше најфреквентна дестинација од Меѓународниот Аеродром Скопје до двата аеродрома ИГА и Сабиха Гокчен со 16,6% пазарен удел. Потоа следуваат Базел Милуз (6,2%), Франкфурт (5,7%), Цирих (4,5%) и Минхен – Меминген (4,2%).
Топ – пет земји до кои има најмногу директни летови се Германија (25,4% пазарен удел во вкупниот патнички сообраќај), Турција (23,6%), Швајцарија (10,8%), Италија (5,5%) и Шведска (4,3%).
Од Меѓународниот Аеродром Скопје во моментов летаат вкупно 15 авиокомпании кон 49 дестинации, додека од Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид три авиокомпании летаат до 7 дестинации.
Според најавите на авиокомпаниите, од март годинава, мрежата на авиолинии од двата македонски аеродрома ќе се зголеми, со отворањето на нови авиолинии и нови дестинации. Виз ер ќе почне да лета од Скопје до Неапол и ќе ја врати авиолинијата од македонскиот главен град до Будимпешта, додека од Охрид ќе почне да лета до Милано. Во мај, Аустриан ерлајнс ќе почне да лета од Охрид до Виена, а во јуни охридскиот аеродром ќе ги врати полските туристи во Охрид со отворањето на новата авиолинија од Вроцлав и враќањето на летовите од Катовице.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash

