Култура
Театар „Пи“ со голема кампања за вклучување на лица со посебни потреби како и лица со типичен и атипичен развој во културата, „Ние, луѓето“
Во период од Јануари 2023 до мај 2024 во Скопје Театарот „Пи“ предводен од актерите Златко Митрески и Македонка Илиевска спроведуваат проект кампања за вклучување на лица со интелектуална попреченост во културата со наслов НИЕ, ЛУЃЕТО.
Театар „Пи“, создаден пред 13 години, е единствен театар на Балканот кој континуирано работи со лица со интелектуална попреченост и лица со типичен развој, основан и предводен од актерите Златко Митрески и Македонка Илиевска. Златко и Македонка постепено успеале да создадат екипа од перформери со кои низ различни методи и работилници создаваат авторски театар, изложби и концерти.
„Ние, луѓето“ е мултимедијален концепт со кој низ главно театарски, но и фотографски, сценографски, музички и психолошки работилници кои ги водат едукатори- професионалци во својата област, учесниците со типичен и атипичен развој ќе поминат низ целосен процес на создавање на комплетно театарско дело. На 4 ноември од 19 часот во Центарот за култура во Ѓорче Петров 2023 ќе се реализира концерт и изложба на фотографии, а потоа изложбата од 06.11. до 11.11 2023 се префрла во Национална галерија на Македонија- Мала станица, а во мај 2024 ќе имаат премиера на истоимената театарска престава. Темата е инспирација од писателот Јордан Радичков, а проектот е финансиран со средства од Бугарска развојна помош.
Освен проектот „Ние, луѓето“ паралелно работат и на театарска престава со наслов „Далеку од нас“, која е инспирирана од книгата на Ендрју Соломон „Далеку од дрвото“, кој ги раскажува приказните за лица со типичен и атипичен развој и нивните родители кои не само што учат да се справуваат со своите исклучителни деца, туку и наоѓаат длабока смисла во тоа. Сакаме да поставиме едно основно прашање до околната средина: До кој степен луѓето треба да ги прифатат своите деца такви какви што се и до кој степен треба да им помогнат да станат најдоброто јас.
Работиме авторски театар кој подразбира процес на работа низ кој сите заедно избираме актуелна тема која не засега која ја обработуваме и низ која создаваме уникатни сцени од кои правиме целосна театарска претстава. Претстави за возрасни, а играни од деца. Низ процесот споделуваме лични проблеми и табу теми бидејќи театарот ни овозмозува да бидеме свои, слободни, да се самоосознаваме, преоткриваме, подобро да ги разбираме проблемите, да биеме по емпатични итн. Театарот нè прави подобри луѓе. Алатките кои ги користиме се комбинација од различни методи во зависност од моменталната потреба и индивидуалноста на секој актер, од документарен театар, форум театар, имиџ театар (image theatre) сè до физички театар и др.
Театар Пи гостуваше на Софискиот Фестивал на авторски театар – ФАТ 2022 со претставата „Ништо не е страшно” и освоија две награди во голема конкуренција на професионални театри како „Сатиричниот театар Софија“ , Театар 199, VOX POPULI, Театар Драмеди и други. Правата награда е за најдобра режија за Златко Митрески и Македонка Илиевска за претставата „Ништо не е страшно“, а втората за синергија за актерска игра за истата претстава. ФАТ е еден од најавтентичните фестивали за авторски театар на Балканов кој се одржува во Регионалниот центар за современа уметност „Топлоцентрала“ во Софија и е во организација на здружение „Творци“ и
Театар „Драмеди“. Истата година освоија Гран При за најдобра претстава на ДАФ Кочани. Во претставата учествуваат лица со интелектуална попреченост од ЦПЛИП Порака Скопје и лица со типичен и атипичен развој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Мице Јанкуловски со самостојна изложба во Риека
Во Музејот на град Ријека – Коцкица во тек е самостојната изложба на слики и видеа од Мице Јанкуловски „Коегзистенција – црно и црно“ (23.10. – 3.11.2025).
Освен директорот на Музејот на град Ријак, Младен Урем, на отворањето присуствуваа и зедоа збор Ермина Дурај (раководител на Одборот на директори за работа на окружниот префект и на окружното собрание на Приморско-Горанскиот округ), Корнелија Конеска, куратор на изложбата, а изложбата ја отвори градоначалничката на град Ријека, Ива Ринчиќ.

