Култура
„Чувари на формулата“ – најдобар филм на „Киненова“; Бјелогрлиќ: За мене беше провокација како формулата на смртта станува формула на животот
Осмото издание на „МФФ Киненова“ сподели приказни на многубројни филмски автори, кои ни подарија визуелни есенции што долго ќе ги прераскажуваме, а меѓународното жири, во состав: Лех Мајевски, режисер, сценарист, кинематографер, мултимедијален уметник од Полска, Дебора ван Дам, сценаристка и режисерка од Холандија, и Дејан Дуковски, драмски писател од Македонија, одлучија кои од нив ќе бидат наградени.
Во главната селекција беа прикажани осум филма за кои жирито одлучуваше за најдобра режија, најдобро сценарио и најдобар филм.
За најдобар филм на „Киненова“ за исклучителната и длабоко човечка приказна, наградата ја доби филмот „Чуварите на формулата“ на Драган Бјелогрлиќ.

„Прво, морам да кажам дека дојдов овде за да ви го покажам мојот филм и воопшто не знаев дека ќе добијам награда. Дознав пет минути пред почетокот на свеченоста. Ви благодарам, ова е големо изненадување за мене и голема чест. Пред некој ден ми беше роденден и влегов во седмата деценија, а оваа награда ќе ја сметам како добар почеток на седмата деценија“, рече Бјелогрлиќ.
Тој раскажа дека ја прочитал книгата на Горан Милашиновиќ и истражувал доста за тој настан.

„Знаев дека навистина се случило тоа во Винча, дека некои луѓе биле озрачени и дека во Франција некои луѓе им помогнале. Но, не знаев дека работеле на таен проект за атомска бомба, за тоа не се говореше тогаш, а ниту денеска не се говори. Премиерата на филмот во Белград ќе биде за некој ден и чекам да почнат да ме обвинуваат дека никогаш не правеле атомска бомба, дека пак нешто измислувам. Искрено мене не ми беше провокација таа бомба, туку како формулата на смртта станува формула на животот. Целиот тој настан, зад железната завеса, кога оние од Запад не им веруваа на оние од Исток и оние од Исток не им веруваа на оние од Запад, а ние во Југославија бевме некаде помеѓу, но бевме повеќе на Исток, а луѓето што работеле на проект што претставува вооружување што сее смрт, сега се соочуваат со нешто што е живот. И ако тие не го направеле тоа тогаш, можеби професорот Мате никогаш не би извршил трансплантација на коскена срцевина. И токму таа приказна и таа верижна реакција некако долго ме прогонуваше и се обидов да ја направам. Не беше лесно, приказната има повеќе нивоа, но со помош на моите сценаристи и монтажери успеавме да биде една приказна со тек. Ова е најтешкиот филм на кој сум работел, работев со странци, со странски актери, на јазик што не го говорам, но и по сè, многу сум задоволен“, рече Бјелогрлиќ.

Наградата за најдобро сценарио и најдобра режија ѝ припаднаа на украинската режисерка Марина Ер Горбах за филмот „Клондајк“. Во образложението жирито го потенцира уникатниот длабок опис на војната што го силува животот на едно семејство и неретко потсетува на грчка трагедија.
„Се надевам дека филмот ги допре срцата на гледачите. Последнава година патувавме и филмот е прикажан во повеќе држави и го кревавме украинското знаме против руската агресија. Но, сега сакам да го кренам моето лично знаме за децата во воените зони и за цивилите секаде во светот. Немам поинаков начин, освен овој, да ги испраќам моите пораки преку филмовите. За да ја сопрам војната, мојот крик е да продолжам да создавам бидејќи, според мене, оваа војна е меѓу луѓе што сакаат да уништуваат и луѓе што сакаат да создаваат. Затоа ги повикувам сите што се талентирани и кои создаваат уметност да се трудат повеќе за очите на јавноста да бидат вперени во уметноста и да се занимаваме со неа наместо со војни“, рече Ер Горбах во своето видеообраќање.

Специјално признание во оваа селекција доби шпанскиот филм „20.000 вида пчели“ на режисерката Естибалиц Уресола.
Наградата за најдобар филм во категоријата кратки филмови ја доби францускиот филм „Ако не е можно денес, можеби ќе биде утре“ на режисерскиот двоец Антоан Перез и Жулиен Сено.
„За жал, никој од нашиот тим не можеше да присуствува на доделувањето на наградата и да ја посети вашата прекрасна земја, Македонија“, рече продуцентот Николај Јарошенко, кој се заблагодари за укажаната можност филмот да биде прикажан на фестивалот бидејќи ова е негова меѓународна премиера.
Специјално признание од селектираните кратки филмови доби филмот „Ти ветив рај“ на Морад Мостафа од Египет. Жирито ги истакна прекрасните кадри и моќната приказна, што поттикнува на размислување.

