Култура
МОТ и годинава ја доделува наградата БИШ
И оваа година МОТ ја доделува наградата БИШ, иницијатива што ја почна минатата година, како дел од заложбите за поддршка и промоција на домашната (пред сè) независна сцена. На отворениот повик, на кој се пријавија 25 театарски претстави од домашната независна продукција, на годинешното издание на фестивалот ќе бидат прикажани шест селектирани претстави.
За вечерашниот репертоар на МОТ се две претстави:
Вилицата на Ибен Бајерс
20 ч НОБ мала сцена
автор: Филип Грујиќ, режија; Борис Василевски
„Вилицата на Ибен Бајерс“ сведочи за извонредниот подем и за трагичниот пад на Ибен Бајерс, човек обземен од амбиции и заробен од смртоносна привлечност. Така, со возбудлив приказ на ненаситната потрага на еден човек за моќ, оваа претстава навлегува во вистинската приказна за протагонистот, харизматичен индустријалец, чиј живот добива судбоносен пресврт кога ќе наиде на моќна напивка. Застрашувачко истражување на човечкиот дух, што ги истакнува опасностите од неконтролираната амбиција и кревкоста на нашето постоење – сплет на хибрис и трагедија, кои даваат одговор на многу навидум едноставни, но сепак комплексни човекови дилеми.
Играат: Марјан Наумов, Ава Хусеини, Благојчо Стојанов, Томислав Давидовски, Јанка Лефкова, Гоце Андонов, Катерина Јовановиќ, Ана Грамосли
Драматургија: Стефан Миленков, Музика: Сашко Костов, Сценографија: Ненад Тонкин, Костимографија: Марта Дојчиновска, Дизајн на светло: Александар Јовановски, Дизајн на плакат: Искра Илиеска, Продуцент: Андреа Маркоска
Немиот келнер
22.30 ч МКЦ – „Фросина“
автор: Харолд Пинтер, режија; Александар Ивановски
Политички ангажирана претстава, која зборува преку секојдневните човечки односи и се занимава со процесите и состојбите низ кои поминуваме додека сме обесправени, немоќни и понижени.
Бен и Гас се наоѓаат во подрумска просторија и се во исчекување на насоките за извршување на нивната следна задача. Но, настаните го менуваат својот вообичаен тек. Ова не е апсурд. Ова е реализам, кој ја прикажува апсурдноста на нашето постоење. Сите сме ликови затворени во Пинтеровиот подрум, несвесни дека нашите животи не ни припаѓаат само нам. Веруваме дека самите ги носиме своите одлуки, цинично судиме за туѓата глупост, длабоко уверени дека ние сме поинакви. Но, што кога ќе се скрши илузијата и ќе сфатиме дека целото ова време пред нас стоела чиста моќ? Бидејќи моќта е постојано тука некаде: во соседната соба, зад вратата, во ходникот. Дури и кога е непрепознатлива и скриена, законот на моќта секогаш дејствува.
Играат: Васко Костовски, Мартин Ѓоргоски
Превод од англиски: Марио Стојаноски, Извршен продуцент: Батухан Ибрахим, Сценографија: Ненад Тонкин, Костимографија: Елена Кузманов, Дизајн на светло: Андреј Неделковски, Дизајн на плакат: Тео К. Атанасовски
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Почина македонскиот актер Лазе Манасков
На 67-годишна возраст денеска почина македонскиот актер Лазе Манасков.
-Со длабоко жалење ве известуваме дека нашиот актер и долгогодишен колега Лазе Манасков почина денеска. Вечерашната изведба на претставата „Куршуми над Бродвеј” ќе биде изведена во негова чест! Нека му е вечна слава!, наведуваат од Драмски театар.
Манасков е роден во 1958 година. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 1983 година се вработил како актер во Драмски театар – Скопје и работи сѐ до неговото пензионирање во 2022 година.
Ќе остане познат по своите улоги во „Исцелител“, „Сенки“, „Трст виа Скопје“, „Еурека“, „Солунски патрдии“, Македонски народни приказни, „Преспав“, „Пусто турско“.
Култура
Новогодишен концерт на Зарина Првасевда, „Кадифено“, во Македонската филхармонија
На 20 декември со почеток во 19 и 30 часот во Македонската филхармонија концерт ќе одржи македонската вокална интерпретаторка и музичарка Зарина Првасевда.
