Македонија
(Видео) Талевски: Извештајот на ЕК потврди – кочењето и блокадите на ДПМНЕ се пречка за напредок
„Извештајот на Европската комисија потврди: ДПМНЕ и Мицкоски се кочничари на европскиот пат и на реформите на земјата“, рече Миле Талевски, пратеник на СДСМ.
„Поразително за пратениците од ДПМНЕ во извештајот стои, цитирам:
„Главната опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ активно ја блокира парламентарната работа, што беше значајна пречка за напредок“ (страна 10 од извештајот).
Ние, пратениците од СДСМ и коалицијата, на ова укажувавме и баравме ДПМНЕ и Левицата да не го кочат напредокот на земјата, да не ги кочат реформите, да не го кочат европскиот пат.
Сега тоа го бара и самата Европска Унија. Но, и покрај опструкциите на опозицијата, нашата татковина продолжува да ги исполнува условите за продолжување на преговорите за членство.
Земјата ги продолжува напорите за ЕУ-реформите и секојдневно работи на исполнувањето на европските стандарди, што е нотирано и во овој извештај“, изјави Миле Талевски, пратеник на СДСМ.
„Имаме прогрес во 81 % од поглавјата, нема назадување во ниту едно поглавје. Во однос на подготвеност на поглавјата, во 90 % сме со соодветно ниво на подготвеност.
Нема повеќе делови во извештајот како во времето на ДПМНЕ од 2015 или 2016 година, нема мешање во судската власт, нема уназадување.
Вчера, беше објавен пакет за проширување на ЕУ и план за раст на економиите на Западен Балкан. Само со овој план на располагање имаме 1 милијарда евра за Македонија.
Значи, ако продолжиме со реформите и со процесот на интеграција, првиот трансфер од новиот пакет ќе го имаме за пет месеци од сега. Затоа блокадите и опструкциите на ДПМНЕ и Мицкоски мора да бидат поразени.
Но, не само поради ЕУ, блокадите и опструкциите на ДПМНЕ и Мицкоски во македонското Собрание треба да бидат поразени заради сите наши граѓани и заради иднината на земјата“, додаде пратеникот на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