„Добив прекрасна вест утринава и сакам да му се заблагодарам на жирито за наградата и на фестивалот ‘Киненова’ за оваа можност. Жал ми е што вечерва не сум таму со вас, но ветувам дека ќе дојдам во некое од следните изданија на Фестивалот“, рече Мостафа во своето видеообраќање.
Публиката имаше можност да го проследи најновиот филм на познатиот српски актер, режисер, сценарист и продуцент, кој одбележа еден значаен период и на југословенскиот филм, Драган Бјелогрлиќ, „Чувари на формулата“, кој на 76. филмски фестивал во Локарно годинава во август ја доби наградата PARDO VERDE RIKOLA, награда што му се доделува на филм во компетициската програма и промовира теми и стории за зачувувањето на еколошката средина и во нив нуди нова авторска интерпретација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Со „Оче наш“ и доделувањето на награди завршува овогодинешниот Cinedays
Со доделувањето на наградите во Официјалната и СЕЕ селекција се затемнува платното на овогодинешниот Cinedays. По седум интензивни филмски денови публиката имаше можност да погледне повеќе од 50 филмови, но за наградите на фестивалот се натпреваруваат осум во официјална конкуренција и шест во СЕЕ селекцијата.
„Имавме прекрасен фестивал и буквално „Се гледаме од другата страна“ со сите предизвици кои ни следеа во подготвителниот период. Филмската магија не покори и нас како организатори и гостите кои беа бројни и на ова издание. Сега сме во очекување на имињата на добитниците на наградите кои вечер ќе ги соопштат жири комициите во двете конкуренции“ – вели Маргарита Арсова програмски координатор на фестивалот.
По завршувањето на церемонијата на доделување на награди вечерва на репертоар е филмот „Оче наш“ на Горан Станковиќ, во кој македонски копродуценти се Огнен Антов и Стојан Вујичиќ од Dream factory.
„Филмот се бави со едно многу специфично место, место во кое во име на верата и духовноста, насилството се користи како оправдување за помош. Прва работа која ме наведе да размислувам за идеја на овој филм беше снимка од претепување во манастир во Црна Река. Таа снимка се појави во 2009 година, а контрадикторноста на сцената на сурово тепање на човек, со удирање на глава од икона на ѕид сосема ме збуни и вознемири. Од таму тргнав. Се разбира не би сакал да се генерализира на сите заедници кои пружаат духовна поддршка“ – вели режисерот Станковиќ.
Македонската страна на продукцијата во самиот филм ја претставуваат екипата сниматели на звук: Игор Поповски – Нивеа, Дејан Михајловски, Дарко Бошковски, Александар Ристевски и Горан Стаменков и брилијантниот Тони Михајловски:
„Тони е блескав актер со исклучително богата кариера и многу ми беше инспиративно да работам со него“ – дополнува режисерот Станковиќ.
Покрај Михајловски, во филмот играат: Вучиќ Перовиќ, Горан Марковиќ, Дадо Ќосиќ, Лазар Тасиќ, Јасна Жалица, Тони Михајловски, Ненад Хераковиќ …
Филмот ја имаше својата премиера на 50 јубилејно издание на престижниот филсмки фестивал во Торонто, а со него се завтора и вечерашниот Cinedays. По проекцијата, следи диџеј сет на Кунгфулиш, односно Ненад Стефановски од музичкиот состав Фулишгрин.
Култура
Македонскиот филм „Неми филмови“ меѓу најдобрите анимирани кратки дела за 2025 според „Animation Magazine“
Kраткометражен анимиран филм „Неми Филмови“ на режисерот Крсте Господиновски е вклучен во изборот на Animation Magazine за најистакнати анимирани кратки филмови во 2025 година.
Во текстот „Избор на познавачот: Субјективен критички преглед на најдобрите кратки анимирани филмови за 2025 година“, авторот Крис Робинсон – долгогодишен уметнички директор на Меѓународниот фестивал за анимиран филм во Отава – го наведува филмот како едно од најзначајните остварувања во годишниот преглед.
Робинсон го оценува „Неми Филмови“ како дело што се издвојува по визуелниот јазик, атмосферата и авторскиот пристап, особено преку неговата stop-motion естетика и внимателно развиена визуелна нарација. Како влијателна фигура во светот на независната анимација, неговата препорака се смета за важен сигнал за квалитет и релевантност на филмот.
Култура
Сорентино и филмот „Југо Флорида“ со Андрија Кузмановиќ на репертоарот на „Синедејс“
Денес, на претпоследниот ден од 24 издание на фестивалот Синедејс, во киното Фросина, со почеток од 20 часот ќе биде прикажан филмот “Помилување” во режија на славниот италијански режисер Паоло Сорентино. Филмот “Помилување” ја имаше својата светска премиера на 82 издание на Венецискиот филмски фестивал, со што се отвори и 82-та Мостра. Токму на овој фестивал, актерот Тони Сервиљо ја доби наградата “Волпи” за најдобар актер, а филмот беше номиниран за “Златен Лав”.
На истата локација, во 22.30 часот ќе биде прикажан филмот “Југо Флорида” во режија на Владимир Тагиќ, каде главната улога ја остварува популарниот српски актер Андрија Кузмановиќ. За ова остварување, актерот ја добива наградата “Срце на Сараево” за најдобра улога на Сараевскиот филмски фестивал во 2025 година.
Од останатите филмови на вечерашниот репертоар на фестивалот, во Денснг салата на МКЦ следи и краткиот филм “Зајак” во режија на Ханис Багашов кој се здоби со наградата Најдобар филм на фестивалот на краток филм Дримшорт во Струга и “Еден од оние денови кога Хеме умира” во режија на Мурат Фиратоглу. Во Кинотеката, ќе биде прикажан филмот “За Ева” краткиот филм во режија на Бојан Василев и “Вена” во режија на Кјара Флајшхакер.
Билети за фестивалот може да се набават на официјалната страница www.cinedays.mk.

