Македонија
Маричиќ: „Проектот на ЕУ – СУПРАЕ исклучително важен во спроведувањето на реформите за европерспективата на Северна Македонија“
Во Секретаријатот за европски прашања се одржа вториот состанок на Управниот комитетот на проектот „Поддршка за реформи на политики, пристапување и ефективност (СУПРАЕ)“, финансиран од Европската Унија, на кој присуствуваа заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања и главен преговарач со ЕУ, Бојан Маричиќ, и шефот на секторот за соработка на Делегацијата на ЕУ, Штефан Худолин.
Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, во своето обраќање ја потенцира важноста на ЕУ-проектите во спроведувањето на реформите и ја изрази својата благодарност за поддршката од страна на ЕУ во процесот на преговорите.
Овој процес е во многу важна фаза затоа бара градење на нашите институционални и административни капацитети, но и реализација на планот за реформи. Спроведувањето на овој проект е значаен за процесот на пристапување, а резултатите даваат јасна стратешка рамка со добро дефинирани цели и задачи како на национално така и на секторско ниво.
Според Маричиќ, проектот SUPRAE е еден од најважните активни проекти во Секретаријатот за европски прашања, кој, почнувајќи од минатата година, обезбедува поддршка во процесот на пристапување на земјата не само за Секретаријатот за европски прашања туку и за сите релевантните институции во овој процес.
Проектот се фокусира на повеќе придобивки од спроведувањето на 4 компоненти, и тоа: зајакнување на стратешкото планирање, известување и комуникација, воспоставување на стратешка, методолошка и оперативна рамка за процесот на пристапување и унапредување на програмирањето, користењето и процената на ЕУ-фондовите од страна на надлежните институции и комуникација со јавност.
Сите четири компоненти на проектот вклучуваат поддршка за програми за обука, регрутирање, подигање на јавната свест и комуникација, што треба да придонесе за подобро разбирање на јавноста за улогата на ЕУ и процесот на пристапување во целина, дигитализација на одредени аспекти од преговарачкиот процес и подобро управување со фондовите на ЕУ.
Втората средба на Управниот комитетот на проектот СУПРАЕ се фокусира на напредокот, предизвиците и на идните планови. Акцент беше ставен на состаноците на секторските работни групи за редовен политички дијалог и транспарентност.
Преку компонентата 2 е обезбедена поддршка за одредени аспекти за скрининг-процесот. Преку компонентата 3 беше обезбедена поддршка во поглед на програмирањето и управувањето со ЕУ-фондовите (ИПА). А компонента 4 во следниот период ќе се фокусира на изработка на стратегии за комуникација со јавноста, како и со сите други релевантни фактори во процесот на пристапување кон ЕУ, соопштуваат од Секретаријатот за европски прашања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

