Свет
Полицијата во Калифорнија со помош на ДНК го реши бруталното убиство на една млада жена во 1983 година

Маж е уапсен и обвинет за убиство откога ДНК го поврза со жена што беше брутално претепана и оставена да умре во парк во Северна Калифорнија пред четири децении.
ДНК-доказите го поврзуваат Алфредо Каретеро Јуниор од Лејкпорт, Калифорнија, во убиството на 37-годишната Ноел Русо, според канцеларијата на окружниот обвинител на округот Сонома.
Претходно ,беше објавено дека Каретеро можеби има корисни информации за случајот, но тој дури сега е официјално обвинет.
Русо, која беше крунисана за мис во 1962 година, последен пат беше видена на 24 јуни 1983 година. Пријателите рекле дека се скарала со своето момче и заминала во куќата на својата пријателка во Санта Роса, пренесува „Индипендент“.
Еден пријател наводно ја возел за да може да се врати со автобус до нејзиниот стан во паркот Ронерт. Три дена откако последен пат беше видена, седумгодишно момче го откри нејзиното голо и претепано тело зад канцеларијата за недвижности во областа Ронерт Парк – мало гратче на 80-ина километри северно од Сан Франциско.
Русо била претепана до смрт со дрвен предмет. Единицата за истраги за насилни злосторства во тоа време почна истрага за убиство. Иако во текот на годините беа собрани значителен број докази што доведоа до одредени сомнежи, немаше уапсени, соопштија од канцеларијата на шерифот на округот Сонома.
Немаше напредок во случајот до 2010 година кога детективите почнаа да испраќаат докази за ДНК-анализа до лабораторијата за криминал во округот Санта Клара и Институтот за серолошки истражувања. Канцеларијата на шерифот вели дека Каретеро бил еден од првите луѓе поврзани со случајот.
ДНК и други докази сега го идентификуваа како осомничен, додадоа од канцеларијата на шерифот.
65-годишниот Каретеро се наоѓа во затворот за возрасни во округот Сонома и е задржан без кауција. Неговото следно судење е закажано за 18 октомври. Не е јасно дали ја познавал жртвата. Детективите веруваат дека Русо можеби налетала на некого додека чекала автобус до паркот Ронерт, пренесува SFGate.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Лавров: Русија постепено се оддалечува од терминот „непријателскa земји“

Русија постепено се оддалечува од терминот „непријателски земји“, постојат само земји со влади кои не се пријателски настроени кон Москва, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
„Постепено се оддалечуваме од терминот непријателска земја, иако тој останува во законодавството“, објави Лавров на прес-конференција посветена на подготовките за „Интервижн“, пренесува ТАСС.
Лавров одговори дека Русија нема непријателски земји, туку дека постојат само земји кои „имаат непријателска влада во однос на Руската Федерација“.
Фото: принтскрин
Свет
Затворени плажи во Хургада поради појава на ајкули

Неколку плажи во египетските одморалишта Хургада и Макади беа затворени во последните денови откако ајкули беа забележани во близина на брегот. Ова го објавуваат локалните медиуми.
Според туристите, неколку хотели одлучиле да ги затворат своите плажи како мерка на претпазливост, додека некои од нив во меѓувреме се отвориле повторно.
Како што објавуваат медиумите, експертите предупредуваат дека видови како што се тигрести и леопардски ајкули, кои се сметаат за особено опасни за луѓето, може да се појават во Црвеното Море. Поради оваа причина, се препорачува да се биде дополнително внимателен и да се почитуваат сите мерки пропишани од одморалиштата и службите за спасување, според написите.
Фото: принтскрин
Свет
Подготвени сме за секакво сценарио за време на посетата на Трамп, објави британската полиција

Британската полиција објави дека е целосно подготвена за сите можни ситуации и сценарија пред државната посета на претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, оваа недела.
– Многу сум задоволен што испланиравме многу сеопфатен план за полициска и безбедносна операција што ги зема предвид речиси сите можни сценарија што би можеле да се случат – изјави помошникот на главниот комесар Крисјан Бант од британската полиција.
Бант изјави дека ќе бидат присутни значајни, многу видливи полициски сили, но одби да го прецизира бројот на распоредени полицајци.
Тој, исто така, објави дека воздушниот простор над замокот Виндзор ќе биде затворен, а специјализираните полицајци ќе бидат подготвени да се справат со секаков протест што може да се случи.
Британскиот крал Чарлс ќе го пречека Трамп во замокот Виндзор утре, пред американскиот претседател да ја продолжи својата посета во четврток на имотот на британскиот премиер Кир Стармер.
Фото: принтскрин