Македонија
За ВМРО-Народна, судењето на претседателот на клубот „Ванчо Михајлов“ од Битола e политички монтиран процес

Партијата ВМРО-Народна партија на експремиерот Љубчо Георгиевски смета дека судењето во Битола на долгогодишниот член на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Георгиевски, како претседател на клубот „Ванчо Михајлов“, е политички монтиран процес.
„За жал, државата преку својот орган на јавен обвинител учествува неодговорно, арогантно и прави пародија од правниот систем само за наводно да докаже некаква идеолошка определба на човекот кој е симбол на борбата за самостојна и независна Македонија. Пародијата го достигна својот врв кога како главен сведок на обвинителот во разобличувањето на Ванчо Михајлов е повикан авторитетот на Ламбе Алабаковски, кој е човек што веќе и официјално е осуден за потпалување на истиот клуб“, велат од ВМРО-Народна преку соопштение.
Партијата додава дека, за жал, денес, во Северна Македонија се води процес за кој ни самиот Лазар Колишевски немал доблест да го поведе, дури и во најтемните времиња, а сево ова, како што се додава, е своевидно сопствено вето што си го ставаме на нашиот пат кон европската интеграција.
ВМРО-Народна партија предлага веднаш да се прекине овој судски процес.
Претседателот на клубот, Љупчо Георгиевски, е обвинет за предизвикување национална и расна омраза и нетрпеливост, како и ширење расизам и ксенофобија преку компјутерски систем. На вчерашното рочиште Георгиевски рече дека не се чувствува виновен и дека на никого ништо лошо не му сторил. Судењето продолжува на 18 декември кога ќе бидат сослушани Ѓорги Црномаров и Благоја Шаторов како сведоци на одбраната.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево и многу топло, максималната температура до 40 степени

Времето денеска ќе биде сончево и многу топло. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 21, а максималната ќе достигне од 32 до 40 степени.
Во Скопје сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 39 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на многу топла воздушна маса во текот на оваа седмица ќе се задржи сончево и топло време со умерена облачност во текот на денот. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоистоичен правец.
Македонија
Се’ уште гори кај Јасен, активни пожари на четири локации низ Македонија

Денес до 18 часот се регистрирани вкупно 10 пожари на отворен простор. Од нив, четири се активни и моментално се гаснат, додека шест се целосно изгаснати.
Активните пожари се лоцирани во различни делови на земјата. Еден од нив е во Националниот Парк Јасен во општина Македонски Брод, каде што гори мешана шума. Друг пожар е пријавен во село Теарце, општина Теарце, каде што се гори ниска вегетација. Во општина Сарај, во село Радуша, исто така се активни пожари кои зафаќаат сува трева и мешана шума. Четвртиот активен пожар е во општина Кичево, на потегот помеѓу селата Челопејци и Миокази, каде исто така гори мешана шума, соопшти Центарот за управување со кризи.
Надлежните служби постојано апелираат до граѓаните да ги почитуваат сите препораки и забрани за палење оган на отворен простор, со цел да се спречи ширење на пожарите и да се заштитат природните ресурси.
Македонија
Најмногу туристи ни дојдоа од Турција во јуни

Според податоците од Државниот завод за статистика, во јуни годинава во земјата биле регистрирани вкупно 126.415 туристи, од кои 20,1 отсто се домашни, а 79,9 проценти странски туристи.
Од странските туристи кои ја посетиле земјата во јуни 2025 година, најмногу дошле од Турција – вкупно 34.366 лица, следат Србија со 8.897, Германија со 8.011 и Холандија со 3.604 туристи.
Во периодот јануари – јуни 2025 година, во однос на истиот период од претходната година, вкупниот број на туристите е зголемен за 13,5%, со намалување од 2,5% кај домашните туристи и зголемување од 19,7% кај странските туристи. Вкупниот број на ноќевања во првото полугодие се зголемил за 8,5%, при што кај домашните има мало намалување од 1,1%, а кај странските зголемување од 13,3%.