Забава
(Видео) Лажно видео на Тејлор Свифт како зборува мандарински стана вирално во Кина и предизвика дискусија за вештачката интелигенција
Американската поп-ѕвезда Тејлор Свифт го привлече вниманието на своите кинески фанови оваа недела кога клип на кој зборува течно мандарински стана вирален на социјалните мрежи во Кина.
Во видеото објавено на популарната социјална платформа „Веибо“ 33-годишната пејачка се пофали со своите вештини за зборување мандарински во некаква емисија што изгледа како ток-шоу.
„Неодамна бев на многу места, како Италија, Франција и Јапонија“, вели Свифт на мандарински со благ американски призвук.
Видеото беше споделено на 21 октомври и оттогаш има над шест милиони прегледи.
Во друго видео Свифт зборува за песни што се запоставени и како би сакала луѓето да ги чујат.
Сепак, Свифт својата способност да зборува на мандарински јазик ја должи на вештачката интелигенција.
Овие лажни видеозаписи биле генерирани со алатка на вештачка интелигенција од „Хејџен“ (HeyGen), кинески стартап, пренесува порталот „Чајна проџект“ (The China Project).
Движењата на усните се синхронизирани за да изгледа како да зборува на мандарински, а звучи како гласот на Свифт правејќи ги видеата толку реални што ги натера кинеските корисници на интернет да ја изразат својата вчудовиденост од технологијата, со коментари како: „Ова е прекрасно!“
Но, исто така поттикна дискусија за потенцијалните стапици што ќе се појават кога вештачката интелигенција ќе стане понапредна, како, на пример, појава на измами, губење работни места итн.
„Најстрашното нешто е некој да ја користи оваа технологија за да прави лажни вести – бидејќи вештачката интелигенција е способна да манипулира со гласот и движењето на устата – луѓето лесно ќе поверуваат“, напиша еден интернет-корисник.
Друг корисник на „Веибо“ напиша дека би било страшно АИ-технологијата (вештачката интелигенција) да служи за измами бидејќи криминалците може да ја користат за да мамат жртви за пари.
Видеогенераторот напојуван со вештачка интелигенција (алатка за генерирање видеа) им овозможува на корисниците да креираат видео со говорење – над 300 гласа на повеќе од 40 јазици – користејќи над 100 АИ-аватари од разни етнички групи, возраст, пози и облека.
Технологија како оваа предизвика загриженост за криминални примени на вештачката интелигенција. Оваа година измамник во северна Кина употребил лажна технологија за да убеди еден човек да му префрли пари на наводен пријател.
Измамникот користел технологија за замена на лица напојувана со вештачка интелигенција за да имитира пријател на жртвата во видеоповик. Човекот на крајот му префрлил приближно 4,3 милиони јуани.
Во јануари Кина воведе нови правила, кои бараат од бизнисите што нудат лажни услуги да ги добијат вистинските идентитети на своите корисници.
Според новите правила, секоја лажна содржина мора да биде соодветно означена за да се избегне забуна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
Меланија Трамп ја украси Белата куќа за Ноќта на вештерките
Меѓу контроверзиите околу градежните работи во Белата куќа, Меланија Трамп ги покажа своите декорации за Ноќта на вештерките, подготвувајќи се за традиционалната прослава што ќе се одржи недалеку од срушеното Источно крило.
Нејзината канцеларија објави фотографии од подготовките со порака: „Белата куќа се подготвува за Ноќта на вештерките 🎃“.
The @whitehouse is getting ready for Halloween 🎃 pic.twitter.com/J7LAs6hqfl
— Office of the First Lady (@FirstLadyOffice) October 28, 2025
Есенска атмосфера и многу тикви
За разлика од претходните години, Меланија се чини дека се одлучила за поедноставна декорација за претстојната Ноќ на вештерките. Задниот влез и скалите се покриени со тикви, додека шарени лисја ги красат столбовите на тремот. Целокупниот впечаток повеќе потсетува на есенска тема отколку на Ноќта на вештерките, што можеби била намерна одлука за да не се исплашат најмладите гости кои доаѓаат на традиционалното собирање слатки.
Забава
Меган Фокс за мајчинството: Не сум спиела седум месеци
Американската актерка Меган Фокс (39) искрено проговори за предизвиците на мајчинството по раѓањето на ќерката Сага, која ја доби со свршеникот Колсон Бејкер.
На проекција на филмот Jennifer’s Body во Лос Анџелес, Фокс откри дека по породувањето, се соочува со силна исцрпеност.
„Само што родив бебе и страдам. Не сум спиела седум месеци“, изјавила таа објаснувајќи дека има тешкотии со концентрацијата и со меморијата.
Актерката додала дека по породувањето, се споредила со трансформацијата на својот лик во чудовиште од филмот, алудирајќи на психолошките промени што ги чувствува.
Иако постојат шпекулации за развод, таа и сопругот останале заедно и по тешкиот период, вклучувајќи го губењето на бременоста во 2023 година, што Меган го опиша како длабоко емотивно и болно искуство.
Забава
(Видео) Дакота Џонсон во спектакуларен фустан: актерката во креација на „Валентино“ по шест години
Популарната актерка Дакота Џонсон блесна на настанот Vogue World 2025: Hollywood кога се појави во спектакуларен фустан од модната куќа „Валентино“ и покажа зошто е една од најзаводливите холивудски ѕвезди.
Интересно е што таа не ги носела креациите на оваа престижна италијанска модна куќа на црвениот тепих веќе шест години, но соработката е обновена и сигурно ќе уживаме во нејзините спектакуларни изданија и во наредниот период.
@dakotajohnsonarg this cutieeeee!!! 💗🤏🏻🥹 #dakotajohnson #VogueWorld #vogue #voguemagazine #hollywood ♬ what is love haddaway – whitelinesprettybabyy
Дакота, во соработка со стилистката Кејт Јанг, избра многу впечатлива креација од колекцијата пролет 2026, фустан украсен со мониста во нежни, пастелни бои по целата должина.
Инспириран е од 20-тите, а е посебен поради везот на деколтето и делумно проѕирниот дел од тил во нежно розова боја. Друг интересен детаљ е високата јака, која исто така е изработена од тил, но во друга боја. Со овој фантастичен фустан Дакота избра нежно розови чевли од „Валентино“, како и дискретен накит.
@gbr.mag me encontro obcecada pelo look da dakota johnson no vogue world 🥹🤍 #tiktokfashion #dakotajohnson #vogueworld #fashion #moda ♬ original sound – lana del rey ୨୧
Провокативната и ефектна комбинација ја комплетира со црна чанта, а додека фотографите ја фотографираа, таа не можеше да ја тргне насмевката од лицето.
фото: принтскрин

