Македонија
Тренчевска: До крајот на месецот ќе имаме мерки со кои ќе го поддржиме стандардот на пензионерите
До крајот на месецот ќе имаме конкретни мерки со кои ќе го поддржиме животниот стандард на пензионерите, особено на оние пензионери со ниски пензии, изјави министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.
Министерката тврди дека не споменала покачување на пензиите за 6,8 отсто ниту таа ниту, пак, кој било друг претставник на Владата.
„Претпоставувам од која кујна е излезено 6,8 проценти затоа што 6,8 ниту јас ниту кој било претставник на Владата не изјавил такво нешто. Моите изјави беа помеѓу 5 и 6 и околу 6, меѓутоа секогаш велев ќе ги почекаме податоците од Државниот завод за статистика (ДЗС)“, рече министерката прашана за коментар за изјавите на пензионерите дека со покачувањето од 5,3 отсто добиле само од 200 до 300 денари.
„Не може да биде 200-300 бидејќи процентот е 5,3 според податоците на Државниот завод за статистика“, рече Тренчевска.
Ако има некој 200 или 300, порача министерката, слободно нека пријави во МТСП затоа што тоа е систем на пресметка.
„Јас не верувам дека некој има 200 или 300 денари добиено зголемување, односно усогласување, затоа што ако најниската пензија беше 12.500, на тоа кога ќе пресметате 5,3, е околу 800 денари“, изјави Tренчевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова со Ахмет бин Мохамед Ал Џарван: мирот и толеранцијата се императивни претпоставки за демократија
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ахмет бин Мохамед Ал Џарван, претседател на „Глобалниот совет за толеранција и мир“, во придружба на неговите соработници.
Информирајќи дека семејството на пријателите на „Глобалниот совет“ постојано се проширува, Ал Џарван потенцираше дека стотина парламенти, ширум светот, потпишале меморандуми за соработка со оваа препознатлива и почитувана институција.
Тој, во парламентарната демократија и во меѓукултурниот дијалог препознава мировни механизми за промоција и гаранција на мирот и толеранцијата на сите нивоа и во сите средини.
Претседателката ја поздрави хуманата мисија на Глобалниот совет, истакнувајќи дека е добредојдена и делотворна во амбиент на сериозни безбедносни закани.
За неа, Меморандумот за соработка, којшто деновиве го потпиша Глобалниот совет со македонското собрание е чекор напред во одбраната и поттикнувањето на хуманите цели на човештвото, без оглед на разликите по било кој основ.
Таа особено се радува на потпишаниот договор за стипендии на студенти од Правниот факултет „Јустинијан Први“, нејзината матична институција, како охрабрувачки за најдобрите студенти, но и оние со лоша материјална положба и неопходна потреба од финансиска помош.
За соговорниците, мирот и толеранцијата се императивни претпоставки за демократија, развој и просперитет во национални, регионални и меѓународни рамки.
Македонија
(Видео) Во Ресенско поплавени над 50 куќи, магацински простори и земјоделско земјиште, состојбата се следи во сите засегнати региони, соопшти ЦУК
Поради обилните врнежи, на подрачјето на Општина Ресен дошло до излевање на Болнска и Источка река во селата Царев Двор и Дрмени, при што се поплавени над 50 куќи, магацински простори, визби и земјоделско земјиште, соопшти Центарот за управување со кризи.
„Поплави се евидентирани и кај с. Долна Бела Црква од излевањето на Голема Река, чиј моментален водостој изнесува 210 см.
Ангажирани се екипи на јавните претпријатија, „Македонија пат“, ЈКП „Пролетер“, како и приватни машини – вкупно 7 пумпи за испумпување вода и повеќе багери за расчистување и интервенции. Во населбата Црквиште се користат сите расположливи пумпи за санација на поплавените објекти.
ЈП “Македонија пат“ информира дека на повеќе делници има наноси од земја, кои се расчистуваат по приоритет“.
Директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али, нагласуваат од ЦУК, е во постојана координација со градоначалниците на засегнатите општини.
„Поради обилните врнежи во повеќе региони низ државата се зголемени водостоите на реките, а има и поплавени терени, подруми и земјоделски површини. На терен се ангажирани екипи на јавните претпријатија, механизација и приватни компании за испумпување вода, расчистување и интервенции.
Состојбата, според ЦУК се следи во сите засегнати региони: Ресен, Битола, Демир Хисар, Охрид, Крива Паланка и околината.
„Дежурни екипи остануваат на терен и во текот на ноќта, а Центарот за управување со кризи будно ја следи состојбата и за понатамошни интервенции“.
Фото: принтскрин
Македонија
Фетаи на свечена академија по повод Денот на азбуката на албанскиот јазик, во чест на Конгресот на Битола и албанското културно наследство
Заменик претседателот на Владата задолжен за политики за добро владеење, Арбен Фетаи присуствуваше на свечената академија организирана од Институтот за духовно и културно наследство на Албанците – Скопје и Владата на Република Северна Македонија, по повод Денот на азбуката на албанскиот јазик.
За време на својот говор, го нагласи историското значење на Конгресот на Битола во 1908 година и неговата одлучувачка улога во унифицирањето на албанската азбука, како една од главните столбови на албанскиот национален идентитет. Тој го подвлече придонесот на преродбениците и истакнатата личност на Мид’хат Фрашери, како и значењето на печатницата „Башкими и Комбит“ во развојот на албанските изданија.
Фетаи ја пофали и посветеноста на колекционерот и истражувачот Нико Котерија и на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците во Скопје, кои ја отворија изложбата „Конгресот и Печатницата“ како омаж на албанското културно наследство.
На крајот, тој ја потврди посветеноста на Владата за заштита, негување и промоција на албанскиот јазик, култура и идентитет, сметајќи ја оваа задача за национална и граѓанска одговорност.

