Македонија
Превентивни активности на МВР: Како против булингот и „Кажи не на дрогата, да на животот“

Во текот на вчерашниот ден на подрачјето на секторите за внатрешни работи Скопје, Битола и Велес беа реализирани низа едукативни работилници во основни и средни училишта на повеќе теми важни за заштита на учениците од социо-девијатни појави, пред се околу превенцијата од зависностите.
Така, на подрачјето на СВР Скопје во основните училишта „Блаже Конески“, „Љубен Лапе“ и „Димитар Поп Георгиев-Беровски“ беа реализирани работилници со ученици од деветите одделенија посветени на превенција од меѓуврсничко насилство, како и ,,Кажи не на дрогата, да на животот “.
Во Битола полициски службеници од СВР Битола под мотото „Кажи не на дрогата, да на животот“ реализираа едукативна работилница со ученици од трета и четврта година од Средното електро машински училиште ЕМУЦ „Ѓорѓи Наумов“ од Битола, додека пак на подрачјето на СВР Велес, поточно во Кавадарци, во основните општински училишта „Страшо Пинџур“ и „Тоде Хаџи Тефов“ беа спроведени едукативни работилници за превенција од насилство во училиштата, со посебен осврт на сајбер булингот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Таравари со репрезентативните синдикати за здравство: коефициентот за исплата на плати ќе биде урамнотежен

Министерот за здравство Арбен Таравари денеска одржа средба со репрезентативните синдикати за здравство, на која се реши повеќегодишното барање на синдикатите за урамнотежување на коефициентот за исплата на плати.
„Континуираниот раст на платите и подобрувањето на статусот на здравствените работници беше повод за денешната средба со репрезентативните синдикати, на која ја афирмиравме одличната заедничка соработка.
Дијалогот вроди со плод и, конечно, по 10 години, изнајдовме решение – коефициентот за исплата на плати ќе биде урамнотежен во согласност со нивните барања и во рамките на можностите. Со ова го решаваме повеќегодишното барање на синдикатите за кое досега не беше изнајдено решение“, истакна Таравари на средбата.
Македонија
OJO: Поднесено обвинение за тешката сообраќајна несреќа со смртни последици на „Партизанска“

По целосно спроведена истражна постапка, Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен акт против едно лице што се товари за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик, соопшти Обвинителството.
Во рок од два месеца од трагичниот настан надлежниот јавен обвинител ги прибра сите докази и вештачења, кои укажуваат дека обвинетиот го сторил ова најтешко дело против безбедноста во сообраќајот за кое е запретена максимална затворска казна до 20 години, велат од институцијата.
Во согласност со доказите, на 29 јануари, 15 минути пред полноќ, обвинетиот, без воопшто да поседува возачка дозвола, управувал патничко возило „пежо 207“, сопственост на татко му.
Не се придржувал кон прописите и со тоа свесно го довел во опасност животот на луѓето. Автомобилот го управувал под дејство на алкохол, односно со 0,80 промили алкохол во крвта, но и со брзина на движење од 91 km/h, што е речиси двојно поголема од дозволената.
Кога дошол пред обележан пешачки премин на крстосницата меѓу булеварот Партизански одреди и улицата 29 Ноември продолжил со движење на вклучено црвено светло на семафорот, кој сигнализирал забрана за минување, и со предниот лев дел од возилото што го управувал удрил во пешакот Фросина Кулакова, која поминувала на обележан пешачки премин и зелено светло за пешаци.
Од силата на ударот оштетената се издигнала во воздухот и удрила во семафорот, поставен на разделното пешачко стојалиште, па добила тешки телесни повреди, од кои починала на самото место.
„Во конкретниот случај постојат околности што го оправдуваат стравот од опасност од бегство и основан страв дека ќе го повтори кривичното дело. Дополнително, имајќи ја предвид возраста на обвинетиот, објектот на заштита, сериозноста и тежината на кривичното дело и другите факти, јавниот обвинител процени дека сѐ уште опстојуваат законските основи поради кои на обвинетиот му беше определена мерка притвор, па од судот побара притворската мерка да биде продолжена“, се истакнува во соопштението.
Македонија
Времето до крајот на денот: променливо облачно и нестабилно со повремени врнежи од дожд

Времето до крајот на денот ќе биде променливо облачно и нестабилно со повремени врнежи од дожд.
Процесите ќе бидат поинтензивни, особено во источните делови, каде што ќе бидат во форма на невреме со пообилен пороен дожд, појава на грмежи и засилен ветер.
Во Скопје променливо облачно со повремен дожд.
Во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.