Македонија
Постојано се зголемува бројот на мекедонски граѓани во Израел кои бараат помош од институциите, велат од МНР
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2023/10/11762646.jpg)
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес, на својот колега, министерот Ели Коен, му изрази сочувство за жртвите и последиците, притоа силно осудувајќи ги континуираните напади врз Израел, кои започнаа со вчерашниот напад од страна на Хамас. Османи го реафирмираше ставот на Министерството, за итно ослободување на сите цивили кои се држат во заложништво од страна на Хамас, како и итно прекинување на било какви насилни дејствија врз Израел.
Со оглед на влошената безбедносна состојба утрово, министерот за надворешни работи, Бујар Османи по итна постапка оформи кризен штаб во рамките на Министерството, чија задача е да ги следи, координира и систематизира сите постапки поврзани со нашите државјани кои се наоѓаат во и околу загрозените подрачја, и на кои им биде потребна помош или асистенција за нивно безбедно евакуирање.
Според информациите на Амбасадата на Република Северна Македонија во Тел Авив, како и според јавувањата на СОС телефонот во Министерството за надворешни работи во Скопје, во Израел и на Западниот Брег постојано се зголемува бројот на наши државјани кои се пријавуваат дека се затечени во и околу загрозените подрачја. Со сите пријавени наши државјани се одржува постојан контакт од страна на Амбасадата, при што се преземаат подготвителни мерки за евентуална асистенција за нивната безбедна евакуација, велат од МНР.
Покрај активностите на Амбасадата во Израел, утрово е испратена итна инструкција до дипломатско-конзуларната мрежа на Република Северна Македонија во околните земји, за нивна посебна подготовка за евентуални активности и нивна 24 часовна достапност како за централата во Скопје, така и за евентуалната комуникација со граѓаните. Дипломатската мрежа е во контакт и со колегите од дипломатските претставништва на пријателските земји, кои исто така се во подготовка за организирана асистенција на затекнатите граѓани во и околу загрозените подрачја.
„Уште еднаш ги повикуваме нашите граѓани кои во моментов се наоѓаат во Израел да ги почитуваат упатствата на безбедносните власти на Израел, како и да се пријават во амбасадата во Тел Авив или на дежурните телефони во централата во Скопје“, велат од МНР.
Подетални информации околу актуелните состојби можат да се најдат на следната веб страница: https://www.oref.org.il/12481-en/Pakar.aspx
За повеќе информации, на располагање се СОС дежурниот телефон на Министерството за надворешни работи 075/ 273- 732, како и дежурниот телефон на Амбасадата во Тел Авив +972-54-926-7378
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Македонија
Почина поранешниот пратеник на СДСМ, Миле Андонов
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/06/pratenik.jpg)
На 62-годишна возраст, денес во Кочани, почина поранешниот пратеник од редовите на СДСМ, Миле Андонов.
Неговите сопартијци се збогуваа со него на социјалните мрежи.
„Сочувство до семејството, роднините и пријателите на трагично починатиот Миле Андонов, наш почитуван другар и сопартиец. Андонов даде значен придонес во развојот на Кочани, но и во политичко-економскиот живот во земјата, како пратеник во Собранието од редовите на СДСМ, но и како силен поддржувач на реформските процеси, на прогресивните, социјалдемократски политики. Нека почива во мир“, се наведува на страницата на СДСМ на „Фејсбук“.
Тој беше дипломиран економист, а во три мандати, во периодот од 2008 до 2016 година беше дел од пратеничката група на СДСМ.
Македонија
Парада на гордоста во Скопје под мотото „спектакуларно непослушни“
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/06/parada-na-gordosta-skopje.jpg)
Под мотото „Спектакуларно непослушни!“ вечерва во Скопје се одржува петтата Парада на гордоста.
Учесниците се собраа во паркот „Жена-борец“, по што го почнаа протестниот марш низ градските улици кој завршувa на стадионот на АРМ во Градскиот парк со богата музичка програма.
Организаторите велат ова е еден ден кога ЛГБТИ луѓето можат да бидат видливи, свои и автентични.
Македонија
(Видео) Ковачевски: Владината Програма во делот на економијата е општа, без бројки за просечната и минималната плата
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/06/thumbnail_Димитар-Ковачевски.jpg)
Во владината програма има неконзистентни делови и ставови. Што се однесува до економијата која е најзначајна за едно општество, најавите се општи, без конкретни бројки за зголемување на просечната и минималната плата, рече претседателот на СДСМ и пратеник во македонското Собрание, Димитар Ковачевски во денешното обраќање.
-Добро е што има продолжување на досегашните владини политики за поддршка на инвестициите и за македонските компании. За разлика од периодот до 2016 година кога од страна на ВМОР-ДПМНЕ беа поддржувани само странски компании. Но има неконзистентност во ставовите на ВМРО-ДПМНЕ да не се зголемува задолжувањето на државата. Сега кога заврши кризата несоодветно и неконзистентно е да се најавува зголемување за 8% на националниот долг на Македонија. Со каматите некаде на крајот на тој период ќе дојде до 10% зголемување на јавниот долг. Неконзистентност од јавно декларирање за не зголемување на долгот кон зголемување на долгот од 10% веднаш при доаѓањето на новата Влада, рече Ковачевски.
Во делот на инфраструктурата сите предложени елементи во делот на програмата се продолжување на сите стратешки проекти на досегашната Влада предводена од СДСМ, додаде Ковачевски.
-Тука пред се мислам на Коридорот 8 и Коридорот 10Д коишто исто така од ВМРО-ДПМНЕ беа квалификувани како криминални проекти, изведувачите беа квалификувани како криминални организации. Дури како што ја читам програмата провејува дека ќе им бидат доверени и други проекти, додаде Ковачевски.
Во однос на персоналниот состав на Владата, Ковачевски посочи дека од сегашното владино мнозинство беа искажувани негативни лични квалификации за луѓе кои сега се предложени за министри, како што е примерот со Таравари.
-Укажав на тројца пратеници дека давање лични квалификации не е добро. Со оглед на тоа дека господинот Таравари беше најнапаѓан за политичка корупција. Им укажав дека неговата политичка траекторија имплицира дека еден ден ќе треба да гласаат за него. Сега доаѓа тој ден кога ВМРО-ДПМНЕ ќе треба да гласа за Таравари за министер за здравство, рече Ковачевски.