Забава
Се паѓаше во бесвест на промоцијата на новата книга на Зоран Спасов-Ѕоф – „Цепај сине“ го собра цело Скопје на журка
Авторот на бестселери, Зоран Спасов-Ѕоф, во средата, во Скопје ја промовира својата нова книга „Цепај сине“. И овој пат, исто како и лани, кога ја промовира „Џабе живиш у Скопје“, клубот беше претесен да ги собере сите што дојдоа на промоцијата, која беше вистинска журка за скопјани.

„Стануе збор за еден цепенковистички зборник, што кај читателот треба да побуди шегобијни чу’ства, осеќаји, сенсои и филинзи“, рече авторот Ѕоф
Голем број пријатели, јавни личности, музичари, бизнисмени, беа дел од забавата на Ѕоф. Чест му направи и претседателот Стево Пендаровски, кој дојде на промоцијата, и онака опуштен уживаше во друштво на пријатели.

На досетките на Ѕоф во публиката се смееше и претседателот Стево Пендаровски
„Писателе, пушите луле“, му рече на врата Пендаровски на Ѕоф, кој го пречека пред промоцијата.
Во улога на водител беше актерот Александар Микиќ, кој нарекувајќи го Ѕоф современ Цепенков, на свој начин ја долови приказната на „Цепај сине“ читајќи по некој дел од книгата што ги интригира читателите, особено скопјани, кои со аплауз го поздравија Микиќ.

„Цело Скопје е на промоција кај Ѕоф“, коментираа гостите
А Ѕоф, пак, за својата книга вели: „Стануе збор за еден цепенковистички зборник, што кај читателот треба да побуди шегобијни чу’ства, осеќаји, сенсои и филинзи. Ќе прочитате ствари што нит‘ сте ги чуле нит‘ сте ги виделе. За некои ќе треба да ги прашате вашите родители, доста од нив не постојат ни на ’Гугл‘, а повеќето се непознати чак и за Институтот за македонски јазик. Но, едно е сигурно – или ќе ’цепате‘ или (нема да) живеете“.

Драган Мијалковски ги испеа своите најпопуларни песни
Гости на вечерта беа Цеки, кој ја отепа култната „Џабе живиш у Скопје“, потоа добра журка имаше со групата The Ringtones, но најголемата забава ја направи легендарниот Драган Мијалковски, кој заедно со гостите ги пееше своите најпопуларни песни.
Во целата таа драма од луѓе, забава, музика, пијачки, имаше и паѓање во бесвест, ама во буквална смисла, оти на неколкупати интервенира и итната медицинска помош. Многу луѓе, голема забава, каде што немаше место ни игла да фрлиш.
„Пак цело Скопје се собра на промоција кај Ѕоф“, коментираа гостите барајќи место каде да застанат.
„Цепај сине“ е во издание на „Попули“, дел од „Арс алмина – публикации“. Се работи за толковен речник во манирот на претходната книга на Зоран Спасов-Ѕоф – „Џабе живиш у Скопје“.
Во оваа книга се застапени две илјади поими, изрази и фрази што на шеговит начин ги претставуваат нашиот хумор и менталитет. Целта на авторот е да го реактуализира скопскиот јазик и кај читателите да разбуди некои одамна заборавени чувства.
Средствата од продажбата, како и досега, Зоран Спасов-Ѕоф ќе ги донира во хуманитарни цели.
На оваа ѝ претходат уште пет хит-книги: „Џабе живиш у Скопје“, „Торонто експрес“, „Тито, мојот претпоследен херој“, „Некогаш, некаде“ и „Тибам штркот“.
Александра Георгиев
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
(ФОТО) И на 40 години во врвна форма: Роналдо повторно ги воодушеви фановите
Кристијано Роналдо повторно ги воодушеви фановите со фотографија објавена на Инстаграм, на која позира без маица во црни боксерки, покажувајќи ја одличната физичка форма и на 40-годишна возраст.
„По сауна“, напиша кратко Роналдо под фотографијата направена во теретана. Ова не е првпат фудбалската ѕвезда да објави вакви фотографии, со кои редовно ја истакнува дисциплината, тренинзите и начинот на живот по кои е препознатлив.
View this post on Instagram
Забава
Леонардо ди Каприо никогаш повторно не го гледал „Титаник“
Актерот Леонардо ди Каприо ги шокираше фановите со признанието дека никогаш повторно не го погледнал „Титаник“, филмот што во 1997 година го лансираше во светска слава и ја обележа цела една генерација.
Ди Каприо за тоа зборуваше во разговор со Џенифер Лоренс во емисијата Actors on Actors, пренесува „Варајети“. За време на опуштениот разговор, Лоренс директно го праша: „Дали некогаш повторно го погледна ‘Титаник’?“
Ди Каприо без размислување одговори: „Не. Не сум го гледал.“
Лоренс се изненади и му рече: „Па, треба да го гледаш! Се кладам дека сега би можел да го гледаш, навистина е добар.“
„Јас всушност не ги гледам моите филмови. Ти ги гледаш ли твоите?“ ја праша Ди Каприо колешката.
„Не“, одговори Лоренс низ смеа. „Никогаш не сум снимила нешто како ‘Титаник’. Да сум, сигурно ќе го гледав. Еднаш бев многу пијана и го пуштив ‘American Hustle’. Се прашував: ‘Дали јас сум добра актерка?’ Го пуштив филмот… и не се сеќавам на одговорот.“
Ди Каприо слично признание дал и претходно. Во август, за списанието „Есквајр“, изјави дека ретко ги гледа своите филмови, но дека постои еден исклучок.
„Тоа е ‘Авијатичарот’. Тој филм ми беше особено важен“, рече актерот, присетувајќи се на соработката со режисерот Мартин Скорсезе и на неговиот долгогодишен интерес за ликот на Хауард Хјуз.
Филмот „Титаник“, во режија на Џејмс Камерон, стана еден од најуспешните филмови во историјата, а Ди Каприо во него глумеше заедно со Кејт Винслет.
„‘Титаник’ беше голем експеримент за Кејт и за мене“, изјави Ди Каприо уште во 2016 година. „Не можевме ни да замислиме колку голем ќе стане филмот. Сè тоа нè изненади.“
Тој додаде дека по тој успех морал да забави и да се врати на своите актерски цели.
„Знаев дека од мене се очекува нешто одредено, но сакав да останам верен на себе и на причината поради која воопшто почнав да глумам“, порача Ди Каприо.
Забава
Од февруари ќе се наплаќа пристап до фонтаната ди Треви
Од 1 февруари, туристите ќе мора да платат две евра за да добијат пристап одблиску до фонтаната ди Треви во Рим, една од најпознатите туристички атракции во градот. Бесплатен пристап ќе имаат само жителите на Рим, додека разгледување од далечина ќе остане без надомест.
Градоначалникот Роберто Гвалтиери изјави дека со оваа мерка се очекува годишен приход од околу 6,5 милиони евра. Наплатата е дел од поширок план со кој од 1 февруари ќе се воведат влезници и за уште пет локации во градот, со цена од пет евра.
Фонтаната ди Треви ја посетуваат во просек околу 30.000 луѓе дневно, а градските власти ја оправдуваат мерката со пренатрупаноста и проблемите со џепчии. Само во периодот од 1 јануари до 8 декември, просторот пред фонтаната го посетиле околу девет милиони туристи.
Традицијата на фрлање парички во фонтаната продолжува.

