Македонија
СДСМ: ДПМНЕ го подари „Тиквеш“, а СДСМ првин бара реализација на „Чебрен“, со што заштеди 100 милиони евра

Христијан Мицкоски или нема познавање или свесно кажува невистини за Чебрен и зборува за некакви скандали, реагира СДСМ.
„Скандал е тоа што Владата на Никола Груевски и ДПМНЕ во 2013 година го доделила Тиквеш на приватниот инвеститор токму 3 месеци по добивање на одобрението за градба на ХЕЦ Чебрен.
Додека СДСМ, со интервенција во Одлуката за започнување на постапката за доделување на концесија, го внесува Тиквеш во заедничка компанија 3 месеци по пуштање во работа на ХЕЦ Чебрен.
Тоа е суштинска и огромна разлика.
На овој начин Владата на СДСМ заштедува 100 милиони евра, пари на граѓаните.
Односно, токму Владата на ДПМНЕ и Никола Груевски, на кого Мицкоски му беше советник за енергетика, 100 милиони евра сакала да му поклони на приватниот инвеститор.
Добро е што Мицкоски индиректно го признава ова, но треба да се извини на граѓаните и да ја каже вистината таква каква што реално е, бидејќи се очекува да ја знае и како советник за енергетика и како поранешен директор на ЕСМ, тогашен ЕЛЕМ.
ДПМНЕ 11 пати објавуваше тендери за Чебрен за реализација и не успеа.
СДСМ направи успешна постапка со што овој огромен и значаен проект вреден преку 1 милијарда евра ќе се реализира а ЕСМ ќе биде сопственик од 33% со што парите за инвестицијата треба да ги обезбеди во целост приватниот партнер.
Со изградбата на Чебрен се зголемува енергетската независност на државата се прави и голем чекор кон заштита на животната средина“, се вели во партиското соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Делови од Аеродром и Центар денеска без вода

По добиеното известување од ЈП Водовод и Канализација, Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, информира дека денеска поради планирани зафати без водоснавбдување ќе останат:
· поради изведувње на водоводен приклучок од Ф- 100мм на ул.Пандил Шишков 9, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица на високата зона од број 1 до бр.49 и дел од корисниците на ул.Вангел Тодоровски, Руди Чаевац, и Коста Новаковиќ, водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до санирање на дефектот, општина Аеродром;
· поради изведувње на водоводен приклучок од Ф-400мм на ул.Мирче Ацев, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од Бул.Кочо Рацин, Славко Јаневски (по старо Стив Наумов), Тетовска, Славе Георгиевски Шнајдерот и дел од Бул.Крушевска Република, водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до санирање на дефектот, општина Центар.
Македонија
Претпладне променливо облачно, а попладне сончево со умерена облачност

Претпладне променливо облачно, а попладне сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од северен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 19, а максималната ќе достигне од 26 до 33 степени.
Во Скопје, сончево со умерена облачност и со слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 32 степена.
Времето во наредните денови
Во сабота во југоисточните делови ќе има услови за изолирана појава на краткотраен дожд и ретки грмежи. Во недела повторно на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, наместа со поинтензивни процеси во форма на невреме. Локален дожд ќе има и во понеделник претпладне, а потоа ќе настапи стабилизирање на времето.
Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.