Македонија
Каде и да патувам, се среќавам само со претседателот и со премиерот, рече Фон дер Лајен прашана зошто Мицкоски не е на агендата
Каде и да сум, обично се среќавам со шефот на државата и на Владата. Вака претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, во Скопје одговори на прашањето зошто нејзината агенда не вклучува средба со опозицискиот лидер, Христијан Мицкоски, со оглед на тоа што тој е клучен играч кога станува збор за уставните измени за почеток на преговорите со ЕУ.
„Ова е случај со моето патување во Западен Балкан, но тоа е случај со сите мои други посети и патувања, кога посетувам земји членки, постои правило дека се среќавам со шефот на државата или со премиерот на државата“, рече претседателката на Европската комисија.
Мицкоски вчера изјави дека од претстојната посета на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, очекува таа да излезе со позиција нашата држава да добие безусловен почеток на преговорите со ЕУ.
„Очекувам претседателката на ЕК, Урсула Фон дер Лајен, да излезе со позиција дека Македонија ќе добие безусловен почеток на преговорите со ЕУ, иако сум свесен за многу недостатоци што ги имаме на домашен план поради неработењето на корумпираната Влада на СДСМ и ДУИ. Ценам дека на тој начин ќе им се оддаде признание и на државата и на граѓаните за сето она што го направија изминатите 23 години, од првиот ден кога беше потпишан Договорот за стабилизација и асоцијација, и ќе се оддаде признание и почит кон сите понижувања и омаловажувања што мораше граѓаните да ги преџвакаат и да ги премижат, од промената на националното знаме, па сè до насилната промена на Уставот и уставното име“, рече Мицкоски.
Фон дер Лајен на денешната прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски повтори дека уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот се неопходен чекор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради сообраќајка во прекин сообраќајот на патот Битола-Државна граница со Грција
Во 20:00 часот на крак А-3 Битола – Државна Граница со Р.Грција во близина на крстосница за с.Бистрица и с.Оптичари, случена е сообраќајна незгода, поради што сообраќајот на патниот правец Битола – Држ. граница е во прекин и истиот ќе се пренасочи низ.с.Бистрица и с.Породин соопшти АМСМ.
Македонија
Сиљановска-Давкова со Ахмет бин Мохамед Ал Џарван: мирот и толеранцијата се императивни претпоставки за демократија
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ахмет бин Мохамед Ал Џарван, претседател на „Глобалниот совет за толеранција и мир“, во придружба на неговите соработници.
Информирајќи дека семејството на пријателите на „Глобалниот совет“ постојано се проширува, Ал Џарван потенцираше дека стотина парламенти, ширум светот, потпишале меморандуми за соработка со оваа препознатлива и почитувана институција.
Тој, во парламентарната демократија и во меѓукултурниот дијалог препознава мировни механизми за промоција и гаранција на мирот и толеранцијата на сите нивоа и во сите средини.
Претседателката ја поздрави хуманата мисија на Глобалниот совет, истакнувајќи дека е добредојдена и делотворна во амбиент на сериозни безбедносни закани.
За неа, Меморандумот за соработка, којшто деновиве го потпиша Глобалниот совет со македонското собрание е чекор напред во одбраната и поттикнувањето на хуманите цели на човештвото, без оглед на разликите по било кој основ.
Таа особено се радува на потпишаниот договор за стипендии на студенти од Правниот факултет „Јустинијан Први“, нејзината матична институција, како охрабрувачки за најдобрите студенти, но и оние со лоша материјална положба и неопходна потреба од финансиска помош.
За соговорниците, мирот и толеранцијата се императивни претпоставки за демократија, развој и просперитет во национални, регионални и меѓународни рамки.
Македонија
(Видео) Во Ресенско поплавени над 50 куќи, магацински простори и земјоделско земјиште, состојбата се следи во сите засегнати региони, соопшти ЦУК
Поради обилните врнежи, на подрачјето на Општина Ресен дошло до излевање на Болнска и Источка река во селата Царев Двор и Дрмени, при што се поплавени над 50 куќи, магацински простори, визби и земјоделско земјиште, соопшти Центарот за управување со кризи.
„Поплави се евидентирани и кај с. Долна Бела Црква од излевањето на Голема Река, чиј моментален водостој изнесува 210 см.
Ангажирани се екипи на јавните претпријатија, „Македонија пат“, ЈКП „Пролетер“, како и приватни машини – вкупно 7 пумпи за испумпување вода и повеќе багери за расчистување и интервенции. Во населбата Црквиште се користат сите расположливи пумпи за санација на поплавените објекти.
ЈП “Македонија пат“ информира дека на повеќе делници има наноси од земја, кои се расчистуваат по приоритет“.
Директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али, нагласуваат од ЦУК, е во постојана координација со градоначалниците на засегнатите општини.
„Поради обилните врнежи во повеќе региони низ државата се зголемени водостоите на реките, а има и поплавени терени, подруми и земјоделски површини. На терен се ангажирани екипи на јавните претпријатија, механизација и приватни компании за испумпување вода, расчистување и интервенции.
Состојбата, според ЦУК се следи во сите засегнати региони: Ресен, Битола, Демир Хисар, Охрид, Крива Паланка и околината.
„Дежурни екипи остануваат на терен и во текот на ноќта, а Центарот за управување со кризи будно ја следи состојбата и за понатамошни интервенции“.
Фото: принтскрин

