Македонија
И ова пукање е изолиран инцидент за Ист гејт, трговскиот продолжи со работа

Како изолиран инцидент, Трговскиот центар „Ист гејт мол“ го опишува денешното пукање во кое повредени беа две лица, а купувачите панично ја напуштија зградата.
Од тука информираа дека по инцидентот и по обезбедување на сите потребни безбедносни мерки, „Ист гејт мол“ продолжува со нормална работа по обезбедени мерки за тековна оператива.
„Се работи за изолиран инцидент, лоциран на подземните нивоа во трговскиот центар. Надлежните служби вршат увид во моментов на местото на настанот, но трговскиот центар продолжува со утврдениот нормален режим на работа до 22 часот. Трговскиот центар е обезбеден со соодветно физичко обезбедување и технички системи за безбедност и мониторинг наменети за обезбедување на сигурноста и безбедноста на посетителите“, велат од „Ист гејт мол“, преку соопштение.
Пукање во трговскиот центар имаше и пред два месеца.
„Ист гејт“ и тогаш уверуваше дека трговскиот е безбеден и дека се работи за изолиран инцидент, кој не е поврзан со општата безбедност на посетителите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Кирков: Скопје издржало многу, ќе ја издржи и Арсовска уште неколку месеци

На денешната седница на Советот на Град Скопје се обрати советникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Кирков.
Кирков на самиот почеток истакна дека Скопје претрпело многу катастрофи, но со преземањето на функцијата градоначалник од страна на Данела Арсовска, Скопје не видело поголема катастрофа.
„Градот Скопје претрпел многу катастрофи во поново време, без пардон, ќе кажам дека поголема катастрофа од градоначалничката Данела Арсовска и не постои. Како ни изгледа Скопје во моментот? Сите фонтани се жабарници, недостигаат букви на спомениците и тие не се одржувааат, не се исчистени. Буквално имаме една глетка на градот Скопје што не ја памтиме“, рече Кирков.
Кирков исто така истакна дека секоја критика од страна на советниците кон градоначалничката Арсовска резултирала со барање за извинување од нејзина страна и опомена пред тужба.
„И, за жал, ќе кажам, на секоја критика кон градоначалничката таа кон нас советниците се произнесува со барање за извинување или со опомена пред тужба. И нека е така, Скопје издржало многу, ќе ја издржи уште неколку месеци Данела, а потоа ќе постои и одговорност. Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја поддржи оваа донација, ја поздравува и ги охрабрува сите фондации што имаат можност да помогнат во реновирањето на спомениците затоа што се во катастрофална состојба“, дециден е Кирков.
Македонија
Стојановски: Да го поддржиме ребалансот на буџетот, со тоа што би ги зголемиле платите на вработените во Град Скопје и во Противпожарната бригада

На денешната седница на Советот на Град Скопје, советникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Мартин Стојаноски, истакна дека ВМРО-ДПМНЕ како партија, но и како советничка група, секогаш ги поддржува зголемувањата на платите во јавниот сектор.
„Како советничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и како партија ВМРО-ДПМНЕ, секогаш сме ги поддржувале зголемувањата на платите во јавниот сектор и во Град Скопје. Затоа барам од сите колеги советници, кои се присутни во салата, да го поддржиме ребалансот на буџетот со тоа што би ги зголемиле платите на вработените во Град Скопје и во Противпожарната бригада – Скопје“, посочи Стојановски.
Тој потенцира дека и во минатото поднесувале иницијативи за зголемување на платите во администрацијата и во Противпожарната бригада.
„Покрај тоа што поднесувавме и во минатото иницијативи за зголемување на платите во администрацијата и во Противпожарната бригада, уште еднаш потврдувам и барам сите колеги советници да гласаме за зголемување на платите во Противпожарната бригада и во Град Скопје“, заклучи Стојановски.
Македонија
(Видео) Данела Арсовска во живо се вклучи од објект во Чаир: „Дивоградба на државно земјиште“

Градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, се вклучи во живо од инспекција на нелегален објект во општина Чаир.
Таа рече дека објектот се гради без никакви документи, без проект и без одобрение за градба. Ги повика МВР и ЦУК да излезат на терен и да реагираат.
Според Арсовска, станува збор за дивоградба од неколку илјади квадратни метри на државно земјиште, а како што рече, изградбата ја дозволил градоначалникот Висар Ганиу. Како што покажува на видеото, објектот се гради на еден метар до станбена зграда, односно пред прозорците на станарите.
„Во моментот во општина Чаир, спротивно на законот, си почнале нова дивоградба, за жал, во овој момент не реагира МВР, го повикуваме министерот Панче Тошковски, кој би требало да реагира, и го повикуваме и Стојанче Ангелов, за овие необезбедени дупки, каде што секој случаен минувач може да се повреди, да излезат на самото место и да ни кажат дали има ‘сејфти фрст’“, вели Арсовска.
„Нерегистрирани возила, без никаква дозвола, нема платено комуналии, нема одобрение за градење, нема проект, нема ниеден документ со кој се гарантира безбедност на градба и да не се чудиме она што се случува во Македонија. Дополнително, објектот е во ГУП на Скопје, каде што овие тука си одлучиле да си прават зграда, без ниеден документ“, рече Арсовска.