Македонија
Второ издание на Националниот саем за храна и пијалоци „Вкуси ја традицијата“, претставени 400 изложувачи со над 2000 традиционални производи
Денеска во Градскиот парк, се одржува второто издание на Националниот саем за храна и пијалоци „Вкуси ја традицијата“.
Настанот е во организација на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство со поддршка од Слоу Фуд Македонија и Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ), а се одржува под мотото „Taste life, taste tradition“ односно „Вкуси го животот, вкуси ја традицијата“.
Ова е втора година по ред да се одржи саем со ваков обем, на кој се претставија повеќе од 400 производители, со над 2000 домашни производи, кои го презентираат македонското земјоделство и гастрономија.
„Денеска, овде, ја славиме традицијата, но истовремено ја испраќаме и пораката дека зголемување на домашното производство на земјоделски производи и храна е еден од најважните приоритети на Владата. Економската и енергетската криза покажаа колку е важно да произведуваме доволно за дома, но и за извоз, за да ја зајакнеме економијата. Тоа подразбира стратегија која опфаќа повеќе сегменти, од модел на субвенции, капитални инвестиции, советодавни услуги, европски фондови до вложување во човечки ресурси. Затоа, презедовме низа мерки за поддршка на домашното производство на храна, како што е новиот модел за субвенции, капитални инвестиции во водостопанството, поддршката за малите производители на храна, за малите семејни винарии, за младите земјоделци, за жените земјоделки и други мерки. “ потенцираше премиерот Ковачевски.

На настанот, чиј домаќин беше министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.
Присуствуваа бројни гости, претставници на Владата, дипломатскиот кор како и гости од странство, меѓу кои министерката за земјоделство на Србија, Јелена Танасковиќ.
„Овој саем има за цел да ја зачува традицијата, да останат засекогаш зачувани рецептите од нашите баби. Сите оние стари рецепти, запишани во тефтерите кои се предавале од генерација на генерација, како дел од миразот на невестите, сите тие рецепти кријат богатство. Од нив извира љубовта со која нашите баби меселе домашен леб, правеле највкусна зимница, во старите казани се варела домашна ракија, се правело домашно вино. Сѐ има таму. И нашето минато и нашата иднина. Е тоа СЕ денеска го имаме овде, распослано на тезгите на малите производители-чувари на традицијата, чувари на локалното, на домашното, на оригиналното“ рече министерот Николовски.
Националниот саем се одржува втора година по ред во заедничка соработка со Слоу Фуд Македонија, а прв пат со поддршка на Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ).
Саемот дишеше во ритамот на домашната македонска музика, посетителите уживаа во вкусовите на тазе подготвена храна, се пробуваше од се по малку, за да може да се почувствува целиот тој колорит од бои, вкусови, мириси, звуци, детски џагор и насмеани лица. За сѐ да биде совршено, се погрижија нашите соработници малите производители, кои на своите тезги нудеа оригинални брендови на ајвар, пинџур, маџун, намази, слатка, сирења, кашкавали, домашни сокови и разни други напитоци, подготвени по традиционални рецепти. Во името на сите нив се обрати младиот земјоделец Филип Димкоски од Прилеп, кој е дипломиран земјоделски инженер и производител на храна.
На просторот во Градски парк, беа поставени 80 штандови, се готвеше вкусна традиционална храна од познати готвачи, разиграно беше и детското катче, со цел на децата одблизу да им се претстават домашните земјоделски производи, храна, пијалоци и автохтони сорти на семиња. За целосна позитивна атмосфера, посетителите освен во вкусовите на домашна храна и пијалоци уживаа и во звуците на музичката етно група „Баклава“.
Националниот саем „Вкуси ја традицијата“ е уште една успешна приказна која произлезе од одличната соработка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопнаство и малите производители, младите земјоделци и жените земјоделки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Левица: Ќе поднесеме предлог – закон за департизација и искоренување на непотизмот во јавното здравство
Пратеничката група на Левица до Собранието на Република Македонија ќе поднесе Предлог-закон за укинување на дискреционото право на директорите во јавното здравство при вработување, со кој се воведува обврска за избор на најдобро рангираните кандидати на транспарентни конкурси со јасни, мерливи и проверливи критериуми, соопштија од партијата.
