Забава
Филмски парови меѓу кои немало апсолутно никаква хемија
Без разлика дали две ѕвезди глумат љубовници, долгогодишни пријатели, па дури и членови на семејството, хемијата меѓу нив е клучен елемент кога станува збор за снимање филм, па затоа тестовите по хемија, кои обично спојуваат разни комбинации на актери за да се види кои од нив споделуваат најинтригантна и најверојатна динамика, се одлучувачки и клучен аспект во претпродукцијата на проектот.
Со текот на времето филмската индустрија спои најневеројатни двојки на филмското платно, кои глумеа еден спроти друг неколкупати и станаа едни од најнезаборавните парови во кинематографијата.
Сепак, во филмовите се случувало главните ѕвезди да не се навидум компатибилни и како резултат на тоа прикажаниот меѓусебен однос не бил толку убедлив. Од Ghosted до Harry Potter, социјалната мрежа „Редит“ сподели ставови на своите корисници за тоа кои филмски парови се со мала или апсолутно никаква хемија.
Ликовите Сејди и Кол во Ghosted (2023)
Не е првпат Крис Еванс и Ана де Армас да ги обединат силите. Интересно е тоа што кога излезе крими-драмата „Нож во грб“ (Knives Out), гледачите беа желни да видат како овие две ѕвезди ќе се однесуваат еден кон друг, но се разочараа. Во „Маѓепсан“ (Ghosted), акција – авантура – комедија, ликот Кол паѓа на шармот на Сејди пред да сфати дека таа е всушност таен агент.
Ликовите Пола и Трип во Failure to Launch (2006)
Иако одличната хемија е од суштинско значење во сите филмски жанрови, во љубовните филмови (кои се фокусираат на врската помеѓу два лика), таа секако станува уште побитна. Сепак, корисниците на „Редит“ тврдат дека никаде ја нема во „Неуспешно лансирање“ или Failure to Launch. Филмот следи еден млад човек (Метју Меконахи), кој сè уште живее со своите родители. Конечно, неговите родители ангажираат убава жена (Сара Џесика Паркер) да го убеди да најде свој стан.
„Откако го гледав тој филм, веднаш го пуштив How To Lose A Guy in 10 Days („Како да изгубите момче за 10 дена“) за да се потсетам како изгледа кога Метју има вистинска хемија со некого на екранот“, напишаа корисници на „Редит“. „Беше вистинско задоволство да го гледате него и Кејт Хадсон во тој филм“, додаваат од таму.
Чарлс и Кери во „Четири свадби и погреб“ (1994)
„Четири свадби и погреб“ – го следи закоравениот ерген Чарлс (Хју Грант), кој сфаќа дека можеби ја пронашол љубовта во текот на пет настани – е една од најпопуларните романтични комедии од 90-тите. Сепак, хемијата помеѓу Грант и Енди Мекдауел ја нема.
Џејн и Тор во филмскиот универзум на „Марвел“
Како што се чини, еден од најголемите филмови на „Марвел“ е меѓу најразочарувачките. Џејн (Натали Портман) и Тор (Крис Хемсворт) првпат се сретнаа во првиот соло филм за моќниот Бог на громот. Иако двајцата развија комплицирана романса во која се среќаваат науката и магијата, некои гледачи не беа импресионирани благодарение на недостигот на хемија помеѓу двата главни лика.
Бонд и Медлин во серијалот за Џејмс Бонд
Бонд-девојката Медлин (Леа Сејду) е една од многуте жени што го привлекоа вниманието на култниот таен агент 007 (Даниел Крег). Иако двајцата споделуваат интригантна динамика, многумина сметаат дека тоа не било толку убедливо како, на пример, врската на Бонд со Веспер (Ева Грин).
„Не барајте подалеку од Даниел Крег и Ева Грин во „Казино Ројал“. Некои од најдобрите филмски хемии досега“, напиша корисник на платформата.
Некои корисници на „Редит“ неодамна прашаа „Кој славен актер никогаш нема хемија со своите колеги?“, а луѓето наведоа низа парови од филмското платно, каде што едниот или двајцата актери немаат апсолутно никаква хемија со другиот.
Двејн Џонсон со Емили Блант во Jungle Cruise („Крстарење во џунглата“). Потоа Марк Руфало со Скарлет Јохансон во Avengers: Age of Ultron („Одмазници: Ерата на Алтрон“).
