Македонија
Трајанов: Итно да се усвојат измените на Изборниот законик за една изборна единица

Итно да се усвојат измените на Изборниот законик за една изборна единица, порача на прес-конференција претседателот на Демократскиот сојуз и пратеник, Павле Трајанов.
„Македонија треба да биде една изборна единица, како клучен предуслов за демократизација на државата и промени кои ќе гарантираат коренити реформи, владеење на правото, борба против криминалот и просперитет на државата. Младите сакаат да живеат во држава со универзални вредности, институциите да функционираат, законите да важат за сите подеднакво, без привилегирани, без корупција и еднакви шанси за сите, како битни предуслови да не ја напуштат Македонија“, рече Трајанов.
Инаку, предлог-законот за измени на Изборниот законик со кои се предлага Македонија да биде една изборна единица, до Собранието беше доставен 5 март 2021 година и подолго време е блокиран од СДСМ и ДУИ. Во комисиската расправа пратениците на СДСМ и ДУИ беа против измените, но на пленарната седница одржана на 14 јуни 2023 година гласаа ЗА. Законот доби поддршка и од ВМРО-ДПМНЕ.
Согласно заклучоците, за предлог-законот имаше јавна расправа, но забелешки не се доставени, поради што, според Деловникот за работа на Собранието, треба да почне втората фаза, предлагање на амандмани и гласање за усвојување на измените со кои Македонија ќе биде една изборна единица.
Демократскиот сојуз очекува најитно да се одржи расправа во Комисијата за политички систем и односи помеѓу заедниците, како и во Законодавно-правната комисија, со што ќе се создадат услови за расправа и одлучување на пленарна седница.
Предлагачи на законот се: Павле Трајанов, Димитар Апасиев, Боби Мојсовски, Љупчо Балковски, Панчо Минов, Моника Зајкова, Борислав Крмов, Маја Морачанин и други пратеници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Надлежните со препораки до граѓаните поради најавата за температури до 39 степени во периодот до 13 август

Министерството за здравство информира дека според најновата прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), од 8 до 13 август 2025 година се очекува значително зголемување на дневните температури, кои на некои места ќе достигнат и до 39 степени Целзиусови.
Поради тоа, Министерството апелира до граѓаните да ги почитуваат препораките за заштита од топлотен удар: престој во разладени простории, внесување на доволно течности, избегнување на алкохол и засладени пијалаци, носење лесна и светла облека, како и ограничување на физичката активност во најтоплите часови.
Особено внимание треба да се посвети на ризичните групи — деца, стари лица, лица со хронични заболувања и бремени жени.
Во случај на појава на симптоми како вртоглавица, главоболка, гадење или забрзан пулс, веднаш треба да се побара медицинска помош.
Министерството ја следи состојбата и ќе постапува според потребите.
Според најавата на УХМР, времето денес ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северероисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 30 до 37 степени.
Македонија
Четири различни цени за паркинг во Клинички, просторот ќе се прошири двојно

Министерот за здравство, Азир Алиу, информира дека во Клиничкиот центар ќе има четири различни влезови со различни ценовници за паркирање – бесплатен за онколошки пациенти, поевтин за пациенти со упат, поскап за вработените и најскап за граѓаните кои доаѓаат по други причини. Договорот за управување со паркингот ќе го потпише Министерството со ЈП Градски паркинг.
Се најавува и оптимизација на паркинг просторот, со дупло повеќе места и дополнителни влезови, вклучувајќи и еден кај Кардиологија. Ќе се воведе 24-часовен мониторинг со камери и нов систем за следење на плаќањето и активностите. Доколку оптимизацијата не биде доволна, ќе се размислува за изградба на катна гаража.
Македонија
Образец за пријавување прекршок во случај кога не е овозможен визуелен пристап до струјомерите

Врз основа на официјалниот одговор добиен од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Инжинери на Република Македонија (ИНРМ) изработи урнек за поднесување на претставка до Државниот инспекторат за енергетика, рударство и минерални суровини, кој може да го користи секој граѓанин што смета дека му е повредено правото на визуелен пристап до сопствениот струјомер.
Министерството потврди дека токму Државниот инспекторат за енергетика е надлежен за спроведување инспекциски надзор во случаите кога операторот на електродистрибутивниот систем (ЕВН Македонија АД) не овозможува пристап до мерниот уред, што претставува повреда на член 164 став (1) точка 19 од Законот за енергетика. Истовремено, овој прекршок е санкциониран со глоба од 1.000 до 3.000 евра во денарска противвредност согласно член 286 од истиот закон.
Со цел да се олесни поднесувањето на пријави од страна на граѓаните, ИНРМ изработи шаблон што секој засегнат корисник може слободно да го преземе, пополни и достави по електронски пат или редовно по пошта.
Претставката е достапна на следните линкови:
🔗 ИНРМ веб-страница (преземање на документи):
https://www.inzenerinarm.com/prevzemanje-dokumenti
🔗 Facebook група на ИНРМ каде е објавен документот:
https://www.facebook.com/share/p/16P8CmATVr/
Ги повикуваат сите граѓани на кои не им е овозможен директен увид во бројките на сопствениот мерен уред, да го искористат правото на пријавување, со цел да се заштитат како потрошувачи.