Свет
Хамас уби огромен број странски државјани во Израел, објавен е список
По нападот на палестинското исламистичко движење Хамас врз Израел на 7 октомври, голем број странски државјани беа убиени, киднапирани, а некои се водат како исчезнати.
Во овој незапамтен напад, повеќе од 1.400 луѓе беа убиени на израелска страна, а 199 беа киднапирани. На палестинска страна во израелските контранапади загинале околу 3.478 лица, објави Хамас. Ракета погоди болница во Газа во вторникот, при што загинаа стотици луѓе.
Според статистиката на АФП, палестинските и израелските власти ја потврдиле смртта на околу 180 странски државјани, од кои многумина имаат израелско државјанство.
Според последните информации во средата, бројот на загинати и исчезнати по земји е:
Соединетите Држави: 31 мртов, 13 исчезнати и киднапирани
Триесет и еден американски државјанин е убиен, соопшти во средата Белата куќа, без да ги прецизира околностите на нивната смрт. Од нив 13 се сметаат за исчезнати, а претседателот Џо Бајден изјави дека меѓу киднапираните има и Американци.
Тајланд: 30 мртви, 17 киднапирани
Триесет Тајланѓани ги загубија животите, рече тајландскиот премиер, а 17 се во рацете на киднаперите. Околу 30.000 Тајланѓани работат во Израел, главно како земјоделски работници.
Франција: 24 мртви, 11 исчезнати
Дваесет и четири Французи загинаа, единаесет се водат за исчезнати, меѓу нив „најверојатно неколку заложници на Хамас“, според последните официјални податоци.
Русија: 16 мртви, осум исчезнати
Шеснаесет Руси загинаа, а осум се водат за исчезнати, се наведува во најновиот извештај на руската амбасада во Тел Авив.
„Најмалку еден е руски државјанин, кој има и израелско државјанство“, заложник на Хамас во Газа.
Непал: 10 мртви, еден исчезнат
Убиени се десетина Непалци, соопшти непалската амбасада во Тел Авив. Четворица од нив се хоспитализирани, а со петтиот „изгубен е контакт“. Во Израел има 265 непалски студенти, меѓу кои 17 биле сместени во кибуц Алумим, на југ, кој бил цел на нападот.
Германија: Помалку од 10 мртви, најмалку осум киднапирани
„Одреден број германски граѓани беа жртви на теророт на Хамас“, помалку од десет од нив, соопшти во средата германското Министерство за надворешни работи. Министерството зборува за „осум познати случаи“ на киднапирање на Германци, а еден случај може да се однесува на повеќе лица. Севкупно, станува збор за „мал број“ на киднапирани германски државјани.
Аргентина: Седум мртви, 15 исчезнати
Буенос Аирес ја потврди смртта на седуммина Аргентинци и исчезнувањето на 15 лица. Меѓу нив се и двајцата браќа, Иаир и Ејтан Хорн, изјави нивниот татко, кој стравува дека биле „киднапирани и однесени во Газа“.
Украина: Седум мртви, девет исчезнати
Седум Украинци го загубија животот, а девет се водат за исчезнати, соопшти Киев.
Велика Британија: Најмалку шест мртви, десет исчезнати
Најмалку шест Британци загинаа, а десет се водат како исчезнати, изјави британскиот премиер Риши Сунак. Според израелската амбасада во Лондон, меѓу загинатите има и фотограф и 26-годишен маж кој живеел во Израел и работел како обезбедување на рејв забави во пустината.
Канада: Шест мртви и двајца исчезнати
Отава во вторникот ја пријави смртта на шестиот Канаѓанец. Двајца се уште се водат како исчезнати.
Кина: Четворица мртви, двајца исчезнати
Во понеделникот, Пекинг ја објави смртта на четворица Кинези за време на „конфликтот“, двајца исчезнати и шестмина повредени.
Романија: Четворица мртви, еден исчезнат
Букурешт објави дека загинале четворица романски државјани, меѓу кои и еден израелско-романски војник. Еден Романец е исчезнат.
Австрија: Тројца мртви, двајца исчезнати
Виена извести за смртта на тројца израелско-австриски државјани. Две лица се водат за исчезнати.