Кијану Ривс со Кери-Ен Мос во „Матрикс“
Џенифер Лопез и Овен Вилсон во „Омажи се за мене“
Даниел Редклиф и Бони Рајт во „Хари Потер“, потоа Кејт Бланшет со Бред Пит во „Необичниот случај на Бенџамин Батон“.


Ен Хатавеј со Кристијан Бејл во „Темниот витез“, Том Круз со Деми Мур во „Неколку добри луѓе“. Голем број корисници на „Редит“ сметаат дека Хоакин Феникс покажува лоша хемија буквално со сите актерки.

Хемијата се случува во моментите помеѓу зборовите. Таа лежи во неискажаното, во разменетите погледи меѓу две личности. Затоа тешко е да се опише, едноставно, мора да се види на екранот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
(ФОТО) И на 40 години во врвна форма: Роналдо повторно ги воодушеви фановите
Кристијано Роналдо повторно ги воодушеви фановите со фотографија објавена на Инстаграм, на која позира без маица во црни боксерки, покажувајќи ја одличната физичка форма и на 40-годишна возраст.
„По сауна“, напиша кратко Роналдо под фотографијата направена во теретана. Ова не е првпат фудбалската ѕвезда да објави вакви фотографии, со кои редовно ја истакнува дисциплината, тренинзите и начинот на живот по кои е препознатлив.
View this post on Instagram
Забава
Леонардо ди Каприо никогаш повторно не го гледал „Титаник“
Актерот Леонардо ди Каприо ги шокираше фановите со признанието дека никогаш повторно не го погледнал „Титаник“, филмот што во 1997 година го лансираше во светска слава и ја обележа цела една генерација.
Ди Каприо за тоа зборуваше во разговор со Џенифер Лоренс во емисијата Actors on Actors, пренесува „Варајети“. За време на опуштениот разговор, Лоренс директно го праша: „Дали некогаш повторно го погледна ‘Титаник’?“
Ди Каприо без размислување одговори: „Не. Не сум го гледал.“
Лоренс се изненади и му рече: „Па, треба да го гледаш! Се кладам дека сега би можел да го гледаш, навистина е добар.“
„Јас всушност не ги гледам моите филмови. Ти ги гледаш ли твоите?“ ја праша Ди Каприо колешката.
„Не“, одговори Лоренс низ смеа. „Никогаш не сум снимила нешто како ‘Титаник’. Да сум, сигурно ќе го гледав. Еднаш бев многу пијана и го пуштив ‘American Hustle’. Се прашував: ‘Дали јас сум добра актерка?’ Го пуштив филмот… и не се сеќавам на одговорот.“
Ди Каприо слично признание дал и претходно. Во август, за списанието „Есквајр“, изјави дека ретко ги гледа своите филмови, но дека постои еден исклучок.
„Тоа е ‘Авијатичарот’. Тој филм ми беше особено важен“, рече актерот, присетувајќи се на соработката со режисерот Мартин Скорсезе и на неговиот долгогодишен интерес за ликот на Хауард Хјуз.
Филмот „Титаник“, во режија на Џејмс Камерон, стана еден од најуспешните филмови во историјата, а Ди Каприо во него глумеше заедно со Кејт Винслет.
„‘Титаник’ беше голем експеримент за Кејт и за мене“, изјави Ди Каприо уште во 2016 година. „Не можевме ни да замислиме колку голем ќе стане филмот. Сè тоа нè изненади.“
Тој додаде дека по тој успех морал да забави и да се врати на своите актерски цели.
„Знаев дека од мене се очекува нешто одредено, но сакав да останам верен на себе и на причината поради која воопшто почнав да глумам“, порача Ди Каприо.
Забава
Од февруари ќе се наплаќа пристап до фонтаната ди Треви
Од 1 февруари, туристите ќе мора да платат две евра за да добијат пристап одблиску до фонтаната ди Треви во Рим, една од најпознатите туристички атракции во градот. Бесплатен пристап ќе имаат само жителите на Рим, додека разгледување од далечина ќе остане без надомест.
Градоначалникот Роберто Гвалтиери изјави дека со оваа мерка се очекува годишен приход од околу 6,5 милиони евра. Наплатата е дел од поширок план со кој од 1 февруари ќе се воведат влезници и за уште пет локации во градот, со цена од пет евра.
Фонтаната ди Треви ја посетуваат во просек околу 30.000 луѓе дневно, а градските власти ја оправдуваат мерката со пренатрупаноста и проблемите со џепчии. Само во периодот од 1 јануари до 8 декември, просторот пред фонтаната го посетиле околу девет милиони туристи.
Традицијата на фрлање парички во фонтаната продолжува.

