Култура
„Зад стоговите сено“ ќе го отвора филмскиот фестивал „Киненова“, награда за особен придонес во филмската уметност за Бранислав Лечиќ

Осмото издание во натпреварувачката програма „МФФ Киненова“ носи осум драгоцени филмски стории на дебитанти и перспективни автори, кои ги рушат стереотипите на воздржаност и одважно и вртоглаво се втурнуваат во вителот на актуелното, горливото, ранливото, убавото, грдото и доброто, одмаздољубивото и рамнодушното, тажното и среќното, она што ни е на дофат и во она што е далеку од нас, во трансцедентното и во суровото реално.
На денешната прес-конференција директорот на фестивалот, Небојша Јовановиќ, ја претстави програмата, која изобилува со филмови што користат и класични и екпсериментални концепти, но „ѓаволот“ е меѓу дијалозите, онаму каде што навистина се случува филмот. Тој го соопшти годинешниот добитник на наградата за особен придонес во филмската уметност, српскиот актер Бранислав Лечиќ, како и филмот што ќе го отвори фестивалот. Станува збор за долгометражниот игран филм „Зад стоговите сено“ (Behind the Haystacks), дебито на грчката режисерка Асимина Проедроу, во кој копродуцент е и македонската куќа „Сектор филм“, кој доби десет награди на годишната церемонија на Грчката филмска академија.
„Киненова“ во својата осма едиција се обидува да ги одржи високо поставените стандарди во однос на програмата бидејќи новите авторски филмски гласови сѐ повеќе се присутни и силно одекнуваат како на филмските фестивали така и во киноприкажувачката мрежа во Европа и пошироко.
„Малку повеќе калкулиравме и ги чекавме да завршат фестивалите во Карлови Вари и во Локарно, фестивали во чии програми се вложува огромен труд, посветеност и доверба во младите и перспективни филмаџии. Така и овој пат го создадовме ова наше осмо патување преку осмото сетило со филмови, кои знаеме дека долго ќе се паметат поради нивната авторска умешност и занаетска сензибилност. Главната селекција ја почнвме да ги градиме почнувајќи со два филма од годинешново Берлинале прикажани во главната и во програмата ‘Панорама’: 20.000 вида пчели на исклучителната Баскијка Естибалиц Уресола Солагурен. Во Берлин 11-годишната талентираната Софија Отеро ја понесе наградата ‘Сребрена мечка’ за актерско остварување. Филм за збунетоста на едно дете, кое само се справува со својот идентитет и прашањата на еден затворен екосистем на матријархат на пчеларки во едно баскиско село. Деликатен, полн со нежност филм. Овој филм годинава е кандидат за ‘Оскар’ на Шпанија, вклучен во 40-те играни филма, кои се во трка за европскиот ‘Оскар’, а нејзиниот краток филм ‘Хорда’ исто така е во конкуренција за најдобар краток филм кандидат за Европската филмска награда, и контроверзниот ‘Феемe’ (‘Женствена’), на двоецот Сем Фриман и Нг Чон Пинг од Велика Британија, осведочени поборници за родовата еднаквост и правата на ЛГБТ-заедницата, со своето деби за прославената драгa кралица и уметница Афродита Бенкс соочена со нејзиниот кошмар и справувањето со него. Филм за кој се бараше карта повеќе на Берлинскиот фестивал, а потоа беше прикажан и во Монтреал, Единбург, Сараево итн. Режисерскиот концепт, иако класично развиен, добива своја моќ над гледачот поради неговите одлични ноќни кадри, третиот филм е филмот ‘Празни мрежи’ (јалови мрежи), дебитантски игран филм на познатиот германско-ирски документарист Бехруз Карамиѕаде, кој со една згусната меланхолија ни ги открива љубовните искри на Амир и Наргес, кои ги развиваат своите идни планови наспроти стереотипите на едно патријахално и затворено општество. Малото рибарско село, упорноста на Амир, грижата на Наргес и неговата мајка и околината, која е корумпирана, отсликани се да ја поседува онаа автентичност на познатиот ирански бран на суровиот и поетскиот реализам во исто време. Филмот ја доби специјалната награда за режија на главното жири во Карлови Вари.
Единствениот македонски филм што ги предизвика нашите сетила и нашето внимание, а е во главната компетициска програма, е филмот „Преекспонирано“ на Елеоноира Венинова, филм што диши со една сценаристичка и режисерска свежина и отвора нови дилеми за секоја атракција, која е незаобиколна за нашето око и тело.