Директорот на Музејот, Младен Урем, истакна дека оваа изложба е „уникатно културно искуство за жителите на Риека“, бидејќи ги комбинира традицијата и модерноста и ја претставува Македонската уметност „на глобално релевантен начин“.
Кураторот Корнелија Конеска го објасни концептот на изложбата, нагласувајќи дека авторот ги истражува бескрајните можности на црната боја преку монохроматски, минималистички и модуларен принцип, истакнувајќи: „Црната е боја на драмата – драмата на животот“!, а градоначалничката на град Ријека се обрати до зборовите:
„Му благодарам на авторот што не тера на размислување, ни отвора нови хоризонти, кои ни покажуваат дека црното не е така мрачно, туку дека може да биде и нов почеток ако се потсетиме дека ноќта е најтемна пред зората и дека она што денес изгледа темно, утре можеби нема да биде така…“

Посебно значење и шарм на настанот му даде настапот на Друштвото на Македонците во Ријека „Илинден“ кои истовремено ја започнаа традиционалната манифестација Денови на македонската култура во Ријека 2025.
Култура
Убедлив театарски успех – МНТ со „Народен пратеник“ ја освои главната награда на фестивалот „Борини позоришни дани“ во Србија
Главната награда „Борисав Станковиќ“ за најдобра претстава во целина на 45. фестивал „Борини позоришни дани“ во Врање, Србија, беше прогласена претставата „Народен пратеник“, во продукција на Македонскиот народен театар.
Со едногласна одлука, жирито во состав: Наташа Гвозденовиќ, театарска критичарка, Трајче Кацаров, драматург, и Васил Василев, театарски режисер и претседател на жирито, во образложението истакнаа дека претставата „Се издвојува како најдобра, бидејќи е комплексно и вешто режирана и е сместена во автентичен простор што го засилува доживувањето на дејствието“.

„Ова признание е потврда за континуираната посветеност и креативност на целиот ансамбл на МНТ. Горди сме што претставата „Народен пратеник“, во режија на Егон Савин, успеа да ја пренесе универзалноста на Нушиќевата комедија и да ја доближи нашата театарска енергија до публиката во регионот. Победата во Врање, не е само успех на претставата, туку и на целата институција, која постојано вложува во уметнички вредности, професионализам и меѓународна соработка. Ова е поттик да продолжиме со уште поголем ентузијазам и креативна сила.“, изјави по овој повод, директорот на МНТ, Никола Кимовски.
Во конкуренција за наградите годинава учествуваа седум претстави, а фестивалот по третпат имаше меѓународна селекција. Четири претстави беа од Србија, две од Република Српска и една од Македонија.

Ова сценско остварување, на големиот комедиограф Бранислав Нушиќ, во режија на Егон Савин – еден од водечките театарски режисери на Балканот – беше изведено на сцената „Бора Станковиќ“ на 24 октомври.
Во претставата со брилијатна актерска игра настапуваат: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов, Тања Кочовска и Александар Михајловски (глас), како и ансамблот Дејан Стамчевски, Синан Ракип, Скендер Бериша, Зекирија Алим, Мирослав Атанасовски, Мартин Китановски и Хусеин Халили.


