Свет
УНИЦЕФ: Недостигот на вода погодува 347 милиони деца во Јужна Азија

Речиси 347 милиони деца во Јужна Азија страдаат од недостиг на вода, се вели во извештајот објавен денеска на УНИЦЕФ, организацијата за помош на децата на Обединетите нации.
Повеќе од една четвртина од сите деца живеат во Јужноазискиот Регион, најнаселен во светот.
Според извештајот на УНИЦЕФ, 55 отсто од децата во Јужна Азија страдаат од недостиг на вода – највисока стапка во светот.
„Безбедната вода е основно човеково право, но милиони деца во Јужна Азија немаат доволно вода во регионот погоден од поплави, суши и други екстремни временски настани, сè повеќе предизвикани од климатските промени“, рече Санџај Вијесекера, регионален директор на УНИЦЕФ за Јужна Азија..
Пред конференцијата на ОН за климатски промени COP28 во Дубаи на крајот на месецот УНИЦЕФ ја повикува меѓународната заедница да преземе чекори за да обезбеди децата да имаат планета на која вреди да се живее.
Во извештајот се наведува дека 594 милиони деца во светот сè уште немаат пристап до вода за пиење, основни санитарни и хигиенски услови, што ги прави особено ранливи на недостиг на вода и опасности, шокови и стресови предизвикани од климата.
Недостигот на вода влијае на благосостојбата и на растот на децата, создава несигурност, неисхранетост и болести.
Недостигот на вода влијае и на земјоделството, индустријата и на економскиот раст. И ако фармерите работат лошо, децата се со поголема веројатност да бидат принудени на детска работа, се вели во извештајот.
Минатата година во Јужна Азија 45 милиони деца немаа пристап до вода за пиење – повеќе од кој било друг регион. Но, УНИЦЕФ рече дека пристапот до вода бргу се проширува и се надеваат дека тој број ќе се преполови до 2030 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Скандал во Индија: Талибански министер не ги повикал новинарките на прес-конференција

Талибанскиот министер за надворешни работи на Авганистан, Амир Кан Мутаки, предизвика бурни реакции во Индија откако на својата прва прес-конференција во Делхи не ги повикал жените новинарки.
Настанот, на кој присуствувале околу 16 новинари, но ниту една жена, предизвика остри реакции од индиските медиумски организации и опозициски политичари. Тие го оценија инцидентот како „отворена родова дискриминација“.
Под притисок на јавноста, Мутаки следниот ден одржа нова, „инклузивна“ прес-конференција, каде изјави дека исклучувањето на жените било „техничка грешка“.
„Настанот беше организиран во краток рок и поканите беа испратени на ограничен список новинари, без никаква друга намера“, рече тој.
Мутаки моментално престојува во Индија на разговори со претставници од Русија и индиската влада, со цел јакнење на дипломатските врски.
Иако се обиде да ги оправда ограничувањата на жените во Авганистан, индиските новинари остро го прашаа зошто девојчињата таму веќе четири години немаат пристап до образование.
Свет
Лавров ги демантира гласините за труење на Башар ал-Асад

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, ги отфрли наводите дека Москва наводно се обидела да го отруе поранешниот сириски претседател Башар ал-Асад, кој доби политички азил во Русија.
Како што објави руското издание Info24, Лавров на средба со претставници на арапските медиуми изјавил дека поранешниот сириски лидер и неговото семејство се наоѓаат во Москва „исклучиво од хуманитарни причини“.
„Тие беа изложени на закани со физичко насилство, па руските власти им овозможија азил. Асад нема никакви здравствени проблеми во нашата престолнина. Труење не се случило, а сите што ги шират тие гласини – нека останат со својата совест,“ изјавил Лавров.
Башар ал-Асад беше претседател на Сирија од 2000 година, а земјата ја напушти откако минатиот декември сириските бунтовнички сили влегоа во главниот град Дамаск.
Свет
(Видео) Стотина палестински затвореници ослободени од израелските затвори

Палестинските затвореници беа пречекани со ентузијазам во Рамала, на окупираниот Западен Брег, денес по нивното ослободување од израелските затвори.
Некои покажуваа знаци на победа со рацете, а повеќето со насмевки на лицата излегоа од автобусот што ги однесе од израелски затвор до културниот центар во градот каде што е седиштето на Палестинската самоуправа.
NOW: Buses carrying Palestinian prisoners arrive in Ramallah, West Bank. pic.twitter.com/sDmXS3kVJI
— Clash Report (@clashreport) October 13, 2025
„Тоа е неописливо чувство, преродба“, изјави за АФП Махди Рамадан, неодамна ослободен затвореник, опкружен со своите родители.
За многумина, тоа беше нивно ослободување по години, дури и децении. Околу стотина од нив пристигнаа во Рамала, некои изгледаа гладни и со видливи повреди, пренесуваат медиумите.
Автобуси што превезуваа палестински затвореници, исто така, пристигнаа во Газа. Маскирани лица, очигледно членови на Хамас, дојдоа во болницата Насер, каде што беше поставена сцена и столчиња за да ги пречекаат, според написите.
Меѓу ослободените Палестинци се 250 лица приведени од „безбедносни причини“, вклучувајќи многумина осудени за смртоносни антиизраелски напади, како и 1.700 Палестинци уапсени од израелската војска во Појасот Газа од октомври 2023 година.
Израел се согласи да ги ослободи во замена за ослободување на заложниците во Појасот Газа, дел од првата фаза од планот на американскиот претседател Доналд Трамп за ставање крај на војната предизвикана од нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година.
Хамас ги ослободи преостанатите 20 израелски заложници од нивното двегодишно заложништво во Газа порано денес. Според израелските медиуми, сите ослободени заложници се во „добра состојба“.
Телата на 28-те починати заложници треба да бидат предадени, процес што Израел не очекува да биде завршен денес. Формирана е посебна комисија за лоцирање на нивните останки во урнатините на Газа.
Фото: принтскрин