Свет
Макрон: Борбата против Хамас мора да биде без милост, но не и без правила

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска во Ерусалим предложи формирање меѓународна коалиција против Хамас и изрази надеж за обновување на мировниот процес со Палестинците.
„Франција е подготвена меѓународната коалиција против Даеш, како дел од која се ангажиравме за нашата операција во Ирак и Сирија, да се бори и против Хамас“, рече Макрон по билатералната средба со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, користејќи го арапското име за „Исламската држава“.
„Им предлагам на нашите меѓународни партнери да изградиме регионална и меѓународна коалиција за борба против терористичките групи кои ни се закануваат на сите нас“, рече тој.
„Тоа е во интерес на Израел и неговата безбедност, како и безбедноста на неколку ваши соседи кои се загрозени од истите тие групи или соседните групи. Борбата мора да биде без милост, но не и без правила, бидејќи ние сме демократии кои го почитуваат законот за војна и обезбедуваат пристап до хуманитарна помош на населението во Газа“, додаде тој.
Со оглед на многу тензичната ситуација на границата со Либан, Макрон ги повика и „Хезболах, иранскиот режим и Хутите во Јемен“ да „не преземаат несовесен ризик да отвораат нови фронтови“.
Тој, исто така, повика „сите да обрнат внимание на акциите на поединци против палестинските цивили чие насилство се заканува да прошири и на Западниот Брег“.
По нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври, Макрон ја изрази својата солидарност со израелскиот народ, велејќи дека поради 30 загинати француски граѓани и девет заложници или исчезнати лица, тој напад е „црна страница“ во француската историја. Но, „палестинското прашање мора да се слушне со разум“, нагласи тој.
„Израелската безбедност не може да биде трајна без решително обновување на политичкиот процес со Палестинците“, нагласи тој. Во вторник попладне во Рамала, Макрон ќе разговара со претседателот на палестинските власти Махмуд Абас, а во среда со неколку регионални лидери.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Нуклеарните инспектори на ОН пристигнаа во Иран за прв пат по израелскиот напад

Нуклеарните инспектори на ОН се вратија во Иран за прв пат откако Иран ја прекина соработката со агенцијата по израелските напади врз нејзините нуклеарни постројки, објавија денес иранските државни медиуми.
Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, им рече на пратениците дека Техеран сè уште не постигнал договор за тоа како да ја продолжи целосната соработка со нуклеарното надзорно тело на ОН, објави парламентарната новинска агенција ICANA.
Тој рече дека инспекторите ќе ја следат размената на гориво во иранската нуклеарна централа Бушер, според извештајот.
Коментарите на Аракчи дојдоа еден ден откако Иран се сретна со Франција, Велика Британија и Германија за да се обиде да ги оживее разговорите за неговата нуклеарна програма, за која западните сили велат дека е насочена кон развој на бомба, додека Исламската Република вели дека е насочена кон цивилни проекти.
Иранските власти велат дека на земјата ѝ е потребен нов договор за соработка со Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) по 12-дневната воздушна војна со Израел во јуни, на која брзо ѝ се придружија и САД. Во јуни, иранскиот парламент донесе закон со кој се суспендира соработката со МААЕ и се бара сите идни инспекции да бараат зелено светло од Врховниот совет за национална безбедност на Техеран.
Советот ја одобри посетата на инспекторите, но „нацрт за нов начин на соработка со МААЕ не е финализиран ниту одобрен“, рече Аракчи, според ICANA. „Полнењето гориво на нуклеарниот реактор Бушер мора да се изврши под надзор на инспектори на меѓународната агенција“, додаде тој.
Шефот на МААЕ, Рафаел Гроси, изјави за Фокс њуз дека „првиот тим инспектори на МААЕ се врати во Иран“, но дека агенцијата сè уште дискутира за тоа како да ги продолжи инспекциите. По нападите во јуни, Иран исто така тврдеше дека објектите повеќе не се безбедни за инспекторите.
фото: принтскрин
Европа
Кремљ: Ги поддржуваме мировните напори на Трамп, но ги отфрламе гаранциите на ЕУ за Украина

Кремљ на денешниот редовен брифинг за медиумите изјави дека ги смета напорите на САД за постигнување мир во Украина за „многу важни“ и дека тие би можеле да помогнат во решавањето на долготрајниот конфликт. Сепак, портпаролот Дмитриј Песков јасно стави до знаење дека Москва има негативен став кон европските предлози за безбедносни гаранции за Украина.
Песков го повтори долгогодишниот став на Русија дека не треба да има распоредени трупи од земјите-членки на НАТО на украинска територија. На прашањето за можни мировни разговори на високо ниво, тој рече дека ваквите состаноци мора внимателно да се подготвуваат за да бидат ефикасни.
По извештаите дека руските напади во текот на ноќта биле насочени кон украинската енергетска инфраструктура, Песков рече дека Русија ги таргетирала само воените и воено поврзаните цели.
Песков, исто така, објави дека се во тек интензивни подготовки за претстојната посета на рускиот претседател Владимир Путин на Кина.
Путин ќе присуствува на самитот на Шангајската организација за соработка, кој ќе се одржи од 31 август до 1 септември во кинескиот пристанишен град Тјенџин. Според Песков, на самитот ќе учествуваат повеќе од 20 светски лидери.
Потоа, Путин ќе го посети Владивосток, голем руски пристанишен град во близина на кинеската и севернокорејската граница, на 5 септември.
фото: принтскрин
Свет
Папата апелира за траен прекин на огнот во Газа и ослободување на заложниците

Папата денес упати силен апел до глобалната заедница да го прекине речиси двегодишниот конфликт меѓу Израел и Хамас повикувајќи на траен прекин на огнот, ослободување на заложниците во Газа и обезбедување хуманитарна помош.
„Уште еднаш упатувам силен апел да се прекине конфликтот во светата земја, кој предизвика толку многу терор, уништување и смрт“, рече папата на својата неделна аудиенција во Ватикан.
„Барам ослободување на сите заложници, постигнување траен прекин на огнот, олеснување безбеден влез на хуманитарна помош и целосно почитување на меѓународното хуманитарно право“, рече тој.
Папата не ги именува Израел или палестинската милитантна група Хамас, но рече дека меѓународното право бара „обврска за заштита на цивилите, забрана за колективно казнување, неселективна употреба на сила и присилно раселување на населението“.
Фото: принтскрин