Свет
(Видео) „Ги слушнавме децата, пукавме додека не замолчеа“, Израелците објавија признание на припадник на Хамас
Војската на Израел објави снимка од сослушувањето на човек за кој велат дека е член на Хамас вклучен во нападот врз Израел на 7 октомври. Човекот на видеото го опишува убиството на израелските деца во Кфар Аз, израелски кибуц на границата со Газа.
„Нашата единствена мисија беше да убиваме, а не да киднапираме. Да го убиеме секој човек што ќе го видиме и да се вратиме во Газа“, му рекол Амер Абу Гоша, член на Нукба, командоска единица на Хамас, на испитувачот.
Тој рече дека неговата група се упатила кон Кфар Аз со џип и влегла во кибуцот откако еден од нив ја отворил вратата со експлозивна направа. Кога влегле во градот, оделе од куќа до куќа, ги палеле, пукале со „калашникови“ и фрлале гранати врз сите на кои ќе налетаат.
Во еден момент Абу Гоша опишува како влегол во куќата и слушнал гласови на мали деца што плачат внатре во безбедната соба и пукале кон вратата од собата. Тој вели дека гласовите на крајот престанале, па заклучил дека децата умреле.
Абу Гоша и дел од неговата група подоцна влегле во вооружен конфликт со војниците на ИДФ, кои влегле во куќата преку прозорците и биле принудени да се предадат.
На прашањето зошто убивале жени и деца, Абу Гоша одговара: „Ни рекоа дека сите доселеници биле војници“.
На прашањето која е разликата меѓу Хамас и ИСИС, тој вели дека испитувачите му покажале видеа од некои од ужасите што ги извршиле терористите на Хамас врз израелските цивили по што тој искоментирал: „Нема разлика. Сум видел видеа што се полоши од ИСИС“.
Израел ја напаѓа Газа повеќе од три недели како одговор на најтешкиот масакр во неговата историја, кој на 7 октомври го извршија терористи од Хамас и други екстремистички групи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Хамас предаде тела, Израел порачува: „Борбата за нашите заложници не запира“
Израел ги презеде телата на двајца заложници кои ги држел Хамас во Газа, пренесе ЦНН. Посмртните останки биле предадени преку Црвениот крст и пренесени на идентификација во израелскиот форензички институт.
Од кабинетот на израелскиот премиер соопштија дека „напорите за враќање на сите заложници продолжуваат и нема да престанат додека не се вратат сите“.
Примопредавањето се случува два дена по израелските воздушни напади во Газа, во кои, според палестинското министерство за здравство, загинале повеќе од 100 лица. И покрај ескалацијата, и Израел и Хамас изјавиле дека остануваат посветени на прекинот на огнот посредуван од САД.
Американскиот претседател Доналд Трамп порача дека „ништо нема да го загрози примирјето“ и се закани дека ќе го „елиминира Хамас“.
Последното примопредавање, според медиумите, поминало без компликации, за разлика од претходните случаи кога Хамас ја повлекуваше одлуката за предавање поради израелски напади.
Свет
Медведев го нарече белгискиот министер „имбецил“, Франкен му возврати со песна на Селена Гомез
Белгискиот министер за одбрана Тео Франкен влезе во вербален судир со поранешниот руски претседател и сегашен заменик-претседател на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев.
Се започнало кога Франкен изјавил дека, доколку Русија ја нападне Белгија, „НАТО би ја израмнил Москва со земја“. На тоа, Медведев остро реагирал, нарекувајќи го „имбецил“ и потсетувајќи дека оваа недела Русија го тестирала нуклеарното суперторпедо „Посејдон“, кое го опишал како „вистинско оружје на судниот ден“.
Франкен утрово возвратил преку Инстаграм: „Главниот руски насилник не престанува да се заканува и навредува. НАТО не е во војна со Русија, но принципот на одмазда е неприкосновен веќе 76 години. Не повлекувам ниту збор.“
На крајот, министерот ја споделил песната „Calm Down“ од Селена Гомез со порака до Медведев – да се „смири“.
Свет
Зеленски: Новите санкции ќе ѝ донесат на Русија загуби од најмалку 50 милијарди долари годишно
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека новите санкции против Русија ќе ѝ предизвикаат годишни загуби од најмалку 50 милијарди долари, пренесе „Укринформ“.
Тој се повика на извештај на шефот на украинската надворешна разузнавачка служба Олег Ивашченко и рече дека санкциите против нафтените компании веќе создаваат сериозни финансиски последици за Москва.
Зеленски изрази надеж дека ќе следат и нови санкциски мерки, нагласувајќи дека арапските земји со своите испораки нафта можат да спречат какви било потреси на светскиот пазар.
Тој додаде дека Украина сојузниците редовно ги информира за лица и структури што заслужуваат санкции и дека „голем дел од нашите предлози се земаат предвид“.
На 23 октомври високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Каја Калас објави дека е одобрен 19-от пакет санкции против Русија, а американското министерство за финансии веќе воведе мерки против „Росњефт“ и „Лукоил“. Зеленски претходно изјави дека американските санкции би можеле да ги намалат руските приходи за околу 5 милијарди долари месечно.