Белорусија: Тројца мртви, еден исчезнат
Белоруската амбасада во Тел Авив извести за смрт на тројца и исчезнување на еден државјанин на Белорусија.
Филипини: Тројца мртви, тројца исчезнати
Филипинската амбасада во Израел соопшти дека 33-годишна жена и 42-годишен маж загинале во напад на кибуц во близина на Газа.
Владата наведува дека животот го загубила и 49-годишна посетителка на фестивалот. Не се знае судбината на тројца Филипинци.
Бразил: Тројца мртви
Во нападите загинаа маж и жена со двојно бразилско-израелско државјанство и една Бразилка.
Перу: Двајца мртви, пет исчезнати
Перу има двајца мртви и пет исчезнати.
Република Јужна Африка: Двајца загинати
Јужна Африка има двајца мртви.
Португалија: Еден мртов, четворица исчезнати
Лисабон ја објави смртта на еден португалско-израелски државјанин и исчезнувањето на четворица државјани со двојно државјанство.
Италија: Еден мртов, двајца исчезнати
Животот го загубил италијанско-израелски државјанин (65), соопшти во вторник Министерството за надворешни работи. Двајца двојни државјани се водат како исчезнати.
Чиле: Еден мртов и еден исчезнат
Чиле објави дека еден негов државјанин загинал, а жител на кибуц Кисуфима се води како исчезнат.
Турција: Еден мртов, еден исчезнат
Анкара ја потврди смртта на турско-израелски државјанин кој со семејството живее во Израел од 1972 година. Еден нејзин државјанин исчезна.
Шпанија: Еден мртов, еден исчезнат
Убиена е Шпанка со израелско државјанство. Шпанец од Баскија, оженет со Чилеанка, е меѓу киднапираните во Газа, објави Мадрид.
Колумбија: Еден мртов, еден исчезнат
Богота пријавила смрт на Колумбиец и исчезнување на едно лице.
Камбоџа: Еден убиен
Пном Пен ја потврди смртта на студент од Камбоџа.
Австралија: Еден мртов
Австралија во средата тагуваше за смртта на својот државјанин.
Хондурас: Еден мртов
Властите на Хондурас ја потврдија смртта на еден граѓанин.
Азербејџан: Еден мртов
Баку објави дека е убиен еден државјанин на Азербејџан.
Ирска: Еден убиен
Даблин во средата ја потврди смртта на 22-годишна девојка со ирско и израелско државјанство.
Швајцарија: Еден мртов
Животот го загуби швајцарско-израелски државјанин на 70-годишна возраст, кој живеел во Израел од 2004 година, соопшти швајцарската влада.
Мексико: Двајца киднапирани
Двајца Мексиканци, маж и жена, се киднапирани, објави Мексико.
Официјалните податоци покажуваат и дека меѓу исчезнатите има државјани на Парагвај (двајца), Танзанија (двајца) и Шри Ланка (двајца).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Франција ги повикува младите на десетмесечна доброволна воена служба
Франција почна кампања за нова десетмесечна доброволна национална воена служба, а првите учесници ќе почнат со обука во септември годинава. Програмата, која во ноември ја претстави претседателот Емануел Макрон, е отворена за сите млади француски државјани, пишува „Ројтерс“.
Службата е наменета за лица на возраст од 18 до 25 години кои сакаат да придонесат за способноста на нацијата да се спротивстави во небезбедна средина, изјави на прес-конференција началникот на Генералштабот на вооружените сили, генералот Фабиен Мандон. Овој потег е дел од поширок тренд во Европа, каде што земјите ги преиспитуваат своите одбранбени стратегии поради загриженоста околу променливите приоритети на Соединетите Американски Држави под претседателот Доналд Трамп, како и поради, како што се оценува, поагресивниот став на Русија.
Од септември, 3.000 млади лица ќе се приклучат на армијата, морнарицата или воздухопловството за извршување мисии на француска територија. Планирано е бројот да се зголеми на 4.000 во 2027 година, а потоа да достигне 10.000 учесници годишно до 2030 година.
