Култура
Проедроу и Лечиќ на „Киненова“: Културата на овие простори може да ги надмине сите бариери
На денешната прес-конференција на „МФФ Киненова“ беа претставени Бранислав Лечиќ, годинешен лауреат на наградата за особен придонес во филмската уметност, и Асемина Проедроу, режисерката на филмот „Зад стоговите сено“, со кој ќе биде отворено годинешното 8. издание на фестивалот.
Заблагодарувајќи се на доделеното признание, Лечиќ рече дека за него се важни сите награди.
„Мене лично наградата ми значи многу. Се разбира, сум добил многубројни награди и на меѓународен план и регионално и во сферата на театарската и во филмската работа. Две награди ми се мошне драги, а тоа е оваа што вие сега ми ја давате затоа што тоа на некој начин е собирање на улогите на филмот и претставува еден вид затворање на кругот. Тоа што вие први сте го виделе и сте го согледале, тоа е добар знак за мене. Драга ми е уште една награда што ја добив во Дубровник, тоа е ‘Орландо’, која се доделува за најдобро остварување во последните десет години. Ова е важно бидејќи докажува дека културата на овие простори може да ги надмине сите бариери“, истакна Лечиќ.
Рече дека случајно дошло до тоа да стане актер. Како многу млад имал идеја да се занимава со филозофија, но по разводот на родителите, останал да живее со мајка си, која работела како шивачка, па морал да научи стругарски занает за да придонесува финансиски во семејството.
„Веднаш ме примија кога конкурирав на Академијата, така што не ја пронајдов јас глумата, глумата ме пронајде мене. Таа за мене е многу повеќе отколку професија и занает и благодарен сум на таа случајност. Во моментот подготвувам неколку претстави во Белград, една од нив е ‘Олеана’ на Дејвид Мамет, американски писател кој направил дело што е една од најиграните претстави во светот во моментот. Режијата е на Егон Савин, тоа е дуа драма и играме јас и Јована Крстиќ, а премиерно ќе биде изведена во Тиват на 19 ноември“, рече Лечиќ.
Долгометражниот игран филм „Зад стоговите сено“ (Behind the Haystacks), дебито на грчката режисерка Асимина Проедроу, во кој копродуцент е и македонската куќа „Сектор филм“, утревечер ќе го отвори 8. издание на „МФФ Киненова“. Денеска на средбата со новинарите присуствуваа режисерката Проедроу и претставници на „Сектор филм“, кои споделија искуства од снимањето и успесите на филмот.
„Филмот се снимаше во време на ковид-пандемијата и имаше повеќе предизвици. Соработката беше одлична и благодарение на тоа успеавме бидејќи снимавме на три територии и во две држави – Грција и Македонија. Дојранското Езеро е всушност главната локација на која се одвива дејството. Филмот се снимаше во Грција и на локации во Дојран и Гевгелија во текот на 2021, во време на ковид-пандемијата. Дејствието на филмот се одвива во 2015, а се работи за рибар што живее во село на границата помеѓу Грција и Македонија. Беше поддржан како малцинска копродукција од Агенцијата за филм на Македонија и од Европскиот фонд „Еуримаж“. Станува збор за тоа како обични луѓе стануваат заробени во корупција, раскажа Асимина Проедроу, која откри дека Дојран како локација го открила на „Гугл“ откога ѝ било посочено како интересно место за време на нејзиниот престој во Лондон на магистерски студии.
„Зад стоговите сено“ доби десет награди на годишната церемонија на Грчката филмска академија. Филмот беше номиниран во 17 категории и освои десет награди, и тоа за најдобар филм (за продуцентите), за режија, за најдобар дебитант (за режисерката), за сценарио, за фотографија, за главна машка улога, за споредна машка и споредна женска улога, за монтажа и за дизајн на звукот.
Филмот „Зад стоговите сено“ е реализиран како копродукција помеѓу Грција, Германија и Македонија. Македонски продуценти се Владимир Анастасов и Ангела Несторовска.
„Навистина ни е драго што токму овој филм ќе го отвори фестивалот ‘Киненова’. Како продукција, во текот на годините внимателно избираме во кој проект ќе учествуваме и досега имаме искуства со разни земји. Ова беше прва наша соработка со авторка од Грција и уште додека беше проект, го видовме во Берлин и сметавме дека е важно да се развие културната соработка помеѓу двете земји“, рече Ангела Несторовска од „Сектор филм“, која раскажа дека иако имало предизвици со снимањето во време на ковид-пандемијата, токму снимањето на сцените на граничниот премин успеале да ги снимат без вообичаени проблеми бидејќи поради целосното затворање немало движење на границата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Промоција на книга за деца и претстава „Златната книга на Лудви“ од Тина Иванова
Оваа сабота (7 февруари), во рамките на фестивалот „Денови на литературата“ на „Арс Ламина“, во книжарницата на „Литература“ во „Дајмонд мол“ со почеток во 18:00 часот, ќе се одржи промоција на книгата „Златната книга на Лудви“ од Тина Иванова. Илустрациите се дело на Рената Јосифовска.
Книгата е инспирирана од животот и творештвото на големиот композитор Лудвиг ван Бетовен и е првата од петте книги за деца во серијалот „Музичка кутија“, инспирирани и од Моцарт, Бах, Верди и Чајковски.
Промоцијата ќе ја води уредничката Бисера Бендевска, во форма на краток дијалог со авторката. По промоцијата, ќе се одржи мини-претстава за деца, во која ќе учествуваат авторката и диригентката Дијана Имери Илкоска, задолжена за интерпретација на музиката на Бетовен за пијано.