Од таму појаснуваат дека со Предлог-законот се прави неопходен и одлучен чекор кон дефинитивно укинување на децениските практики на непотизам, партизација и клиентелизам, преку елиминирање на дискреционите овластувања и воведување задолжително почитување на ранг – листите и објективните критериуми при вработување.
„Јавното здравство со децении е оптоварено со системски непотизам, партизација и клиентелизам, каде што роднинските врски и партиската подобност се вреднуваат повеќе од стручноста, знаењето и професионалниот интегритет. Дискреционото право на директорите се претвори во институционализиран механизам за репродукција на привилегии, со што јавното здравство функционира како затворен систем на наследни и партиски вработувања. Како директна последица на ваквите политики, најквалитетните и највисоко рангираните здравствени работници се системски оттурнати од јавното здравство и принудени својата професионална кариера да ја продолжат во приватните здравствени установи во државата, каде што нивното знаење станува пазарна стока или во здравствените системи во странство, каде што државата практично го извезува сопствениот образуван кадар од државните универзитети“, велат од партијата.
Овој двоен одлив, кон приватниот сектор и кон странство, додаваат од Левица, претставува тежок удар врз јавното здравство.
Според Левица, државата инвестира во образование и обука на здравствени работници, а придобивките од таа инвестиција ги собираат приватните профитни структури, други држави или промена на професијата. Истовремено, велат од Левица, Фондот за здравствено осигурување сноси дополнителни трошоци за лекување во приватни установи и во странство, додека пациентите продаваат дел од својот имот да се лекуваат во приватни клиники или други држави.
„Јавното здравство мора да биде систем на знаење, одговорност и еднакви шанси, а не поле за семејни и партиски привилегии. Левица ги повикува сите пратеници во Собранието да го поддржат овој Предлог-закон и да застанат на страната на јавниот интерес, здравствените работници и пациентите. Поддршката на овој закон е јасен показател дали се брани јавното здравство или се продолжува со заштита на непотизмот и клиентелизмот“, велат од Левица.
Македонија
Продлабочување на стратешкото партнерство со САД во фокусот на средбите на Гаши во Вашингтон
За време на работната посета на Вашингтон, претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Даниел Џ. Лотон, заменик-помошник секретар во Бирото за европски и евроазиски прашања на Стејт департментот на САД.
„На оваа средба беше потврдено непоколебливото партнерство меѓу двете земји, изградено врз заеднички демократски вредности, посветеноста на владеењето на правото, борбата против корупцијата и посветеноста на меѓународниот мир и стабилност. Соговорниците разменија мислења за актуелните геополитички настани, безбедносните предизвици и конструктивната улога на Република Северна Македонија како фактор на стабилност во Западен Балкан“, соопштија од Собранието.
Гаши информирал за континуираните напори за полноправна интеграција во Европската унија и изразил благодарност за континуираната поддршка на САД во процесот на реформите.

Гаши на средбата беше придружуван од потпретседателите на Собранието, Антонијо Милошоски и Јован Митрески, како и од владината делегација, составена од министерот Стефан Андоновски, Златко Пирински и генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев.
По средбите во Вашингтон, Гаши се сретна и со Филип Рикер, поранешен амбасадор на САД во Република Северна Македонија и докажан пријател на земјата, со кого разговарале за неодамнешните политички настани и продлабочувањето на стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави.
На средбите биле потврдени одличните билатерални односи и заедничката посветеност за продлабочување на трансатлантската соработка.
Македонија
СДСМ ги осуди заканите и навредите кон новинарот Видиновски: Институциите да реагираат
„СДСМ најостро ги осудува заканите и личните навреди кон новинарот Александар Видиновски, кон граѓаните и директорот на Канал 5 Телевизија од бугарски државјани“, велат од СДСМ.
„Говорот на омраза, заканите и навредите се недозволиви, претставуваат атак врз целата новинарска професија, слободата на говорот и слободата на информирање кои се европски вредности.
Ги повикуваме институциите да реагираат и да ги преземат сите мерки за санкционирање“, соопшти СДСМ.

