Македонија
Мизрахи: Скандалот „Онкологија“ е повеќе од трагедија, Анкетната комисија увиде дека системот е во тотален колапс и е дисфункционален

„Анкетната комисија започна со својата работа пред околу четири недели и досега ислушавме 52 сведока од повиканите 62. Значи 10 одбија да присуствуваат од одредени причини, дали здравствени или пак неможност да се присуствува. И тоа дава еден не убав впечаток за оние кои што не присуствувале, дека ете дека не сакаат да споделат со јавноста информации кои што ги знаат во врска со скандалот „Онкологија“. Скандалот „Онкологија“ е повеќе од трагедија“, истакна Рашела Мизрахи, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во дебатата насловена „Случај „ДИВО МЕСО“ – Мора да има одговорност за канцер-мафијата“ која е во рамки на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените“.
Мизрахи додаде дека скандалот „Онкологија“ е повеќе од трагедија. Тоа значи дека е нарушено уставното загарантирано право за живот, како и темелните вредности на македонскиот Устав, а тоа е хуманизам и солидарност. Тука е нарушено правото сите граѓани подеднакво да добијат здравствена помош, да им биде укажана здравствена помош и да им се зачува нивното право за живот. Односно се правело своевидна селекција.
„Јас би се надоврзала малку и на исказите на докторите од претходно, знаете Владата носи свои политики, министерот за здравство носи здравствени политики. Ако здравствената политика е да го наруши целосно системот за здравство и контролните механизми тоа е веќе намерно и тенденциозно создавање услови за последици како што гледаме, за трагедии“, укажа Мизрахи.
Таа посочи дека процедури, протоколи, опрема, надзорот на работата на здравствените установи и имањето на процедури, имањето на протоколи, имањето на увид на опремата ја прави министерот за здравство. И исклучување на опрема од функција треба да биде евидентирана во министерството во првите 24 часа по исклучување на истата.
„Е, сега имате министер кој што ништо не видел, ништо не слушнал, никаков увид немал над работата на клиниката. Го имаме Фондот за здравствено осигурување каде што директорот исто така е одбран од Владата, значи седат заедно со министерот и тој ништо не приметил. Имате МАЛМЕД така веќе познат во јавноста како Биро за лекови, кои што немале увид и ниедна контрола не направиле на веледрогериите за набавка на медикаменти. Го имате Државниот здравствен и санитарен инспекторат кој што никогаш не видел што се случува на клиниката. За да стигнеме до ваква трагедија“, појасни пратеничката.
Таа рече дека во Македонија се создаде една атмосфера во која што на крајот кабелот е крив. Ама системските дефектури ги прави лидерот на системот. Не ги прави кабелот, ниту хаус мајсторот, ниту докторот, ниту медицинската сестра.
„Дали се откриени одредени дефектури во работата на сестрите? Да. Меѓутоа тоа системската дефектура е владина дефектура“, нагласи Мизрахи.
„Анкетната комисија сослуша бројни сведоци, увиде факти кои што се темелат на документација архивска граѓа на самата клиника за Онкологија, министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување, ДЗСИ, МАЛМЕД. И видовме дека системот е во колапс, и е тотално дисфункционален“, укажа таа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Меџити во Чаир, Касами во Тетово, Бакиу во Скопје – ВЛЕН ги објави кандидатите за градоначалници

Централното претседателство на ВЛЕН ги избра кандидатите за претстојните локални избори. Во Тетово за нов мандат ќе се бори актуелниот градоначалник, Билал Касами. Во Чаир, ќе се кандидира првиот вицепремиер, Изет Меџити, а во Струга, ВЛЕН го поддржува независниот кандидат Менди Ќира.
Во Кичево ќе го кандидира министерот за Социјална политика, Фатмир Лимани, во Дебар кандидат на ВЛЕН ќе биде заменик-директорот на Управата за јавни приходи, Фисник Мела.
Во Градот Скопје, ВЛЕН го предлага директорот на Дирекцијата за општи услуги во Универзитетскиот клинички центар во Скопјe, Башким Бакиу.
Во Сарај, кандидат на ВЛЕН ќе биде директорот на претпријатието „Номагас“, Мухамед Елмази, во Липково директорот на Државните резерви на нафта, Неџмедин Садику, во Арачиново ВЛЕН ќе настапи со Даут Беќири.
Во Желино актуелниот градоначалник на оваа општина, Блерим Сејдиу, во Теарце ќе се кандидира директорот на Бирото за регионален развој, Даут Мемиши, во Боговина, ВЛЕН го кандидира Фети Абази, во Брвеница директорот на Државниот инспекторат за локална самоуправа, Хаќим Рамадани и во Долнени, ВЛЕН ќе се кандидира со наставникот Блерим Ислами од село Цернилиште.
Од ВЛЕН велат дека сè уште нема конечна одлука за кандидатите за општините Гостивар, Врапчиште, Студеничани и Чашка и дека во разговори се со неколку кандидати.
„Тука нагласуваме дека сите овие се кандидати на ВЛЕН и, како што претходно одлучивме, ниту еден од нив не се кандидира под партиско лого. Всушност, освен што се кандидати на ВЛЕН и идни градоначалници на општини, тие ќе бидат слуги на сите граѓани без оглед на етничката, религиозната и политичката припадност“, велат од ВЛЕН.
Македонија
Метеж на границите: на Табановце и Богородица се чека по 45 и 30 минути

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен, информира АМСМ.
Поради летните одмори се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за влез е околу 45 минути додека на ГП Богородица времето на чекање за влез и излез од државата е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
ВНИМАТЕЛНО: АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делегации на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје, Пелинце, Крушево и Ташмаруништа по повод 2 Август, Денот на Републиката

Делегации на ВМРО-ДПМНЕ по повод Денот на Републиката, 2 Август, ќе положат свежо цвеќе на неколку локации низ Македонија, во Скопје, Пелинце, Крушево и Ташмаруништа.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ќе ја предводи партиската делегација во Ташмаруништа, каде ќе положи свежо цвеќе заедно со претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Струга и заменик министер за правда, Ален Деребан и пратеникот Јован Јаулески.
Во Скопје на 3 локации, партиската делегација ќе ја предводат градоначалникот на Општина Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојковски и пратеничката, Катерина Димитровска. Тие ќе положат свежо цвеќе пред Споменикот на Претседателот на Крушевската Република, Никола Карев во 10:00 часот, пред споменикот на АСНОМ (парк Жена Борец) во 10:20 часот и пред споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ Методија Андонов-Ченто (плоштад Македонија) во 10:40 часот.
Партиска делегација ќе положи свежо цвеќе и во Пелинце во 11 часот, која ќе ја предводи пратеникот Бране Петрушевски, а во состав на пратеникот и член на ИК, Миле Лефков, како и директорот на Државниот студентски дом Скопје, Александар Каровски.
Во Крушево, партиската делегација ќе положи свежо цвеќе на Споменикот на хероите на месноста „Слива“ во 10 часот и на Мечкин Камен во 12 часот. Делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ во Крушево ќе ја предводи Генералниот секретар, Ѓорѓија Сајкоски, а истата ќе биде во состав на претседателот на Унијата на млади сили, Сергеј Попов, претседателката на Унијата на жени, Жаклина Пешевска, членот на ИК, Ристо Симеонов и членот на ИК, Олга Лозановска.
Делегации на Унијата на млади сили, Унијата на жени, Унијата на ветерани и Патриотскиот институт, утре ќе положат свежо цвеќе на бројни локации во општините низ државата.