Фестивалот „Борини позоришни дани“ годинава се одржа од 21 до 28 октомври, под слоганот „Смеење, тишина, вистина и уште по нешто“.
Веќе четири и пол децении, овој фестивал претставува значаен културен репер на српската и регионалната театарска сцена, промовирајќи висококвалитетни сценски уметности и создавајќи простор за дијалог меѓу различни естетики и културни вредности.
Со учеството и победата на овој престижен фестивал, Македонскиот народен театар уште еднаш ја потврди стратегиската ориентација кон регионална соработка, културна размена и афирмација на македонската театарска уметност пред пошироката меѓународна јавност.
Култура
Објавен романот за млади „Ванда“ на хрватската писателка Силвија Шесто
„Македоника литера“ неодамна го објави романот за млади „Ванда“ на хрватската писателка Силвија Шесто, која е меѓу најчитаните писатели во Хрватска. Преводот од хрватски јазик е на Славчо Пеев.
„Ванда“ е симпатичен и лесно читлив роман, наменет за деца и млади. Заплетот се врти околу едно градско семејство и нивните секојдневни, тривијални проблеми. Во центарот на ова семејство е девојката по име Ванда, која, влегувајќи во пубертет, почнува да го запознава реалниот живот.
На преминот од детска во младешка возраст, Ванда ја открива љубовта, ги доживува своите први разочарувања и сите други проблеми поврзани со заљубувањето. Тоа води до низа компликации, мали недоразбирања и, на крајот, до научена лекција. Ванда ја мачат многу пубертетски проблеми со кои не знае секогаш соодветно да се соочи. Растргната меѓу растењето и половото созревање, од една страна, и детинестата потреба за внимание и грижа, од друга страна, запаѓа во генерациски несогласувања, во несреќна заљубеност и се соочува со сознанието дека светот е многу поразличен од тоа како што го замислувала.
Книгата ги следи личните размисли на сите членови на семејството, освен на најмладиот – помладиот брат на Ванда. Главните ликови се претставени преку нивните лични записи (искази), напишани во форма на дневник, односно – секој лик раскажува дел од приказната од свое гледиште. Овие искази се кратки поглавја напишани во прво лице, преку кои читателот има можност да ја погледне истата ситуација од различни перспективи. Тоа се субјективни искуства на секој учесник во приказната. Преку реакциите на учесниците на настанот, се запознава нивниот лик.
Покрај семејството, читателот ги запознава и пријателите на Ванда, но еден од најважните ликови е домаќинката. Таа е помошничка на семејството во секоја смисла на зборот. Чистењето и готвењето не се нејзини најголеми доблести. Нејзината вистинска улога е да биде емоционална поддршка за членовите на семејството. Таа е доверлива личност, чуварка на тајни, решавач на проблеми, а понекогаш и рамо за плачење. Таа учествува подеднакво во воспитувањето на децата, како и во превоспитувањето на родителите. Како добар дух на семејството, таа помага повеќе со своето присуство и љубезност отколку со чистењето и готвењето. Авантурите на ова до некаде хаотично но симпатично семејство, чии проблеми најчесто ги заплеткува своеглавата, палавата и досетлива Ванда, се лесна забава за сите деца кои штотуку влегуваат во адолесценцијата. Иако зрелоста изгледа многу поинтересна од детството, Ванда сфаќа дека и таа носи свои проблеми. Овие проблеми се дополнително комплицирани од силни чувства, како што се љубовта, болката и желбата за одмазда.
Силвија Шесто (1962, Загреб, Хрватска) е афирмирана хрватска писателка за деца и млади. Дипломирала филозофија и литература и завршила Виша тренерска школа. Објавува проза, поезија и драми. Автор на близу 60 книги за деца и млади и на петнаесетина за возрасни, од кои десет романи. Таа има и богат драмски опус. Изведени се петнаесет радиодрами и неколку драми на театарските сцени.
Нејзините најпознати дела се романите за деца и млади. За деца и млади го објавила романите „Ванда“, „Дебела“, „Кој ја уби Паштетка“, Зезомјанци“, „Па тоа е љубов“, „Леон Наполеон“, како и збирката раскази „Розева сонувачка“, серијалот „Бум Томица“ и др.
Пет нејзини книги за деца и млади, меѓу кои и романот „Ванда“, се задолжителна лектира во основно образование во Хрватска. Таа е меѓу најнаградуваните хрватски писатели.

