Македонија
Лога бара од Пендаровски да свика седница на Советот за безбедност поради состојбата во затворите

Министерот за правда, Кренар Лога, ќе испрати со писмо до претседателот, Стево Пендаровски, во кое ќе побара да свика седница на Советот за безбедност.
„На оваа седница министерот Лога ќе побара да се разгледува состојбата во затворите во земјава и состојбата со над 2.800 осудени лица со упатен акт, кои не ја издржуваат казната поради недостиг на простор, а кои преставуваат потенцијална опасност за целото општество и можноста досегашните дела да им застаруваат и со тоа да се охрабрат истите да ги повторат“, велат од Министерството за правда.
Посебно писмо министерот Кренар Логак ќе испрати и до министерот за внатрешни работи и до директорите на АНБ и АР, каде што ќе се побараат истите информации.
Вчера, Собранието не прифати да расправа за законот за амнестија по скратена постапка и со 66 гласа го одби предлогот од Владата.
Министерот за правда, Кренар Лога, потоа најави дека повторно ќе го поднесе законот за амнестија, овој пат по редовна постапка коментирајќи дека на гласање гледа како одмазда за измените на Кривичниот законик кон него и неговата политичка партија.
Законот предвидува лицата на кои им е изречена казна затвор до шест месеци потполно да се ослободат од издржување на казната. Осудените лица на кои им е изречена казна затвор над шест месеци се ослободуваат од издржување 30 проценти од целокупната казна изречена со правосилна пресуда. Со тоа се очекува во моментот да бидат целосно ослободени од затворска казна 286 осуденици, а делумно да бидат амнестирани 996.
Амнестијата не се однесува на лицата што се осудени на доживотен затвор, за кривично дело убиство, за кривични дела против изборите и гласањето, против половата слобода и половиот морал, против државата, против човечноста и меѓународното право, за кривичните дела злоупотреба на службената положба и овластувањето од член 353, несовесно работење во службата од член 353-в, сите од Кривичниот закон, за кривични дела против јавниот ред од членовите 394 до 394-г од Кривичниот законик, како и за кривични дела сторени при вршење семејно насилство и родово-базирано насилство. Амнестијата не се однесува за кривични дела разбојништво од член 237 став 5 и разбојничка кражба од член 238 став 5 од Кривичниот законик, за кривичните дела измама на штета на средства на Европската Унија од член 249-а, перење пари и други приноси од казниво дело од член 273, злоупотреба на службената положба и овластувањето од член 353, несовесно работење во службата од член 353-в, примање поткуп од член 357, давање поткуп од член 358, давање награда за противзаконито влијание од член 358-а и за примање награда за противзаконито влијание од член 359, сите од Кривичниот законик.
Од Министерството велат дека целта е да се овозможи растоварување во казнено-поправните установи со оглед на фактот што состојбата таму во изминатиот период е алармантна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски: Треба да се истражи како минатите арбитражни постапки се губеле и се одлевале огромни суми од државниот буџет

Ова е втора арбитража што оваа Влада ја добива и очекуваме барем уште две во периодот што следува, вели претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање што подразбира одлуката за „Казандол“.
Премиерот Мицкоски посочи дека треба да се истражи како минатите арбитражни постапки се губеле и се одлевале огромни суми од државниот буџет, а сега тие се добиваат.
„Вистинското прашање е како во минатото беше пракса да се губат арбитражите и како сега наеднаш тие се добиваат во полза на државата. Треба тоа да се истражи, да видиме зошто она се случувало во минатото, ние да направивме одредени промени во адвокатскиот тим, но некако симптоматично е како во минатото се губеа сите арбитражи, а сега ги добиваме“, рече тој.
Во однос на шпекулациите, Мицкоски истакна дека не е точно оти по арбитражната постапка, повторно ќе се отвори рудникот „Казандол“.
„Причина за да се случи оваа арбитража е раскинатата концесија од страна на Владата за формирање на рудникот ‘Казандол’. Сопствениците на инвестицијата почувствувале дека имаат изгубен профит, имаат штета и повеле арбитража против државата во вредност од 115 милиони евра, односно имале отштетно побарување од 115 милиони евра. И го изгубија. И тоа значи дека тие веќе немаат концесија. Така што не е вистина дека со ова што компанијата изгубила, сега веќе ќе има отворање на рудникот. Тоа е повторно конструкција и обид за манипулација од одредени кругови што не ѝ мислат добро на Македонија и на граѓаните“, рече Мицкоски.
Македонија
Алиу: Лекарите по семејна медицина имаат суштинско значење во системот

Министерот за здравство Азир Алиу денеска одржа работна средба со претседателот на Здружението на лекарите по семејна медицина (ЗЛОМ), д-р Драган Ѓоргиевски, и со претставници од Здружението, на која се разговараше за повеќе актуелни теми, со фокус на унапредување на електронското здравство и можностите за укинување на хартиениот картон.
„Лекарите по семејна медицина имаат суштинско значење за превенција, рано откривање на болестите и континуирано следење на здравјето на пациентите. На денешната средба разговаравме за разните начини за стимулирање на семејните лекари за отворање нови ординации, како и за континуирана здравствена заштита во помалите населени места. Во таа насока интензивно работиме на промени на 12 закони, меѓу кои и дигитализација и надградба на националниот систем ‘Мој термин’, со цел унапредување на здравствениот систем и оптимизација на здравството во Македонија“, истакна министерот Алиу.
Македонија
За да нема одење на партиски митинзи со службени возила, Владата апелира сите институции што не го почитуваа рокот 18 август да поднесат пријави

Непослушните државни институции, кои до 18 август не ги пријавија службените возила, денес од Владата добија уште еден апел да го сторат тоа. Државната комисија за спречување корупција се пожали дека иако институциите располагаат со 6.500 возила, во дадениот рок се пријавени помалку од една третина од возилата, односно само 1.916 службени возила со кои располагаат.
„Јас ја видов оваа вест од Државната комисија за спречување корупција и еве како портпарол на Владата апелирам до сите институции да го поднесат бројот на службените возила. Веќе е донесена и одлука на седница на Владата дека рокот за поставување на регистарските таблички во боја е до 15 септември. И тоа ќе го завршиме сè во насока на тоа да нема повеќе злоупотреби на службени возила за цели што се надвор од службените“, рече портпаролката на Владата, Марија Митева.
Сите институции што користат државни службени возила имаа рок до 18 август да со пријават колку возила располагаат, од која марка, која година на производство се и да го пријават регистарскиот број на секое возило.
Државната комисија за спречување корупција во рок од 15 дена по истекот на рокот за пријавување на службените возила може да поднесе прекршочна пријават против непослушните институции.
Од институциите беше побарано да ги пријават служените возила за да се спречат злоупотреби во пресрет на локалните избори откога вицепремиерите Изет Меџити и Арбен Фетаи беа фотографирани како околу полноќ ги паркираат службените возила пред деловно-трговскиот центар „Мавровка“. Тие јавно не дадоа објаснување на каков состанок биле иако и премиерот Христијан Мицкоски рече дека лично ќе ги праша дали користеле службени возила за приватни или за партиски цели. Возилата на вицепремиерите беа паркирани во близина на партиски штаб на „Вреди“ од кај што доаѓаат и двајцата.
За полесно да може граѓаните да пријават злоупотреби, до 15 септември сите службени возила треба да добијат таблички во боја.