Македонија
Апелација ја укина пресудата за „Топлик“, предметот за Јанакиески и другите обвинети застарува
Апелациониот суд во Скопје ја укина пресудата за предметот „Топлик“, каде што првообвинет е ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески.
Со тоа предметот се враќа на повторно судење во Основниот кривичен суд, што предизвикува предметот за Сончев Град да добие апсолутна застареност.
Апелацискиот суд одлуката ја донел на 6 септември, истиот ден кога Собранието ги изгласа измените на Кривичниот законик, со кои се намалуваат казните за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувањето и се воведува горна граница.
„Апелациониот суд Скопје известува дека, постапувајќи по кривичниот предмет КОКЖ-137/22, во јавноста познат како „Tоплик – Сончев Град“, по одржана јавна седница на 8.6.2023 година, по советување и гласање на нејавен дел од седницата на 6.9.2023 година, донесе решение со кое ги уважи жалбите на обвинетите М. Ј од С., Т. Ѓ од С., Д. Д. од С., М. Т. од С., Д. Ѓ. од С. и В. Т. од С., изјавени преку нивните бранители, ја укина првостепената пресуда и предметот го врати пред Основниот кривичен суд Скопје на повторно постапување и одлучување“, објави Апелација.
Во образложението понатаму се наведува дека поради сторените суштествени повреди на одредбите на кривичната постапка, кои ги доведуваат под сомневање и утврдената фактичка состојба и правилната примена на материјалното право, овој суд, во согласност со член 436 став 1 од ЗКП, одлучи како во изреката на решението. При повторното постапување првостепениот суд да ги отстрани констатираните суштествени повреди на одредбите на кривичната постапка од член 415 став 1 точка 11 од ЗКП имајќи ги предвид наведените укажувања и со сигурност да ги утврди сите решителни факти во предметот, кои имаат битно влијание за законитото одлучување во смисла на член 15 и член 399 од ЗКП“.
Ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, беше осуден на 3 години и 6 месеци за случајот „Топлик“, каде што од Обвинителството беше гонет за злоупотреба на службената положба и овластувањето. Димитар Димовски, кој бил член на комисија што спроведувала јавно наддавање за Сончев Град, а бил и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, доби условна осуда, односно казна затвор од две години ако го повтори делото. Од другите членови на комисијата, Томче Ѓурчилов доби казна затвор од три години; Веса Томчевска беше осудена на условна казна, а ќе издржува две години затвор ако во следните пет години направи ново кривично дело; Димитар Ѓаќев доби условна осуда, а казна затвор од 2 години ако во рок од пет години направи ново кривично дело; и Марица Тасева беше осудена на условна осуда, а казна затвор од 2 години ако во рок од пет години направи ново кривично дело.
Предметот „Топлик“ се однесуваше на продажбата на градежно земјиште за изградба на населбата Сончев Град во Сопиште. Делото злоупотреба на службената положба и овластувањето за кое се товарат Јанакиески и петмина обвинети е сторено од 3 април 2007 до 18 февруари 2013, што значи дека апсолутна застареност настапила во февруари 2023 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЗНАМ до СДСМ: Димитриевски нема „златни визи“, не е вмешан во скандали и не оди на журки во Дубаи
Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија обвини дека СДСМ со нападите врз Максим Димитриевски и партијата се обидува да ја дефокусира јавноста од сопствената политичка и економска катастрофа. Во соопштението, ЗНАМ ги нарекува обвинувањата на СДСМ „политичка манипулација и замајување“, оценувајќи ги како „неосновани, тенденциозни и без докази“.
Од партијата велат дека Димитриевски има лична и професионална кариера надвор од политиката и дека не бил поврзан со корупциски скандали.
„За разлика од двоецот Заев-Филипче кој ги троши народните пари по луксузни јахти низ светот, тој не поседува ‘златни визи’ и не оди на журки во Дубаи“, се наведува во соопштението.
Според ЗНАМ, сите јавни набавки и финансиски постапки се спроведуваат законски и под надзор, а партијата останува доследна на принципите на отчетност и јавна одговорност. „Политиката за нас не е приватен бизнис, туку јавна одговорност во интерес на граѓаните“, велат од движењето.
Македонија
Хоџа: И во 2026 обезбедивме средства за Националните паркови кои се клучен столб во заштитата на природното наследство
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, на работен состанок со директорите на националните паркови Пелистер, Маврово, Галичица и Шар Планина, ја потврди силната и континуирана поддршка на Министерството за нивниот развој, заштита на прирдоните вредности и одржливо управување.
„Со особено задоволство можам да истакнам дека и во 2026 година, Министерството во својот Буџет обезбеди наменски средства за понатамошен активности за заштита и промоција на националните паркови, што претставува јасен сигнал за долгорочната посветеност на државата кон заштитата на природата и одржливиот развој“, истакна министерот Хоџа.
На средбата беше нагласено дека националните паркови се клучен столб во заштитата на природното наследство, но и важен двигател на одржливиот туризам и локалниот економски развој.
Министерот Хоџа истакна дека Министерството ќе продолжи со поддршка на активностите на националните паркови преку подобрување на законската регулатива, обезбедување стабилна финансиска поддршка од државниот буџет, како и преку координација и мобилизација на средства од ПОНТ, ЕУ ЛИФЕ програмата и други меѓународни партнери. Со тоа ќе се зајакне управувањето, ќе се унапреди заштитата на биолошката разновидност и ќе се развива зелена инфраструктура во националните паркови.
Националните паркови, како што беше нагласено на средбата, денес претставуваат не само заштитени подрачја, туку и значајни двигатели на одржливиот развој, атрактивни еко-туристички дестинации и позитивен пример за одговорно управување со природните ресурси.
Македонија
Нови авиолинии, повеќе туризам, посилна трговија: Николоски и амбасадорот на Црна Гора за поблиски врски меѓу двете земји
Заменик претседателот на Владата и министерот за транспорт Александар Николоски оствари работна средба со амбасадорот на Црна Гора во Република Македонија, Зоран Миљаниќ.
На средбата се разговараше за актуелните состојби во двете земји, притоа акцент се стави за можноста за воспоставување на нови авиолинии и подобро поврзување на врските меѓу двете земји.
Вицепремиерот го запозна амбасадорот Миљаниќ со инфраструктурните проекти како и со реформските процеси што се спроведуваат во насока на исполнување на европската агенда, притоа беше истакната силната инвестициска активност во изградба и модернизација на меѓународните коридори, кои имаат силно влијание врз регионалниот развој и соработка.
На средбата се разговараше и за зголемување на економската соработка, трговската размена како и соработката во туризмот.
„Со амбасадорот разговаравме за подобрување на билатералните односи особено за можноста за воспоставување на авио поврзување меѓу двете земји. Исто така отворивме теми и за унапредување на трговската соработка, туризмот и се што е во интерес на двете земји. Црна Гора е наша пријателска земја и очекуваме дека во име на таквиот партнерски однос, соработката меѓу двете земји ќе продолжи и во наредниот период”, истакна вицепремиерот Николоски.
Двајцата соговорници се согласија на интензивирање на понатамошната соработка, посебно во делот на зголемување на економските односи меѓу Македонија и Црна Гора.

