Свет
Авион во Лондон полетал со скршени прозорци, претходниот ден во него се снимал филм
Авион „Ербас А321“ полетал од лондонскиот аеродром „Станстед“ минатиот месец со оштетени два прозорци, додека другите два воопшто немале стакло, соопштија британските истражители на воздухопловните несреќи.
Девет патници и 11 членови на екипажот се наоѓале во авионот што летал за меѓународниот аеродром Орландо во Флорида на 4 октомври, кога по полетувањето била откриена штетата предизвикана од осветлувањето што било користено за време на снимањето на филм претходниот ден.
Авионот достигна височина од најмалку 14.000 стапки (околу 4.270 метри) пред да сврти, се вели во специјалниот извештај на британскиот оддел за истраги за воздухопловни несреќи (AAIB). Авионот безбедно слетал на аеродромот Станстед набргу потоа.
Извештајот објавен на 4 ноември го детализира инцидентот, истакнувајќи дека тој би можел да резултира со посериозни последици.
По полетувањето на аеродромот Станстед, патниците забележале дека авионот е „побучен и постуден од вообичаеното“.
Како што се искачувало леталото, членот на екипажот исто така забележал зголемена бучава во кабината, па го известил пилотот.
Екипажот одлучил да го прекине искачувањето на авионот на 14.000 стапки и да ја намали брзината додека инженерот и копилотот го проверувале прозорецот.
„По проверка на прозорецот, договорено е авионот да се врати во Станстед“, се вели во извештајот.
Кабинскиот екипаж им рекол на патниците да останат да седат и да ги врзат појасите и ги потсетил да користат маски за кислород ако е потребно. Целосната големина на штетата на леталото не била откриена додека не слетало на земјата.
Откако патниците се симнале, екипажот го прегледал леталото однадвор и открил дека недостасуваат две од прозорските стакла на кабината, а третото било поместено.
Скршеното надворешно стакло подоцна било пронајдено при рутинска проверка на пистата, додека четвртиот прозорец бил откриен искршен од левата страна на трупот.
Од ААИБ објаснуваат дека авионот бил користен за снимање еден ден претходно и дека прозорците можеби „претрпеле термички оштетувања“ поради зголемените температури.
„Сопствениците и операторите на авионите треба да размислат за опасноста од таквите активности за да се намали ризикот од оштетување на авионите“, се додава во извештајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Јапонската премиерка Такаичи освои историска победа на изборите
Ризичниот потег на премиерката на Јапонија, Санае Такаичи, да распише предвремени избори ѝ донесе убедлива победа – нејзината владејачка Либерално-демократска партија освои повеќе од 310 од 465 пратенички места во долниот дом, јави „Си-Ен-Ен“, повикувајќи се на анкетите на јапонската телевизија NHK.
Ова е првпат по Втората светска војна една партија да има двотретинско мнозинство во парламентот. Тие сега можат да предлагаат уставни измени и да ги надгласуваат блокадите во горниот дом.
Такаичи, првата жена на чело на јапонската влада, ја доби поддршката на гласачите само четири месеци откако стана премиерка. Во јавноста е популарна по нејзината работна етика, активноста на социјалните мрежи, како и заедничките настапи со светски лидери – меѓу кои и импровизирано свирење на тапани со јужнокорејскиот претседател.
Победата ѝ овозможува силен мандат за справување со економските предизвици, слабата валута и влошените односи со Кина. Тесно соработува и со американскиот претседател Доналд Трамп, кој ѝ даде „целосна поддршка“.
И покрај позитивниот имиџ, Такаичи беше критикувана поради нејзини изјави за Тајван и интензивниот работен ритам – состаноци до 3 часот наутро. Нејзиниот коментар дека Јапонија би можела да реагира воено ако Кина нападне Тајван доведе до дипломатски тензии со Пекинг.
Свет
Бабиш ја повика Европа да почне преговори со Путин
Чешкиот премиер Андреј Бабиш повика Европа да започне преговори со рускиот претседател Владимир Путин за решавање на конфликтот во Украина, пренесоа денеска чешките медиуми.
„Европските лидери сега почнаа да зборуваат дека треба да се преговара со Путин. Порано, кога унгарскиот премиер Виктор Орбан беше кај Зеленски и кај Путин, сите го осудуваа тоа“, потсети Бабиш, пренесува порталот TN.
Тој ги повика европските земји да воспостават директен дијалог со Москва, оценувајќи дека тоа е неопходен предуслов за примирје.
Бабиш додаде дека Европа не е во состојба самостојно да го запре конфликтот, нагласувајќи дека „клучниот играч во преговорите е американскиот претседател Доналд Трамп“.
Тој потсети дека мир бил близу уште во април 2022 година, но дека тогашниот британски премиер Борис Џонсон го спречил договорот.
„Луѓе умираат во Украина. Мора да има дипломатско решение“, рече Бабиш, додавајќи дека излезот треба да се бара во тековните преговори.
Втората рунда на трилатерални преговори меѓу Русија, Украина и САД се одржа на 4 и 5 февруари во Абу Даби.
Свет
„Само Трамп може да ја запре војната“ – украинскиoт министер повика на лидерска средба со Русија
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, изјави дека само американскиот претседател Доналд Трамп може да ја запре војната и повика на директна средба меѓу украинскиот и рускиот лидер за да се решат најтешките прашања во мировните преговори. Според него, од мировниот план од 20 точки останале нерешени само неколку, но тие се „најосетливите и најтешки“ и бараат лидерска интервенција.
Сибиха изрази надеж дека напредокот во разговорите посредувани од САД ќе се искористи пред американските конгресни избори на есен, кои би можеле да го променат фокусот на Вашингтон.
Претходно, претседателот Зеленски откри дека САД предложиле војната да се заврши пред летото. Сè уште не е постигнат договор за прашањето на териториите и нуклеарната централа Запорожје, а бил предложен и план за „енергетско примирје“.