Во рамките на „Киненова“ прикажуваме и 4 играни филма од најновата полска кинематографија селектирани од нас, а понудени како партнерска програма на „Киненова“ и „Вистула ФФ“. Годинава, ќе ни гостува директорката на овој фестивал, Малгорзата Скулска, познатиот режисер, сценарист, кинематографер, мултимедијален ументик Лех Мајевски со неговиот најнов игран филм за Брижит Бардо, прекрасната и актерката во филмот „Опасен господин“, Марта Ојрзинска. Другите два филма се филмот на Јан Холубек, „25 години невиност“, „Случајот на Томек Коменда“, рече Гена Теодосиевска, уметнички директор на фестивалот.
На денешната прес-конференција присуствуваше и режисерката на „Преекспонирано“, Елеонора Венинова.
„Големо задоволство ми е што сме селектирани во официјалната програма на ‘МФФ Киненова’ бидејќи ова ќе биде првиот македонски фестивал на кој имаме официјална селекција за филмот, но и бидејќи во некои од поранешните изданија на фестивалот работев и како претселектор на кратките филмови. Светската премиера на филмот се случи во ноември минатата година во Каиро, а во меѓувреме беше на уште десетина фестивали. Следува учество на фестивал во Женева, Луксембург, и на уште еден фестивал, кој сѐ уште не ја објавил програмата, па не смеам да го споменам“, истакна Венинова, која истакна дека особено ѝ е драго што имаме фестивал што го слави првиот, вториот, па и третиот филм на режисерите затоа што навистина е тешко да се добие место, да се биде селектиран на некој фестивал.
Проекциите на сите филмови ќе се одвиваат во „Синеплекс“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Драмскиот театар – Скопје со премиера на копродукциската претстава „Плејбои…“ на 39. фестивал „Град театар“ – Будва

Синоќа, на летната сцена во комплексот „Словенска плажа“ во Будва, Црна Гора, се играше премиера на претставата „Животот на провинциските плејбоји по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“ во режија на Иван Пеновиќ, по текст на Душан Јовановиќ. Претставата е четирипартитна копродукција на НУ Драмски театар Скопје, Белградското драмско позориште, Местното гледалишче Љубљана и продукцијата на „Град театар“ Будва.
Предизвикот да се создаде копродукциската претстава на четирите уметнички куќи е одбележувањето на пет години од смртта на авторот Душан Јовановиќ, кој остави силен печат во театарскиот израз во регионот.
Во програмската белешка за претставата е истакнато дека: „Животот на провинциските плејбоји по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“ е текст од раниот драмски опус на Душан Јовановиќ, напишан во формата на комедија дел арте. „Плејбоите…“ се напишани во 1972 година, а првпат се изведени во Местното гледалишче Љубљана една година подоцна. Напишани се во периодот на исклучително бурни меѓународни и регионални историски движења, во духот на „Сексуалната револуција“ и „Пролетта од 1968 година“, како и под влијание на околностите во тогашна Југославија на кои реагираа уметниците од најмладата генерација. Во нивните дела е присутен таканаречениот „лудизам“ – специфичен одговор на „тешките теми“ што ги отвори повоената генерација млади луѓе. Лудизмот се карактеризира со целосно отсуство на каква било потрага по смисла, одговори или решенија за егзистенцијалните тешкотии; тој повеќе ги прифаќа работите такви какви што се и, наместо да бара излез во дадените околности, дозволува настаните да се одвиваат низ „опуштена игра“. Сето ова важи и за „Плејбоите…“. Тоа е вителот на живата еротика, младост и незаузданата, вечно незаситна страст. Сепак, меѓу редови се насетува и една празнина, суета и егоизам на општеството што постојано трча по уживање. Денес, половина век по ‘68, суетата и бесцелноста остануваат актуелни, а им се придружуваат и трката по материјалниот статус, но и егзистенцијалниот страв.“
На чело на уметничкиот тим на претставата е Иван Пеновиќ, млад хрватски драматург, драмски писател и режисер, кој со својот интегрален и ангажиран пристап веќе се вбројува меѓу највозбудливите автори во регионот. Од 2012 до 2016 година тој работи како драматург во бројни претстави во различни хрватски театри. Од 2014 година редовно ги режира своите текстови. Пресвртница во неговата кариера во 2021 година е наградената претстава „Знаеш ти кој сум јас“, во продукција на ХНК Загреб. Сите негови проекти се примени со воодушевување кај стручната и пошироката јавност и се играат на реномирани фестивали во земјата и странство. Иван Пеновиќ е директор на Драмата во ХНК Сплит .
Покрај Иван Пеновиќ, авторскиот тим го сочинуваат и Соња Должан (превод), Лазе Трипков (сценографија), Александар Ношпал (костимографија), Владимир Пејковиќ (композиција) и Дамир Клемениќ (сценско движење).
Во копродокциската претставата играат актерите од четирите уметнички куќи од регионот: Лазар Христов, Јулита Кропец, Марко Гверо, Соња Стамболџиоска, Лазар Николиќ, Вукашин Јовановиќ, Нејц Језерник, Марјан Наумов и Јована Спасиќ.
