Македонија
Николоски: Македонија не даде кредибилен демант дека власта не ја прислушува опозицијата
Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, го поддржа извештајот на СЕ за злоупотреба на прислушувањето и следењето во својот говор во Советот на Европа.
„Би сакал да го поддржам овој многу важен извештај. Со право се вели дека – Собранието треба да ја осуди употребата на шпионски софтвер од страна на државните органи за политички цели, што е прекршување на правото на почитување на приватниот живот и другите права гарантирани со Европската конвенција за човекови права. Употребата на шпионски софтвер од типот ‘Пегазус“ треба да се ограничи на исклучителни ситуации како последна мерка, за вистински и сериозни закани за националната безбедност или специфични и дефинирани тешки кривични дела“, вели Николоски.
„Државите што наводно го користеле ‘Пегазус’ за нелегитимни цели треба да го информираат Собранието и Венециската комисија за неговата употреба, да спроведат ефективни истраги и да обезбедат обесштетување на жртвите.
Сите земји-членки треба да се воздржат од користење на овој вид шпионски софтвер додека нивната законска рамка за тајно следење не биде целосно усогласена со барањата на Конвенцијата, како што оцени Венецијанската комисија.
Во мојата земја Македонија постои голема загриженост дека Владата незаконски користи злонамерен софтвер за пресретнување на комуникацијата на опозицијата, вклучително и мене, како и на лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, и други политичари од високо ниво. Побаравме собраниски надзор, но не добивме кредибилен демант дека во Македонија нема надзор на граѓаните со таканаречен злонамерен софтвер или напреден софтвер, кој буквално влегува во домот на граѓаните“, истакна потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Она што исто така можам да го кажам е дека ние како најголема политичка партија во Македонија имаме сериозен сомнеж дека сме под континуиран физички надзор како опозициски политичари, што најверојатно незаконски го прават одредени структури кои се во безбедносниот сектор во државата.
Она што исто така можам да го кажам е дека дел од овој вид на злонамерен софтвер е произведен во Македонија. Една компанија, компанијата „Ситрокс“, веќе е на црната листа на САД токму поради оваа работа.
Од 2021 година, различни истражни извештаи открија дека владите на неколку земји-членки на Советот на Европа набавиле и користеле шпионски софтвер наречен Пегазус. Владата на мојата земја е една од нив. Големо прашање е, како се користи и за што?
Постои големо сомневање дека се користи за политички цели при што се кршат човековите права, за ова мора да се спроведе соодветна истрага, а одговорните мора да се изведат пред лицето на правдата за криминалот што го направија со незаконско користење на ваков софтвер за незаконско следење и прислушување на опозицијата“, додаде Николоски во својот говор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пратениците на СДСМ утре ќе поднесат предлог за надзорна расправа и Анкетна комисија за Кочани
Пратениците на СДСМ и Коалицијата утре ќе поднесат предлог до Собранието за надзорна расправа и формирање посебна Анкетна комисија за целосно и независно испитување на трагедијата во „Пулс“ објави претседателот на СДСМ, Венко Филипче повикувајќи ги сите пратеници да ги поддржат.
„Пратениците на СДСМ и Коалицијата ги поддржуваат барањата на семејствата на загинатите и повредените во Кочани и утре ќе поднесат предлог до Собранието за надзорна расправа и формирање посебна Анкетна комисија за целосно и независно испитување на трагедијата во „Пулс“, за утврдување на вистината и одговори на сите прашања.
На денешната координација на пратеничката група на СДСМ и раководството на партијата оценивме дека ова се неопходни чекори за проверка на постапувањето на сите институции, утврдување на политичка одговорност, како и подготовка на понатамошни мерки и решенија за вакви трагедии никогаш повеќе да не се случат во Македонија.
Ги повикувам сите пратеници од сите политички партии да ги поддржат овие иницијативи во македонското Собрание.“ стои во објавата.
Македонија
Минчев во Рим: усвоена новата декларација за реформи на јавната администрација во Западен Балкан
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, учествуваше на 17. седница на Управниот одбор на Регионалното училиште за јавна администрација (ReSPA) на министерско ниво, која се одржа во рамките на конференцијата „Партнерство за реформи: Министерски дијалог Западен Балкан – Италија“ во Рим, Италија.
На седницата беа презентирани и усвоени Годишниот извештај за периодот од 19 октомври 2024 до 19 октомври 2025, кој ги акцентира постигнувањата во реформите на јавната администрација, како и Буџетот за 2026–2027 година, кој обезбедува континуитет во активностите и поддршката за земјите од регионот.
Изгласана беше и Министерската декларација за реформа на јавната администрација, која потврдува заложбата за регионална соработка.
Оваа година декларацијата се фокусира на модернизација, дигитализација и унапредување на соработката со земјите членки на ЕУ.
Седницата заврши со предавање на претседателството на Управниот одбор на ReSPA беше свечено од министерот за јавна администрација на Црна Гора, Мараш Дукај, на министерката за јавна администрација и локална самоуправа на Србија, Снежана Пауновиќ.
Во рамките на оваа значајна регионална иницијатива, министерот Минчев со своето учество повторно ја потврди континуираната поддршка на Република Македонија за унапредување на реформите во јавната администрација, зајакнување на регионалната соработка и интеграцијата во европските административни стандарди.
Македонија
Два авиони наместо во Скопје пренасочени во Приштина поради силен ветер
Два вечерни лета кои требаше да слетаат на скопскиот аеродром, се пренасочени кон Приштина поради неповолни услови за слетување.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, изјави дека во скопскиот регион дува силен јужен ветер, кој создава проблеми за безбедно слетување:
„Поради силен јужен ветер, кој го зафати скопскиот регион, два авиони се пренасочени за слетување кон приштинскиот аеродром, додека други два сè уште кружат и чекаат насоки за слетување“, рече Ангелов.
Според информациите, ветерот дува на поголема височина, што дополнително ги отежнува процедурите за приод и слетување на скопскиот аеродром.

