Македонија
Апасиев: Измените на Деловникот на Собранието се удар против демократијата

„Пречистените текстови на законите се рак-рана за правниците, прашајте ги во пракса. Не се воведува една многу едноставна одредба, да мора закон кој е менуван над 2 или 3 пати да е со пречистен текст. Не е тоа филозофија! Имаме закони кои се менувани по 20 пати. Следниот проблем кој не сакате да го решите е неодзивањето на поканите на јавни функционери. Во САД не може да се случи некој во Конгресот да не дојде ако е повикан. Немаме реперкусија за функционер кој ние го бираме, ако не ни дојде еднаш, два пати, три пати, пет пати. Имаме ситуации кога цела година, цел мандат не доаѓа Јавен обвинител! Со паушални образложенија дека не може, дека е во странство, ваму-таму. Една одредба е, не е тоа филозофија некоја! Ставаме став каде што неодзивање на покана од Собрание е основ за разрешување, па нека си ја чукаат главата потоа дали нема да дојдат или ќе дојдат“, рече претседателот на Левица, Димитар Апасиев на Комисијата за Деловнички и мандатно-имунитетни прашања за измените во Деловниот за работа на Собранието.
„Следното е дискрецијата, затоа реков султанат! Наместо да го деконцентрираме спикерот, ние уште толку му даваме ингеренции!
Зошто Претседател на држава да не може да побара да се свика Собрание? Зошто Владата да не може да побара да се свика Собрание? Зошто 20 пратеници пак, или ако не сакате 20, може повеќе, ама кога ќе побара дел од органот да се свика седница, тоа не е некоја филозофија, не е којзнае што!
Го легализирате шверцератот со ЕУ знаменце. За јавноста да биде појасно, што е суштината на шверцератот: досега, шверцератот се правеше преку Комисијата за Европски прашања. Ако нешто не може да помине, се става европско знаменце и оди таму. Во новиов Деловник, сите закони во следниот парламентарен состав ќе бидат како сегашниот со европско знаменце. Тогаш, чуму ви е опозиција? Ова е единствениот орган каде што ние како опозиција може да ја натераме власта да преговара. Не можеме во Влада, тука можеме! Америка која е најстара демократија, не се осмелила филибастерот да го укинува, сега вие ќе го укинете?
Три дена? Јал-не јал, битка со ветерници, зошто да земам збор јас првиот ден кога знам дека на третиот ден вие ќе си го поминете законот? Зборувам, можеби во иднина Левица нема да биде опозиција, меѓутоа, принципиелно зборуваме, за било кој тука да е опозиција. Ова е парализа на парламентаризмот којшто го предлагате. Затоа, Левица нема бланко поддршка на овој процес и затоа Левица ќе даде суштински амандмани за кои верувам ќе преговараме, дека нема да идеме на нож во овој процес, за да на крај во ноември или декември си го изгласате како најмал заеднички соддржател на овие сили кои се собрале, политички сили кои се собрале во овој парламентарен состав за да работат во следниот“, додаде Апасиев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Почина Панчо Минов, поранешен пратеник и градоначалник на Кавадарци

На 67-годишна возраст денеска почина Панчо Минов, поранешен градоначалник на Кавадарци и поранешен пратеник во Собранието.
Панчо Минов беше дипломиран правник и политичка фигура со повеќедецениско искуство. Тој два пати беше избран за градоначалник на Општина Кавадарци – прво како кандидат на Либералната партија (2000–2005), а потоа како независен кандидат (2005–2009).
Минов имаше и пратеничка кариера, учествувајќи во повеќе состави на Собранието.
Првпат беше избран во првиот повеќепартиски состав (1990–1998), а подоцна повторно стана пратеник преку ГРОМ (2016–2020) и СДСМ (2020–2024).
Македонија
Уште колку луѓе треба да настрадаат за Панче Тошковски да почувствува одговорност, прашуваат од СДСМ

Министерот Панче Тошковски без око да му трепне јавно соопшти дека не чувствува никаква одговороност за колапсот на безбедносниот систем и фактот што на улиците се пука како да сме Див Запад, велат од СДСМ.
Според нив, последиците од партизацијата на полицијата и претоварењето во партиски сервис на ДПМНЕ скапо ги чини граѓаните.
„До кога мисли Тошковски да се криe зад политички реторики додека улиците стануваат небезбедни за граѓаните?
Не е само последното пукање во Куманово, непрекинатиот раст на вооружените и насилни инциденти во различни градови е сигнал за целосно системско потфрлање на безбедниот апарат, нема ниту превенција ниту соодветна реакција.
За тоа мора да има одговорност“, додаваат од оваа партија.
Македонија
Парични казни за три градинки и едно училиште по спроведени инспекциски контроли во кујните

Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), во септември годинава спроведоа инспекциски контроли во училишните и кујните во градинките на територијата на цела држава. Спроведени беа 91 контрола во градинки и 23 вонредни надзори во училишта.
За утврдените недоследности, издадени се 9 решенија со наредби за нивно отстранување. Во две градинки, хигиената не била задоволителна во кујните, а една градинка немала спроведено задолжителен здравствен преглед на вработениот персонал во кујните. Парични казни изречени се за 3 градинки, и поради несоодветно чување, уништени се 24 килограми храна.
Од спроведените контроли во училиштата, незадоволителни услови констатирани се само во една училишна кујна. Отстапки во однос на добрата производствена и добра хигиенска пракса утврдени се во две кујни. Поради погрешно декларирање, уништени се 59 килограми храна.
Инспекциските служби на АХВ за утврдените недоследности со контролите во училишните кујни изрекле 1 парична казна и донеле 5 решенија со наредба за нивно отстранување.