Свет
Бајден утре ќе го посети Израел, ќе се сретне со Нетанјаху
Американскиот претседател Џо Бајден утре ќе го посети Израел и ќе разговара со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и јасно ќе покаже дека Израел има право да се брани, најави државниот секретар, Ентони Блинкен.
По разговорите со Нетанјаху, кои траеја повеќе од шест часа, Блинкен рече дека Бајден ќе ја потврди солидарноста со Израел, кој се очекува да изврши копнен напад врз Газа. Бајден јасно ќе покаже дека Израел има право и должност да го брани својот народ од Хамас и другите терористи и да спречи идни напади, изјави Блинкен за новинарите по разговорите со израелскиот воен кабинет во Тел Авив.
Неочекувано долгиот состанок во Министерството за одбрана во Тел Авив траел до раните утрински часови, а во еден момент бил прекинат со сирени и Блинкен и Нетанјаху биле принудени пет минути да се засолнат во бункер.
По состанокот, Блинкен рече дека Израел ќе го информира Бајден за своите воени цели и стратегија и како ќе спроведе операции за минимизирање на цивилните жртви и ќе дозволи хуманитарната помош да стигне до цивилите во Газа на начин што нема да биде од корист за Хамас. САД и Израел се согласија да развијат план за да дозволат хуманитарна помош да стигне до цивилите во Газа, рече Блинкен.
По посетата на Израел, Бајден ќе отпатува за Јордан, каде што ќе се сретне со кралот Абдула, египетскиот претседател Абдел Фатах ел-Сиси и претседателот на палестинската управа, Махмуд Абас, изјави портпаролот на Белата куќа, Џон Кирби.
Иранскиот министер за надворешни работи, Хосеин Амир Абдолахијан, претходно изјави дека на Израел нема да му биде дозволено да дејствува во Газа без последици и предупреди на превентивна акција во следните часови, без да наведе детали.
Властите во Газа тврдат дека Израел убил повеќе од 2.800 Палестинци во воздушни напади, од кои околу четвртина се деца, а повеќе од 10.000 луѓе се ранети. Ирански министер на државната телевизија изјави дека лидерите на отпорот нема да дозволат ционистичкиот режим да преземе каква било акција во Газа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Напнатост меѓу Киев и Будимпешта по изјавите за мешање во изборите
Украинското Министерство за надворешни работи соопшти дека го повикало Антал Хајзер, унгарскиот амбасадор во Киев, на разговор поради недамнешните изјави на високи унгарски политичари, меѓу кои и премиерот Виктор Орбан, за наводно украинско мешање во претстојните парламентарни избори во Унгарија.
Министерството упатило протест до унгарскиот амбасадор, негирајќи дека Украина се меша во унгарските избори. Притоа нагласило дека Киев решително се спротивставува на „секој обид на унгарската страна да ја вовлече Украина во унгарската изборна кампања“, оценувајќи дека таквите постапки му штетат на развојот на билатералните односи.
Украинското Министерство за надворешни работи ја повикало Унгарија „да престане со својата агресивна реторика против Украина“ со цел да се избегнат понатамошни негативни последици за билатералните односи. Воедно било наведено дека Украина и понатаму е подготвена за конструктивна соработка со Унгарија.
Во соопштението се повторени и повиците до Будимпешта да престане да ги блокира преговорите за пристапување на Украина во Европска унија, со образложение дека членството на Украина би било во интерес и на двата народа, како и на унгарското малцинство во Украина.
Свет
(Видео) Мелони од хеликоптер го обиколи Нишеми, градот на Сицилија што го голта свлечиште
Италијанската премиерка, Џорџа Мелони, денес го посети сицилијанскиот град Нишеми, каде што по големо свлечиште десетици куќи се наоѓаат на работ од провалија, јави Анадолу.
Поради постепеното уривање на ридот, повеќе од 1.500 луѓе се евакуирани. Свлечиштето започнало во неделата навечер и продолжило да се шири и во понеделникот.
Шефот на цивилната заштита, Фабио Чичилијано, изјави дека куќите на работ од свлечиштето се ненаселиви и дека жителите ќе бидат преселени.
Мелони го прелетала погоденото подрачје со хеликоптер, по што се сретнала со локалните власти за проценка на состојбата.
Италијанската влада прогласи вонредна состојба за Сицилија, Сардинија и Калабрија, региони тешко погодени од силни бури. За итни потреби се издвоени околу 100 милиони евра, додека локалните власти ја проценуваат штетата на повеќе од две милијарди евра.
Регион
Италија ги истражува „викенд-снајперистите“, Сараево се приклучува на постапката
Градскиот совет на Сараево денес даде согласност Градот да се приклучи кон кривичната постапка што во Милано се води против лица осомничени за снајперско дејствување врз цивили за време на војната. Одлуката е донесена откога италијанското обвинителство покрена истрага за таканаречените „викенд-снајперисти“, кои наводно плаќале за да пукаат врз цивили во опколениот град, пренесе Радио Слободна Европа.
Италијанските медиуми на почетокот на ноември минатата година објавија дека обвинителството во Милано покренало истрага врз основа на пријава од писателот и новинар Ецио Гавацени. Според неговата пријава, странци плаќале големи суми пари за со снајпер да убиваат граѓани.
Гавацени, по неколку обиди на Радио Слободна Европа да добие изјава, индиректно порача дека не сака јавно да истапува. Во меѓувреме, во Милано одржал прес-конференција на која најавил дека во февруари ќе објави книга за „снајперското сафари“.
Првите наводи за доаѓање странци на боиштето, како што вели, ги видел уште во 1995 година во текст на весникот Кориере дела Сера, по што почнал да пишува трилер на таа тема. Но, набрзо се откажал бидејќи сфатил дека знае премалку. На идејата повторно се вратил дури во 2022 година, поттикнат од документарниот филм Сараево сафари на словенечкиот режисер Миран Жупанич.
Се очекува обвинителството во Милано јавноста да ја информира за резултатите од истрагата во март оваа година. Доколку биде подигнато обвинение и се докаже вината на осомничените, тоа ќе биде прв случај во Европа некој пред суд да одговара за снајперски убиства на цивили во Сараево.
Додека се чека исходот од истрагата во Италија, и правосудството на Босна и Херцеговина ги проверува наводите, но до денес ниту еден снајперист не е процесиран за убиствата на цивили, а особено на деца, во Сараево.
За време на војната од 1992 до крајот на 1995 година, странски новинари и фоторепортери повремено престојувале на позициите на српските сили околу градот. Радио Слободна Европа контактирала некои од нив, но никој не можел да потврди дека лично видел странец кој платил за да пука врз градот.
За време на речиси четиригодишната опсада на Сараево, според податоците на здруженијата на жртви и пресудите на меѓународните судови, секое десетто дете убиено во градот загинало од снајперски истрел. Ранети се повеќе од 14.000 деца.
И покрај тоа, ниту еден снајперист до денес не одговарал по лична одговорност, ниту пред домашните, ниту пред меѓународните судови. Хашкиот суд во пресудите против највисоките функционери на Република Српска заклучи дека снајперската кампања имала една цел – „тероризирање на цивилите во Сараево“.

