Свет
Шефот на европската дипломатија е згрозен од бројот на жртвите од израелскиот напад врз бегалскиот камп
Жозеп Борел, шефот на европската дипломатија, објави остра изјава во која нагласи дека е ужасен од бројот на жртвите од израелскиот воздушен напад во бегалскиот камп „Џабалија“ во северниот дел на Газа додавајќи дека „законите на војната и хуманоста секогаш мора да се применуваат“.
Во објавата на социјалните мрежи тој напиша: „Следејќи ја јасната позиција на Советот на ЕУ дека Израел има право да се брани во согласност со меѓународното хуманитарно право и обезбедувајќи заштита на сите цивили, јас сум ужасен од големиот број жртви по израелското бомбардирање на бегалскиот камп ‘Џабалија’“.
„Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, потсети дека меѓународното хуманитарно право не може да се применува селективно вклучувајќи ги принципите на дистинкција, пропорционалност и претпазливост. Правото на самоодбрана секогаш треба да биде балансирано со обврската да се поштедат цивилите во најголема можна мера“, рече Борел.
„Законите на војната и хуманоста мора секогаш да се применуваат, вклучително и кога станува збор за хуманитарната помош. Со оглед на трагедијата што се случува во Газа, Европската Унија од минатата недела повикува на хуманитарни коридори и паузи за хуманитарни потреби, а како што ситуацијата станува сè пострашна, ова е поитно од кога било. Безбедноста и заштитата на цивилите не е само морална, туку и законска обврска“, заклучи шефот на дипломатијата на ЕУ.
Палестинските здравствени власти соопштија дека најмалку 50 Палестинци биле убиени кога израелските воздушни напади го погодиле густо населениот бегалски камп „Џабалија“ во северниот дел на Газа. Израел соопшти дека во нападот бил убиен водачот на минатомесечниот смртоносен напад на Хамас врз Израел.
Лидерите на ЕУ минатата недела повикаа на паузи во израелските бомбардирања и ракетните напади на Хамас за да се овозможи хуманитарната помош да стигне до Газа преку безбедните коридори нагласувајќи ја нивната длабока загриженост поради влошувањето на хуманитарната ситуација во областа.
ООН и други хуманитарни претставници изјавија дека цивилите во опколената палестинска енклава се соочуваат со катастрофа во јавното здравје. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги отфрли меѓународните повици за „хуманитарна пауза“ во борбите велејќи дека Хамас ќе го искористи секој прекин на огнот во своја полза.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Земјотрес со јачина од 3,3 степени според Рихтеровата скала во Јадранското Море
Земјотрес со јачина од 3,3 степени според Рихтеровата скала го погоди југот на Хрватска во 21:48 часот вчера вечер.
Епицентарот бил на длабочина од 15 километри во Јадранското Море јужно од Корчула, соопшти Европскиот медитерански сеизмолошки центар (EMSC).
Во вторникот, земјотрес со јачина од 4,4 степени според Рихтеровата скала беше регистриран во близина на Ливно. Беше почувствуван и во Далмација.
Свет
(Видео) Лавина во Калифорнија: Осум скијачи загинаа, еден е исчезнат
Осум скијачи загинаа, а еден е исчезнат во лавина во планините Сиера Невада во Калифорнија, соопштија властите во среда, во една од најсмртоносните вакви несреќи во историјата на САД. Спасувачите извлекоа шест преживеани по снежната бура што фрли неколку метри нов снег во Сиера во последните денови.
Лавината се случи во 11:30 часот наутро во близина на Касл Пик во Траки, Калифорнија, 15 километри северно од езерото Тахо, и затрупа група скијачи.
Преживеаните се засолниле под церади и комуницирале со спасувачите преку радио и СМС-пораки. Скијачите завршувале тридневно патување со водич. Во групата имало 11 од нив и тие престојувале во колиби на надморска височина од 2300 метри.
Сиера Невада добива повеќе од 9 метри снег во типична зима, што ја прави едно од најснежните места на западната хемисфера. Во текот на изминатите десет години, лавините во САД убиле просечно 27 луѓе годишно, според Центарот за лавини во Колорадо.
Свет
Десетина демократи ќе го бојкотираат говорот на Трамп за состојбата на нацијата
Група демократски сенатори и пратеници најавија дека нема да присуствуваат на говорот на американскиот претседател Доналд Трамп за состојбата на нацијата, туку ќе организираат собир на отворено како протест против неговата политика.
Настанот под наслов „Народен говор за состојбата на нацијата“ ќе се одржи во близина на Капитол, непосредно пред обраќањето на Трамп. Меѓу најавените учесници се сенаторите Џеф Меркли, Крис Марфи и Крис Ван Холeн, како и неколку пратеници од Претставничкиот дом.
Од Белата куќа реагираа дека не е изненадување што демократите одбиваат да ги поддржат политиките на републиканците, вклучително и иницијативите за даноци и депортација на имигранти.
Демократите тврдат дека Трамп го користи говорот како политичка платформа наместо како момент за обединување на нацијата. Дел од нив ќе присуствуваат во Конгресот, но планираат да изразат незадоволство на други начини.
Годишниот говор за состојбата на нацијата првпат го одржал Џорџ Вашингтон во 1790 година, а со текот на времето се претворил во значаен политички настан.