На денешната прес-конференција беа споделени детали за концертот „Кадифено“, кој претставува уникатно музичко патување што ги спојува традицијата, современиот звук и светската музичка виртуозност.
Овој проект ја означува премиерата на новиот музички опус на Зарина Првасевда, каде интимниот и длабоко емотивен израз се испреплетуваат со македонската и ориенталната традиција, добивајќи современа звучна форма низ импровизација и модерен сензибилитет.
„Овој концерт за мене е многу личен процес и еден вид враќање кон корените, но и нивно преосмислување. Материјалот што ќе го изведам произлегува од македонската и ориенталната музичка традиција, но е создаван низ слобода, импровизација и современ звучен јазик. Сакав публиката да го почувствува овој концерт како интимен простор – како заедничко доживување во кое музиката не е само изведба, туку разговор, емоција и трансцедентност“, изјави Евгенија Здравевска, позната под својот уметнички псевдоним Зарина Првасевда.
Гостите од Турција, Џенк Еродоган, светски познатиот виртуоз на фретлес гитара и Греми награден уметник како и перкусионистот и мултиинструменталист Ахмет Алан, беа оправдано отсутни поради доцнење на нивниот лет за Скопје од повеќе од два часа, предизвикано од густата магла над Скопје, изјавија организаторите.
Џенк Ердоган е Греми награден композитор и еден од највлијателните фретлес-гитаристи во светот. Како дипломец со First Class Honours и предавач на Berklee College of Music, тој е врвно интернационално име. Добитник е на Yeşilçam награда за Најдобар саундтрак, настапувал со светски музичари како светски познатиот индиски перкусионист Трилок Гурту и американскиот џез фјужн тапанар Дејв Врекл како и турнеи низ Европа и САД.
Ахмет Алан е турски перкусионист кој свири традиционални инструменти како бендир. Гордо го комбинира богатството на турската фолклорна музика со современи ритми, давајќи му свеж, жив звук на традиционалниот перкутерски израз. Неговите настапи често се мешавина од енергија, игра и ритам — што ги прави привлечни и за публиката што ја обожава класичната етно-музика, и за оние кои бараат модерни звучни искуства. Со тоа, Алан е мост помеѓу минатото и сегашноста во светот на турската перкусиона музика.
„Кадифено“ е концерт кој ќе понуди искрена емоција, длабока музичка нарација и редок спој на домашна и меѓународна уметничка енергија – вистинско предновогодишно културно доживување.
Билетите за концертот се достапни на веб страната другастрана.мк.
фото/Кристијан Арсовски
Култура
Гоце Цветановски со специјална награда во Белград за придонес во филмската уметност и индустрија
Македонскиот режисер и сценарист Гоце Цветановски доби специјална награда за придонес во филмската уметност и индустрија на 19. издание на Српскиот фестивал за фантастични филмови, еден од најзначајните регионални фестивали посветени на жанровскиот и авторскиот филм.
Свеченото отворање на фестивалот се одржа во Културниот Центар во Белград, во присуство на бројни филмски автори, професионалци и љубители на фантастичниот филм. На настанот присуствуваше и директорот на македонскиот Културно-информативен центар во Белград, Васко Шутаров.
Наградата на Цветановски му беше врачена по проекцијата на оскаровецот „Поплава“, по што следеше панел-дискусија на тема иднината на анимираниот филм во регионот. На панелот, покрај Цветановски, учествуваа и истакнатите автори Растко и Ивана Чириќ, Никола Мајдак и Алекса Гајиќ, кои разговараа за предизвиците, новите технологии и можностите за регионална соработка во современата анимација.
При примањето на наградата, Цветановски се наврати на своите почетоци и емотивната врска со фестивалот:
„Мојата прва награда во кариерата ја добив токму на овој фестивал, за краткиот игран филм ‘Мал дисконтинуитет во време-просторот’ во 2014 година. Затоа ова признание за мене носи особена емоционална и професионална вредност.“
Наградата доаѓа како признание за долгогодишната авторска работа на Цветановски и неговиот придонес во современиот филм, со посебен акцент на фантастичниот и анимираниот жанр.

