Регион
Дачиќ објасни дали ќе го напушти Вучиќ по изборите, а сето тоа го опиша како натпревар од Лигата на шампионите
Претседателот на Социјалистичката партија на Србија (СПС), Ивица Дачиќ, изјави дека претставувањето на опозицијата како проевропска, според него, е тотална лага. Тој ја коментира и за можноста за смена на страната по изборите и формирање влада со актуелната опозиција.
Дачиќ рече дека СПС е лојален партнер и дека не само што не се опасност во однос на промената на страните туку ќе бидат и последниот бастион за одбрана на оваа влада.
„Зошто да ја напуштам Лигата на шампионите и да се натпреварувам во подлига? Прашањето овде не е дали некој сега сменил страна. Не е точно дека СПС ја менува страната. Оној што не се приспособува на времето во кое живее, што се случува со него? Изумира како диносаурус“, рече Дачиќ зборувајќи за поддршката што СПС ѝ ја даваше на владата на Воислав Коштуница од 2000 година.
Тој рече дека СПС не ја променила страната со поддршката на владата на Воислав Коштуница, тогашен претседател на Демократската партија на Србија (ДСС), во 2004 година.
„Не грижете се за СПС, ние сме лојални партнери и нема причина никому да му се правдам. Немаме кој да изневериме, на избори одиме самостојно. Двапати го поддржавме (Александер) Вучиќ, сметаме дека најдобро за Србија е Вучиќ да биде претседател, а Дачиќ премиер. Ова се избори за премиер и за влада“, рече Дачиќ.
Тој посочи дека интерес на СЈО е стабилноста на државата и по изборите на 17 декември.
Дачиќ, кој е и министер за надворешни работи, за телевизијата „Хепи“ изјави дека „користењето флоскули дека нема демократија, дека нема медиумски слободи или човекови права“ е клише што го користеше и Демократската опозиција на Србија (ДОС), која ја собори владата на СПС и во 2000 година, која тогаш беше предводена од Слободан Милошевиќ.
„Кога ќе видите како се однесувале и како се однесуваат, гледате дека тоа е клише. Тоа е обновен судир со ДОС и со нетрпение го очекувам“, изјави Дачиќ.
Тој изјави дека „народот можел да види“ по 2000 година како се однесувале членовите на тогашниот ДОС.
Дачиќ оцени дека не е точно оти членовите на тогашната демократска опозиција биле за евроинтеграции бидејќи за време на нивното владеење биле блокирани преговорите за членство во ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Турција ќе приватизира два клучни моста во Истанбул
Турција ја ангажираше консултантската фирма Ernst & Young LLP да ја води приватизацијата на два клучни моста во Истанбул и серија автопати, според извори запознаени со планот.
Фирмата со седиште во Лондон ќе ја советува турската влада за продажбата на Мостот на мачениците 15 јули и Мостот „Фатих Султан Мехмед“, кои ги поврзуваат европската и азиската страна на Истанбул, како и најмалку девет автопати со наплата на патарина.
Изворите зборуваа под услов на анонимност бидејќи деталите од договорот не се јавни, објави Блумберг. Турција, исто така, ја назначи канадската фирма BTY Group за технички советник и планира да објави формален тендер подоцна оваа година, велат изворите.
Обидот за приватизација од 2012 година, кој вклучуваше и мостови и околу 2.000 километри автопат, привлече добитна понуда од 5,7 милијарди долари. Процесот пропадна откако Реџеп Таип Ердоган, тогашниот премиер, рече дека продажбата за помалку од 7 милијарди долари би била „предавство“. Владата сега очекува понуди што го надминуваат тој износ.
Според турскиот министер за транспорт, околу 430.000 возила секојдневно ги преминуваат двата моста, а стандардната патарина за патничко возило е 59 лири по правец, или околу 1,36 долари по тековни цени.
Ernst & Young претходно работеше како советник за проекти поврзани со мостови, автопати и болници во Турција.
Регион
Четиричлено семејство од Албанија почина во Тоскана од труење со јаглероден моноксид
Четиричлено семејство – родителите и нивните две деца, настрадало во својот дом во италијанската покраина Тоскана, поради труење со јаглероден моноксид, соопштија локалните власти.
Според првичните информации, жртвите се таткото Арти, мајката Јонида (43), синот Хајдар (22) и ќерката Џесика (15). Петтото лице од домаќинството е префрлено во болницата Чизанело во Пиза во тешка состојба, но според достапните податоци не е животно загрозено, пренесе Раи Уно.
На местото на настанот интервенирале припадници на противпожарната служба, карабинерите и екипи на итната медицинска помош, пренесе Итaлпрес.
При прегледот на објектот, тројца карабинери исто така добиле полесни симптоми на труење и им била укажана медицинска помош.
Прелиминарната истрага е насочена кон проверка на исправноста на котелот за централно греење, со цел да се утврди причината за трагедијата. Италијанските медиуми наведуваат дека семејството е со потекло од Албанија.
Регион
Словенија најавува забрана за социјални мрежи за деца под 15 години
Словенечката влада усвои насоки за измени на законот со кои би се ограничило користењето на социјалните мрежи за деца помлади од 15 години, пренесе словенечката агенција СТА.
Вицепремиерот Матеј Арчон изјави дека иницијативата е подготвена од Министерството за образование, а пред усвојување на законските измени ќе треба да се изјасни и Министерството за дигитална трансформација. Тој појасни дека мерките имаат цел да ги спречат негативните влијанија на социјалните мрежи врз децата и адолесцентите, по примерот на други држави.
Владата најавува регулирање и ограничување на користењето на мрежи како ТикТок и Снепчет, при што насоките дополнително ќе бидат доработени од стручната јавност и ќе се подготви соодветна законска рамка.
Ограничувањата се дел од поширок европски и светски тренд, откако Австралија воведе забрана за пристап до социјални мрежи за лица под 16 години, а слични чекори најавија и Франција, Данска, Грција, Шпанија и Португалија. Европскиот парламент претходно побара воведување старосна граница од 16 години, а претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, најави можност за воведување вакви ограничувања и на ниво на ЕУ.

