Свет
Израелските воени авиони ја нападнаа Сирија по нападот на припоениот Голан
Воени авиони на Израел ја нападнаа „терористичката инфраструктура“ во Сирија по нападот од Сирија врз припоениот Голан, објави израелската војска.
„Како одговор на нападот насочен кон Голан вчера (сабота), борбени авиони нападнаа терористичка инфраструктура во Сирија“, се вели во соопштението на израелската армија.
Во саботата израелската војска објави дека два проектила истрелани од Сирија паднале во ненаселените области на Голан, а се огласиле и сирените за предупредување за ракетен напад.
Израелската војска веќе изврши напад врз Сирија во петокот, откако беспилотно летало од оваа земја се урна во училиште во Еилат, јужен Израел.
Израел освои дел од Голан во Сирија за време на израелско-арапската војна во 1967 година, а во 1981 година ја анектира таа територија, која Обединетите нации не ја признаваат.
Размена на оган има и на границата меѓу Израел и Либан, каде што е активно либанското шиитско движење Хезболах.
Поради ова, Израел во саботата вечерта упати остри предупредувања до Хезболах да не си игра со оган и порача дека главниот град на Либан, Бејрут, може да ја доживее судбината на Газа.
Израел ја засили опсадата на Газа по нападот на палестинското исламистичко движење Хамас на 7 октомври, во кој, според Израел, загинаа 1.200 луѓе, а околу 240 беа киднапирани во палестинската енклава.
Здравствените власти во Газа соопштија дека повеќе од 11.000 луѓе, од кои многу жени и деца, се убиени откога Израел ја започна својата операција во малиот крајбрежен појас со 2,3 милиони луѓе.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Италијанската полиција конфискува 1,4 тони наркотици и уапси 384 луѓе
Во голема операција против илегалната трговија со дрога италијанската полиција откри и конфискува 1,4 тони наркотици и уапси 384 лица.
Во операцијата 655 лица се ставени под истрага, од кои 39 малолетни, а конфискувани се 35 килограми кокаин и повеќе од 40 парчиња огнено оружје.
Полицијата изврши контроли и во 312 продавници за канабис, при што привремено се затворени пет продавници во три града откако биле извршени 312 контроли. Конфискувани се 296 килограми производи од канабис.
Италија во јуни одобри безбедносен декрет со кој се забранува така наречениот „легален“ канабис и трговијата со „лесен канабис“ или коноп се прогласува за нелегална трговијата, кој, за разлика од марихуаната, нема психоактивни ефекти.
Свет
Во САД заврши првата рунда разговори меѓу украинската и американската делегација, соопшти Зеленски
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека во САД веќе е завршена првата рунда разговори меѓу украинската и американската делегација и оти очекува извештај од шефот на украинската делегација Рустем Умеров пред следната рунда преговори.
Зеленски го изјави тоа за време на заедничкото обраќање до медиумите со премиерот на Португалија Луис Монтенегро.
– Нашиот тим ќе ме контактира, така се договоривме, и ќе ми ги изнесе резултатите од првиот блок на дијалогот, по што ќе одлучиме како да продолжиме, рече Зеленски.
Тој додаде дека во САД се наоѓаат и претставници на Русија и Европа, истакнувајќи дека ќе може да зборува за деталите од разговорите откако ќе го добие извештајот од Умеров.
Свет
Американски напад врз Сирија, загинаа припадници на Исламска држава
Најмалку пет припадници на Исламска држава загинаа во синоќешните американски напади врз цели на ИД во Сирија, соопшти Сирискиот центар за набљудување на човековите права, со седиште во Лондон.
– Помеѓу загинатите е и „водачот на ќелија“, задолжен за беспилотни летала. Тие се убиени во покраината Деир ез Зор, изјави претставникот на Сирискиот центар, Рами Абдел Рахман.
САД синоќа соопштија дека погодиле повеќе од 70 цели во неколку области на Сирија. Според неименуван безбедносен извор нападите биле насочени кон ќелиите на ИД во покраините Хомс, Деир ез Зор и Рака.
Претседателот на САД, Доналд Трап на сопствената платформа „Трут соушл“ (Truth Social), откако Пентагон соопшти за операцијата против Исламска држава, објави – „Напаѓаме многу силно против бастионите на ИД“.
Американската армија изврши „масовен напад“ врз цели поврзани со ИД во Сирија, како одговор на смртоносниот напад врз американските сили. На 13 декември во пустинска област во централната сириска покраина Хомс загинаа двајца американски војници и еден цивилен преведувач. Вашингтон за нападот ја обвини џихадистичката група, но ИД не презеде одговорноста за нападот.
Целта на операцијата, според Вашингтон, е да се ослабат капацитетите на ИД за понатамошно дејствување и да се спречат напади врз американскиот персонал во Сирија. Во Сирија распоредени се околу 1.000 американски војници.
Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет изјави дека операцијата „Хајкај страјк“ (Hawkeye Strike) е насочена кон елиминација на „борци, инфраструктура и локации со оружје“ на ИД. Тој посочи дека метите се избрани за да се погодат клучните ресурси на ИД, вклучително и оперативните капацитети и логистичка поддршка.
– Ова не е почеток на војна – ова е декларација за одмазда. Денеска ги гоневме и убивме нашите непријатели. Многу од нив. И ќе продолжиме да го правиме тоа, наведе Хегсет на социјалните мрежи.
Изминатите месеци Коалицијата предводена од САД против ИД изврши неколку воздушни напади и копнени операции во Сирија, насочени кон осомничени членови на терористичката организација. Во операциите беа вклучени и припадници на сириските безбедносни сили.