Учесниците ќе добиваат надомест од околу 800 евра месечно, а нивните задачи ќе опфаќаат широк спектар активности – од помош при природни катастрофи и антитерористички надзор, до работни позиции како оператори на дронови, пекари, механичари, електричари и медицински персонал.
По завршувањето на програмата, учесниците ќе можат да се вратат во цивилниот живот, да станат резервисти или да останат во вооружените сили. Министерката за одбрана Катрин Вотрен изјави дека ова го одразува „долгорочниот развој на војската кон хибриден модел“.
Се очекува програмата во 2026 година да чини 150 милиони евра, а вкупните трошоци за периодот од 2026 до 2030 година се проценуваат на 2,3 милијарди евра.
Фото: pexels
Свет
Фон дер Лајен остро го критикуваше „Икс“ на Маск поради АИ-содржини со голи жени
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, остро ја критикуваше платформата „Икс“ на милијардерот Илон Маск поради ширење сексуално експлицитни deepfake содржини создадени со помош на АИ-чатботот Grok, пишува Политико.
„Згрозена сум што технолошка платформа им овозможува на корисниците дигитално да ги ‘соблекуваат’ жените и децата на интернет. Тоа е незамисливо однесување. А штетата предизвикана од овие deepfake содржини е многу реална“, изјави фон дер Лајен во интервју за повеќе европски медиуми, меѓу кои Ројтерс и Кориере дела сера.
„Нема да ја препуштиме заштитата на децата и прашањето на согласност на Силиконската долина. Ако тие не постапат, ние ќе постапиме“, предупреди таа. Од почетокот на јануари, илјадници жени и тинејџерки, меѓу кои и јавни личности, пријавиле дека нивни фотографии на социјалните мрежи биле „соблечени“ и претворени во фотографии во бикини од страна на Grok, по барање на корисници.
Алатката за креирање deepfake содржини поттикна истраги од регулаторите ширум Европа, вклучувајќи ги Брисел, Даблин, Париз и Лондон. Европската комисија минатиот четврток ѝ наложи на платформата X да ги зачува „сите внатрешни документи и податоци поврзани со Grok“, што претставува ескалација на постојната истрага за политиките за модерирање содржини на X.
Комисијата ги оцени сексуално експлицитните deepfake содржини создадени без согласност како „незаконски“, „ужасни“ и „одвратни“.
Како одговор, X ја ограничи контроверзната функција за генерирање АИ-слики само на корисници со платена претплата. Портпаролот на Европската комисија, Томас Рењер, изјави дека ограничувањето на алатката на претплатници не значи крај на истрагата на ЕУ.
Скандалот се појави како нов тест за решителноста на ЕУ да го ограничи влијанието на Маск и американските технолошки гиганти. Само еден месец претходно, Брисел ја казни платформата X со 120 милиони евра поради кршење на клучниот закон на Унијата за онлајн платформи – Актот за дигитални услуги (DSA).
Казната предизвика брза и силна реакција од Вашингтон, при што американската администрација воведе забрана за патување за поранешниот европски комесар за дигитална технологија и главен архитект на DSA, Тјери Бретон. Од платформата X не одговориле веднаш на барањето за коментар за критиките на Урсула фон дер Лајен.
Фото: Depositphotos
Свет
Трамп објави фотографија на која пишува дека е претседател на Венецуела
Американскиот претседател Доналд Трамп објави фотографија на својот профил на социјалната мрежа Truth Social, тврдејќи дека е 45-ти и 47-ми претседател на Соединетите Американски Држави, како и вршител на должноста претседател на Венецуела од јануари 2026 година.

Соединетите Американски Држави започнаа воена операција во Венецуела на 3 јануари, при што ги заробија претседателот Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес за да им се суди пред суд во Њујорк по обвиненија за дрога и оружје.
Трамп изјави дека неговата администрација ќе управува со Венецуела и нејзините нафтени ресурси за време на преодниот период. Откако Мадуро беше уапсен, неговата потпретседателка Делси Родригез положи заклетва како привремена претседателка.
Трамп претходно предупреди дека Родригез би можела да „плати многу висока цена“ ако не соработува со Соединетите Американски Држави.

