Македонија
Сите пријавени македонски државјани се евакуирани од Израел со чартер лет обезбеден од страна на Владата
Со чартер летот организиран и платен од страна на Владата на Република Северна Македонија, на релација Тел Авив – Скопје, во текот на вчерашниот ден, успешно се евакуирани сите преостанати државјани на Република Северна Македонија кои побарале помош да го напуштат Израел, и да се вратат во земјата, се вели во соопштение од Владата.
Финансиските трошоци за превезувањето на евакуираните граѓани, согласно владина одлука, се покриени од резерви на Буџетот на Република Северна Македонија.
Бесплатниот чартер лет за сите патници кои патуваа на релација Тел Авив – Скопје беше реализиран во соработка со „Air Serbia“, и тоа во услови на откажани летови и целосно блокиран авионски сообраќај од и кон Израел. Со оглед на тековните борбени активности во повеќе подрачја во Израел изминатата недела, претходните обиди за обезбедување на лет од Тел Авив не вродија со резултат, имајќи предвид дека ниту една компанија од регионот не беше во можност да обезбеди сигурен и безбеден лет и да одговори на барањата на Владата на Република Северна Македонија.
На иницијатива на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, и во директен контакт со премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, се изнајде решение на предизвикот за обезбедување чартер лет за граѓаните од регионот. Со вчерашниот лет, кој беше организиран и платен од Владата на Република Северна Македонија, покрај тоа што во Скопје долетаа преостанатите 67 наши државјани кои побараа помош, со истиот лет, Владата на Република Северна Македонија излезе во пресрет и обезбеди трансфер на седум албански, седум црногорски и тројца бугарски државјани.
Амбасадата во Тел Авив, од самиот почеток на кризата е во контакт со државјаните на Република Северна Македонија, а дел од граѓаните кои се затекнаа во Израел, веќе се вратени во земјата на повеќе начини, меѓу другото и со специјални летови на пријателските држави на Република Северна Македонија.
Владата на Република Северна Македонија внимателно ги следи случувањата во Израел преку Министерството за надворешни работи, кое што е во редовен контакт со македонската Амбасада во Тел Авив.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места со мали остатоци од кашест снег на коловозот
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП Македонијапат.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Мицкоски е во паника, опозицијата освои двојно повеќе гласови од власта, велат од СДСМ
„Мицкоски мора да е во голема паника штом свика прес конференција да се пофали дека опозицијата освоила повеќе гласови од владејачките партии“, велат од СДСМ.
„Дури и со сите можни злоупотреби на институциите и притисоци, кандидатите за градоначалници од опозициските партии освоија двојно повеќе гласови од кандидатите на владејачките партии.
Опозицијата освои двојно повеќе гласови, 21.394 гласови а власта само 12.534 гласа. Заклучокот е едноставен, власта на ВМРО, ВЛЕН и ЗНАМ загуби вечерва и тоа убедливо“, соопшти СДСМ.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Прилеп и околината
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, ноќеска во 01 часот и 14 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 116 км југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.9
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Прилеп и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.