Претставата „Животот на провинциските плејбоји по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“ на годинешниот 39. фестивал „Град театар“ Будва ќе биде изведена и вечерва и утре, на 12 и 13 август со почеток во 21 часот на летната сцена во комплексот „Словенска плажа“.
Непосредно по премиерата и двете изведби во Будва, македонската публика ја има можноста копродукциската претставата да ја гледа во недела на 17 август во драмската програма на фестивалот „Охридско лето“. Претставата ќе се игра во 21 часот на „Долни Сарај“.
Култура
(Фото) Многубројната публика на Охридско лето пулсира во духот на афробит-ритамот

Сцената „Долни Сарај“ вчеравечер беше центар на музичките збиднувања во Охрид со концертот на „Охридско лето“ кој го одржаа Националниот џез оркестар и познатиот нигериски музичар, текстописец, вокал и саксофонист, Шеон Кути, под диригентската палка на маестро Џијан Емин.
Кути, познат по своите атрактивни изведби и социјално свесна музика, е најмладиот син на пионерот на афробитот, Фела Кути, поголемиот дел од својот живот го помина зачувувајќи го и продолжувајќи го политичкото и музичкото наследство на неговиот татко како водач на бендот „Еџипт 80“ (Egypt 80). Неговата дискографија со бендот вклучува пет албуми од кои последниот Heavier Yet (Lays The Crownless Head,) издаден минатата година, е продуциран од Лени Кравиц.Шеон Кути е номиниран за наградата „Греми“ во 2018 година и често соработува со врвни џез-музичари.
На програмата беа изведени авторски композиции од богатото творештво на Кути, со аранжмани специјално направени за изведба со биг-бенд оркестар.
– Ова беше премиерна изведба на ваков тип музика бидејќи се нови аранжмани коишто ги работевме со Шеон за овој проект, така што, ова е премиерна изведба. Имаше композиции кои никогаш досега не беа изведени, премиерни се, и не се издадени на ниту еден носач на звук. Размислувавме што би било интересно да направиме а да биде малку поразлично од сите претходни години и констатиравме дека можеби афробит музиката или стилот е добро решение за еден летен концерт на кој луѓето можат да уживаат, да танцуваат и да се веселат на убавите и силни текстови кои повикуваат на љубов, слобода, на револуцуја, на спас за духот, вели диригентот Џијан Емин.
Целата музика што беше претставена вчеравечер, според него, е базирана на танц.
-Мене лично, ме привлекува африканската музика, и ретко се случува да имаме вакви настани. Овој концерт е прва соработка на Националниот џез оркестар со Шеон Кути. Кога бев дел од Македонската филхармонија сум работел со неговиот постар брат Феми Кути со кого одржавме концерт во Градски парк во Скопје, но и еден концерт во Белград пред 25-илјадна публика, појаснува Емин.
Националниот џез оркестар е резултат на напорите на врвните џез-музичари од земјава со интернационална кариера, студенти и професори од џез-академиите во Скопје и Штип, како и на бројните љубители и поддржувачи на џез-музиката во Македонија. Како национална установа постои од 2024 година, а почетоците и првите биг-бенд концерти датираат од 2016 година, во рамките на Здружението на џез-музичари и слободни уметници.
Мисијата на оркестарот е да ја обедини и збогати македонската џез-сцена преку афирмација и популаризација на џез-музиката, како во земјава, така и на меѓународно ниво. Целта на оркестарот е да ја подобри музичката продукција, да едуцира млади таленти и нова публика, и да организира настани кои ќе помогнат во негувањето на џез-културата и културата, воопшто.
Култура
Азиска премиера за „Јон Вардар против галаксијата“

Македонскиот анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ ќе ја доживее својата азиска премиера на крајот на месецов, на 11. издание на Bakunawa Film Festival во Манила, Филипини.
Фестивалот го носи името на „Бакунава“ – митска морска змија од филипинскиот фолклор за која се верува дека предизвикува затемнувања на месечината, и е специјализиран за жанровски филмови: научна фантастика, хорор и анимација. Со проекции, работилници и семинари, Bakunawa Film Festival претставува една од највлијателните платформи во регионот за промоција на жанровскиот филм.
„Чест ми е што филмот ќе биде прикажан токму на фестивал кој го носи името на едно толку моќно и мистично суштество од фолклорот. Пред десетина години работев на проект каде што главниот негативец беше исто така огромна морска змија, па ова го сметам за еден вид митска коинциденција. Инаку, имаме уште неколку селекции во Азија кои дополнително ќе ги објавиме“ изјави режисерот Гоце Цветановски.
„Јон Вардар против Галаксијата“ досега е прикажан на голем број фестивали ширум светот, а освои и две меѓународни награди за најдобар анимиран филм во Италија и Еквадор. Азиската премиера во Манила претставува уште еден значаен чекор во неговото глобално патешествие.