Економија
Народната банка почнува со објавување квартални податоци за финансиските сметки, состојби
Имајќи ја предвид потребата од обезбедување навремени и сеопфатни податоци за финансиските средства и обврски на секторите во националната економија, Народната банка од октомври 2023 година првпат ќе почне со објавување нови статистички податоци – квартални податоци за финансиските сметки, состојби. Со тоа се збогатува сетот статистички податоци, односно аналитичката вредност на статистичките податоци што ги објавува Народната банка и им се овозможува на носителите на економските политики и на другите корисници да располагаат со пофреквентни податоци за финансиските сметки, кои како годишни податоци редовно се објавуваат почнувајќи од 2020 година, велат од Народната банка.
Податоците се прикажани во стандардизирани извештајни табели на неконсолидирана основа за секој институционален сектор на домашната економија, како и за секторот странство.
Во моментот е објавена временската серија за периодот од 2016 година наваму, а во иднина податоците ќе се објавуваат со редовна квартална динамика, четири месеци по истекот на кварталот на кој се однесуваат (во согласност со календарот за објавување податоци). Со подготовката на кварталните податоци се направи и ревизија на временската серија на годишните финансиски сметки од 2016 година до 2021 година, што произлезе од подобриот опфат, промената на изворите на податоци и новите и подобрени пресметки за одредени инструменти.
Објавувањето на овој нов сет податоци e продолжение на напорите на Народната банка за следење на меѓународните и европските статистички барања, но воедно претставува и исполнување на последниот показател во рамките на највисокиот статистичкиот стандард за дисеминација на податоците СДДС плус на Меѓународниот монетарен фонд, во надлежност на Народната банка. Овој показател, според преземената обврска за пристапување кон СДДС плус, треба да се подготви до завршувањето на транзицискиот период, во јануари 2024 година, се наведува во соопштението на НБ.
Податоците и методолошките објаснувања се достапни на следната врска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
БРАКО на АНАНАС: медицинскиот мебел на БРАКО отсега и со онлајн продажба на Ананас
Дел од програмата на медицински мебел на БРАКО отсега ќе може да се купи на сајтот за онлајн тргување Ананас. На сајтот се изложени производи кои се од домашно македонско производство и кои досега беа достапни за купување директно oд капацитетите во фабриката во Велес.
На овој начин, со партнерството со популарниот сајт за онлајн продажба Ананас, се излегува во пресрет на приватни лица и помали правни субјекти од областа на здравството и козметологијата да можат набават опрема за лично користење и за обавување на својата дејност, на начин кој е во тек со светските трендови на купување.
На сајтот се достапни кревет за медицински преглед, столчиња за медицински преглед, медицински паравани, рефлектори, сталаци, отомани за физиотерапија и масажа, сервисни колички и други производи.
Палетата на БРАКО која ќе биде достапна на Ананас во иднина ќе се проширува и ќе биде од корист особено за постари лица и лица кои се соочуваат со одредени физички здравствени попречености и на кои им се потребни помагала за олеснување на секојдневното функционирање, дома и надвор од домот.
Сите големи нарачки на медицински мебел и натаму се возможни во директен контакт со производителот БРАКО.
(ПР)
Економија
Македонските вина се продаваат во 40 држави во светот, Владата најавува зголемено производство и извоз
Македонија денес се претставува на „Винскa визија на Отворен Балкан“ во Белград.
Оваа година 80 винарски визби се претставуваат на овој саем од кои што 68 се мали семејни винарии и 12 винарски визби кои што се дел од здружението „Wines of Macedonia“, а за првпат имаме и изложувачи на квалитетна македонска традиционална храна.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, рече дека ова е одлична можност македонските квалитетни вина да бидат промовирани на саемот.
Тој посочи дека е зголемена продажбата на македонското вино надвор од границите на државата.
„Република Македонија е на 22 место во светот по производство на вино, а се наоѓа на 29-то место по извоз на вино во светот“, заклучи министерот.
Трипуновски додаде дека Владата има за цел да се зголеми производството на вино во државата со што ќе се зголеми и извозот на истото во светот. Девизен прилив од извоз на вино за 2023-та година изнесуваше над 57 милиони евра.
„Нашите вина се продаваат во преку 40 држави во светот. А, најголем дел се пласира овде во регионот, односно на Балканот“, истакна тој.
„Како Влада продолжуваме посветено да работиме во делот на секторот винарство бидејќи е втора најзначајна гранка во Република Македонија по извоз и девизен прилив“, нагласи министерот Трипуновски.
Економија
Илон Маск го сруши сопствениот рекорд на богатство, има 347,8 милијарди долари
Богатството на американскиот тајкун Илон Маск достигна рекордни 347,8 милијарди долари во петокот, поттикнато од континуираните добивки во акциите на „Тесла“ и новата рунда на финансирање откако неговиот стартап со вештачка интелигенција беше проценет на 50 милијарди долари.
Многу компании на Маск забележаа пораст на нивната вредност откако изборната победа на Доналд Трамп го круниса со политичко внимание.
Акциите на Тесла пораснале за 3,8 отсто во петокот, продолжувајќи да го поттикнува оптимизмот дека плановите на тимот на Трамп за автономни возила и субвенции за електрични возила ќе и дадат предност на компанијата на Маск пред конкуренцијата.
Маск, најбогатиот човек на светот, сега го собори сопствениот рекорд од 340,4 милијарди долари поставен во ноември 2021 година, според индексот на милијардери на „Блумберг“.