Македонија
Девизи, детокс-чаеви и глава за мотор за товарно возило, дел од заплените на Мобилната царина
Поголем износ на девизи, 250 кутии детокс-чаеви, но и нова глава за мотор за товарно возило се дел од заплените на мобилните тимови при Секторот за контрола и истраги на Царинската управа во текот на изминатите денови.
Во два посебни случаја мобилните тимови открија 15.100 евра, а кои возачи на камиони сакале да ги изнесат од државата преку преминот Табановце, без да ги пријават, криејќи ги во чорапи и на разни места во возилата.
Во првиот случај се пронајдени вкупно 11.100 евра, од кои 7.000 евра биле скриени во чорапите на возачот, а другите девизи биле во неговиот паричник и во плик во кабината на возилото. Во вториот случај се откриени 8 илјади евра, кои возач на камион ги скрил во кабината на камионот под капакот на автоматскиот менувач. Во двата случаја на возачите, инаку македонски државјани, им се вратени по две илјади евра, сума што може слободно да ја изнесат од државата, а преостанатите девизи се задржани. Против лицата ќе бидат поведени соодветни прекршочни постапки.
На граничниот премин Блаце, на влез во државата, во два посебни случаја, двајца косовски државјани се спречени во намерата нелегално да внесат 250 детокс-чаеви и нова глава за мотор за товарно возило.
Детокс-чаевите се откриени при контрола на комбе со косовски регистарски таблички под седиштата на возилото, а главата за мотор за товарно возило е откриена во патничко возило со косовски регистарски таблички во багажникот покриена со ќебе и јакна.
И во овие случаи непријавените производи се привремено задржани, а против лицата ќе бидат поднесени соодветни постапки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места со мали остатоци од кашест снег на коловозот
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП Македонијапат.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Мицкоски е во паника, опозицијата освои двојно повеќе гласови од власта, велат од СДСМ
„Мицкоски мора да е во голема паника штом свика прес конференција да се пофали дека опозицијата освоила повеќе гласови од владејачките партии“, велат од СДСМ.
„Дури и со сите можни злоупотреби на институциите и притисоци, кандидатите за градоначалници од опозициските партии освоија двојно повеќе гласови од кандидатите на владејачките партии.
Опозицијата освои двојно повеќе гласови, 21.394 гласови а власта само 12.534 гласа. Заклучокот е едноставен, власта на ВМРО, ВЛЕН и ЗНАМ загуби вечерва и тоа убедливо“, соопшти СДСМ.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Прилеп и околината
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, ноќеска во 01 часот и 14 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 116 км југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.9
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Прилеп и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.

