Свет
Украина: Русите нападнаа пристаниште на Дунав со дронови, ние соборивме 29 од 33

Русија изврши напад со беспилотни летала врз пристанишната инфраструктура на украинското пристаниште на Дунав предизвикувајќи штета на витална извозна рута во регионот Одеса на југот, соопштија украинските власти и војската.
Гувернерот на регионот Одеса, Олег Кипер, изјави дека пристанишната инфраструктура и станбените згради биле оштетени во ноќниот напад во областа Измаил, каде што се наоѓаат украинските пристаништа на Дунав.
Пожарите предизвикани од нападот се изгаснати, напиша Кипер на апликацијата за пораки „Телеграм“, додавајќи дека една жена е хоспитализирана со изгореници.
Русија ги засили нападите врз пристанишната инфраструктура од средината на јули кога се откажа од договорот постигнат со посредство на ОН, што овозможи безбеден премин на украинските пратки со жито преку Црното Море. „Ројтерс“ не можеше независно да ја потврди информацијата. Немаше коментари од Русија.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека 28 од 33-те дрона „Шахед“ лансирани од Русија се соборени додавајќи дека системите за противвоздушна одбрана функционираат во најмалку шест украински региони.
Украинската оперативна команда „Југ“ претходно објави дека 10 беспилотни летала се соборени над областа Одеса, каде што е оштетен магацинот, а четири над соседниот регион Миколаев.
Во обид да се заобиколи системот за противвоздушна одбрана, беспилотните летала летаа од разни правци користејќи сложени траектории и карактеристики на теренот, се вели во соопштението.
Дополнително, еден маж на возраст од 70 години е убиен за време на руското гранатирање на село во регионот Херсон, исто така на југ, изјави гувернерот Олександр Прокудин.
Русија спроведува редовни воздушни напади врз градови и населени места во Украина од почетокот на нејзината целосна инвазија во февруари 2022 година. Таа негира дека цели на цивили.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Путин денеска изјави дека преговорите со САД во Алјаска биле „многу искрени и содржајни“

Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека преговорите со САД во Алјаска биле „многу искрени и содржајни“ и ги приближиле двете страни до донесување на неопходните одлуки.
– Разговорот беше многу отворен и по мое мислење нѐ доближува до потребните решенија, рече Путин на состанок во Кремљ посветен на резултатите од преговорите во Анкориџ.
Тој додаде дека долго време не биле водени преговори од ваков вид на толку високо ниво и дека имал можност „смирено и детално“ да ја изложи руската позиција. Според него, се дискутирало за сите аспекти на билатералната соработка, но главниот акцент бил ставен на можностите за праведно решавање на украинската криза.
На состанокот во Кремљ присуствуваа премиерот Михаил Мишустин, претседателот на Државната дума Вјачеслав Володин, раководителот на претседателската администрација Антон Вајно, како и секретарот и заменик-претседателот на Советот за безбедност Дмитриј Медведев и Сергеј Шојгу. Присуствуваа и вицепремиери, министри, како и гувернерката на Централната банка, претставници на ФСБ, Генералштабот и Рускиот фонд за директни инвестиции.
Путин најави дека детално ќе ги информира учесниците за разговорите со американскиот претседател Доналд Трамп. Состанокот во Кремљ продолжи зад затворени врати.
Регион
Црна Гора се бори со пожари

Седми ден по ред пожарите во Црна Гора не стивнуваат, а најкритично е во Подгорица, каде што и покрај тоа што ситуацијата е под контрола.
Началникот на Дирекцијата за цивилна заштита и намалување на ризици од катастрофи, Љубан Тмушиќ, соопшти дека најзагрозени области се Пипери и Кучки Корита. – Во овие подрачја се ангажирани сите расположливи ресурси – 12 возила и 42 пожарникари, рече Тмушиќ.
Посебна закана претставуваат и таканаречените „подземни пожари“ кои се активираат со пораст на температурите.
Во гаснењето се вклучени и армијата, како и помош од странство – Србија испрати хеликоптер, а вчера пристигна и швајцарски тим со 26 пожарникари и четири специјализирани возила. Поддршка дава и хеликоптер од Чешка.
Свет
(Видео) Четворица маскирани напаѓачи ограбија златарница во западниот дел на Сиетл

Четворица маскирани напаѓачи ограбија златарница во западниот дел на Сиетл и за помалку од две минути украдоа накит и луксузни предмети во вредност од околу два милиона долари, соопшти полицијата.
Настанот се случил во четвртокот попладне, а надзорните камери снимија како осомничените со чекани ги разбиваат заклучените стаклени врати и за 90 секунди празнат шест витрини. Меѓу украдените предмети се наоѓаат и „Ролекс“ часовници со проценета вредност од 750.000 долари и смарагдна огрлица вредна 125.000 долари, објави Еј-Би-Си њуз.
За време на грабежот, еден од напаѓачите им се заканувал на вработените со спреј против мечки и електрошокер, но никој не бил повреден.
„Длабоко сме потресени како вработени. Продавницата ќе биде затворена извесно време“, изјави потпретседателот на семејната златарница Џош Минаше.
Полицијата пристигнала веднаш по дојавата, но сторителите веќе избегале со возило и засега се недостапни за законот.