„Златната книга на Лудви“, како и сите книги од серијалот, не го обработува животот на композиторите, туку создава нови бајки за деца. Главниот лик, малиот Лудви, е дете кое сака книги и свири на пијано, но минува низ низа неочекувани случувања. Приказната е топла, разиграна и полна со емоции, вистинско доживување за деца и возрасни.
Издавач на книгата и на целиот сет „Музичка кутија“ е „Либи“ (дел од „Арс Ламина публикации“).
Култура
Јубилеен концерт на Љубојна за 25 години постоење
Љубојна, една од најавтентичните македонски музички групи, оваа година прославува 25 години постоење и ја започнува 2026-та со ново големо целовечерно концертно издание во Скопје за одбележување на четврт век творештво во својот препознатлив манир кој ја позиционира групата во еден од водечките музички брендови на Македонија.
Јубилејниот концерт на Љубојна ќе се одржи на 29 март со почеток во 20:00 часот, во Големата сала на Филхармонија.
Љубојна или „љубов“ и „бој“, еден од најпрепознатливите и најрепрезентативни бендови во регионот, автентично го пренесува пулсот на музичкиот бит во не само она, што се нарекува урбан, туку и светски отворен звук. Љубојна не е само популарен бренд. Таа е идеја која направи супер-саунд од една подзаборавена музика и стана јадро околу кое гравитираат многу музичари и од кое црпи младата публика. Групата твори музика, со сета нејзина страст, ентузијазам и жестина која е изговорена како универзален музички јазик, според космополитски код кој што го носи во себе.
Својата музика Љубојна ја свири страсно, со енергија на рок бенд и тоа во сите нејзини форми: нејзината изворна, класична, популарна, експериментална форма. Ја соопштува преку фантастичната вокална експресија на Вера Милошевска која заедно со Оливер Јосифовски (контрабасист, композитор и продуцент) веќе 25 години се бренд на бендот и синоним за Љубојна. Експериментирајќи и истражувајќи, Љубојна постојано ја освежува музиката одново и одново, одржувајќи го звукот модерен, моќен, кадифен, елегантен и енергичен.
Музиката на Љубојна е спој на сите експресивни и елегични чувства и звуци на радост, тага, еуфорија, интензивност, чилаут, поп, страст, фанк, соул, фолк, ориентал, стомачен танц, џез, ортодокс-гламур…
„На 29 март, во Филхармонија македонската публика ја очекува концертна вечер посветена на безвременската музика на Љубојна, во нивниот препознатлив автентичен израз, богат со емоции, магичен сценски набој и специјални гости кои наскоро ќе бидат објавени. Влезниците за концертот се достапни онлајн и во продажната мрежа на МкТикетс“, велат од Пасворд продукција.
Култура
Култната монодрама „Последниот час на Његош“, која го прошета светот, гостува во МНТ на 28 февруари
Монодрамата „Последниот час на Његош“, со актерот Слободан Маруновиќ, првенец на Црногорското народно позориште ќе гостува на сцената во Македонскиот народен театар, на 28 февруари, во 20 часот.
По текст на Слободан Томовиќ и во режија на Благоја Ераковиќ, монодрамата во која ликот на Петар II Петровиќ Његош, маестрално ја игра Маруновиќ, досега е изведена повеќе од 1.500 пати на театарските сцени низ светот.
Ги има добиено најголемите регионални, европски и светски признанија и награди. Изведувана е во Париз, Њујорк, Рим, Виена, Цирих, Лондон, Москва, Кострома, Белград, Загреб, Сараево, Љубљана, Стокхолм, Ташкент, Самарканд, Сеул, Торонто, Бишкек, Костанaј, Монтреал, Халифакс, Чикаго, Детроит, Сан Франциско, Лос Анџелес, Сан Педро, Мелбурн, Сиднеј, Атина, Келн, Штутгарт, Карлсруе, Франкфурт, Бруклин, Њу Џерси, Улан Батор, Чељабинск, Хмељницки, Хановер, Кишињев и други.
Премиерно е изведена на 19 мај 1988 година во Црногорското народно позориште.
Монодрамата „Последниот час на Његош“ претставува јазично и мисловно слоевито драмско дело, посветено на Петар II Петровиќ Његош.
Во суштина, монодрамата е ремек-дело на драматично соочување со смртта, мигови во кои се преиспитува она што му припаѓа на времето, но со насетување на вечноста, со акцент на антрополошките и филозофските прашања.
Монодрамата, која се изведува речиси четири денеции, на театарските сцени во Црна Гора и низ светот е сведоштво за естетските вредности на текстот и за извонредниот дар на Слободан Маруновиќ, првак на Драмата на Црногорското народно позориште. Со актерска умешност го оживува ликот на поетот и владетелот. Неговата уметничка зрелост, емоционалното и интелектуалното влегување во ликот на Његош се клучните адути за долготрајниот живот на монодрамата „Последниот час на Његош“.
Синергијата меѓу добро осмислениот драмски текст на Слободан Томовиќ, инвентивната актерска интерпретација на Слободан Маруновиќ и режиските решенија на Благоја Ераковиќ се доказ дека само на овој начин можат да се создаваат големи остварувања.
„Монодрамата е синтеза на различни историски, културолошки, филозофски и метафизички аспекти и со своето повеќедецениско траење стана култна претстава — симбол со трајна естетска вредност“, извадок од театарската критика на Соња Томовиќ Шундиќ.
Билетите се пуштени во продажба.

