Култура
Објавена книгата „Социолингвистика“ од Александра Ѓуркова
„Македоника литера“ деновиве ја објави книгата „Социолингвистика“, со поднаслов „Македонски јазик: јазичното планирање и јавната комуникација“ од Александра Ѓуркова.
Книгата претставува научна обработка на основите на социолингвистиката како дисциплина што се дефинира како изучување на јазикот во општеството, а ги опфаќа и социологијата на јазикот, јазикот во јавната комуникација, јазичните контакти и интерференцијата, комуникативната компетенција, јазичните политики во светот и социолингвистичките прашања за македонскиот јазик. Во делот посветен на социолингвистиката на македонскиот јазик посебно се проучени процесите на јазичното планирање, стандардизацијата на македонскиот јазик, историските процеси поврзани со стандардизацијата, статусот на македонскиот јазик и употребата на македонскиот јазик во сите сфери на општествениот и културниот живот.
Книгата е поделена во три дела: „Пристап кон социолингвистиката“ (основите на социолингвистиката; социолингвистички термини, поими и концепти; словенските јазици – меѓусебни контакти и влијанија; прагматиката и социолингвистиката; форми на обраќањето и јазичната варијација и стилот), „Јазикот и општеството“ (јазичната политика – дефинирање и терминологија, јазично планирање, планирање на јазиците и јазичен менаџмент; видовите и домените на јазичната политика; јазичните политики во Европа и светот; јазичната политика и лингвистичко-политичкиот корекетн говор; менаџирањето на јавниот јазичен простор; јазичниот пејзаж; јазикот и образованието; јазични образовни политики) и третиот дел (кој е најобемен) со наслов „Социолингвистика на македонскиот јазик“, во кој се обработени темите: македонскиот јазик од аспект на историската социолингвистика, промените во општеството одразени во македонскиот јазик, јазичните ставови и јазиците во јавната комуникација во Македонија, македонскиот јазик и европската интеграција, законите и јазичната политика и – македонскиот јазик и медиумите: стилистички и социолингвистички аспекти.
Книгата содржи и табели и индекс на поими и термини.
Проф. д-р Татјана Гочкова-Стојановска, рецензент на книгата, пишува:
„Со сериозноста, сеопфатноста и првенствено со компетентноста на авторката, книгата ‘Социолингвистика’ се вбројува во фундаменталните дела на македонски јазик.
…Досега во македонската научна средина нема книга од оваа област со такво ниво на систематичност и опфатност на темите, воедно поткрепена и со пристап кон горливите прашања од особена важност за македонистиката.
Книгата претставува драгоцен придонес кон областа на социолингвистиката и несомнено ќе придонесе за зголемување на интересот кон обработените теми, претставени на автентичен и инспиративен начин“.
Александра Ѓуркова (1971) ги завршила студиите на Институтот за класични студии на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, постдипломски студии по македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што и докторира. Работи во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје, во Одделението за историја на македонскиот јазик. Нејзин примарен научен интерес се историјата на македонскиот јазик и социолингвистиката. Има објавено над 80 библиографски единици од областа на црковнословенската синтакса, на социолингвистиката и на стилистиката во домашни и странски славистички списанија. Автор е и на книгите „Декларативните зависносложени реченици во Крнинскиот дамаскин“ (2002), „Синтакса на сложената реченица во македонските црковнословенски ракописи“ (2008) и на „Поетиката на Григор Прличев – Стилскиот израз во Арматолос и во Сердарот“ (2009).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Почина македонскиот актер Лазе Манасков
На 67-годишна возраст денеска почина македонскиот актер Лазе Манасков.
-Со длабоко жалење ве известуваме дека нашиот актер и долгогодишен колега Лазе Манасков почина денеска. Вечерашната изведба на претставата „Куршуми над Бродвеј” ќе биде изведена во негова чест! Нека му е вечна слава!, наведуваат од Драмски театар.
Манасков е роден во 1958 година. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 1983 година се вработил како актер во Драмски театар – Скопје и работи сѐ до неговото пензионирање во 2022 година.
Ќе остане познат по своите улоги во „Исцелител“, „Сенки“, „Трст виа Скопје“, „Еурека“, „Солунски патрдии“, Македонски народни приказни, „Преспав“, „Пусто турско“.
Култура
Новогодишен концерт на Зарина Првасевда, „Кадифено“, во Македонската филхармонија
На 20 декември со почеток во 19 и 30 часот во Македонската филхармонија концерт ќе одржи македонската вокална интерпретаторка и музичарка Зарина Првасевда.
На денешната прес-конференција беа споделени детали за концертот „Кадифено“, кој претставува уникатно музичко патување што ги спојува традицијата, современиот звук и светската музичка виртуозност.
Овој проект ја означува премиерата на новиот музички опус на Зарина Првасевда, каде интимниот и длабоко емотивен израз се испреплетуваат со македонската и ориенталната традиција, добивајќи современа звучна форма низ импровизација и модерен сензибилитет.
„Овој концерт за мене е многу личен процес и еден вид враќање кон корените, но и нивно преосмислување. Материјалот што ќе го изведам произлегува од македонската и ориенталната музичка традиција, но е создаван низ слобода, импровизација и современ звучен јазик. Сакав публиката да го почувствува овој концерт како интимен простор – како заедничко доживување во кое музиката не е само изведба, туку разговор, емоција и трансцедентност“, изјави Евгенија Здравевска, позната под својот уметнички псевдоним Зарина Првасевда.
Гостите од Турција, Џенк Еродоган, светски познатиот виртуоз на фретлес гитара и Греми награден уметник како и перкусионистот и мултиинструменталист Ахмет Алан, беа оправдано отсутни поради доцнење на нивниот лет за Скопје од повеќе од два часа, предизвикано од густата магла над Скопје, изјавија организаторите.
Џенк Ердоган е Греми награден композитор и еден од највлијателните фретлес-гитаристи во светот. Како дипломец со First Class Honours и предавач на Berklee College of Music, тој е врвно интернационално име. Добитник е на Yeşilçam награда за Најдобар саундтрак, настапувал со светски музичари како светски познатиот индиски перкусионист Трилок Гурту и американскиот џез фјужн тапанар Дејв Врекл како и турнеи низ Европа и САД.
Ахмет Алан е турски перкусионист кој свири традиционални инструменти како бендир. Гордо го комбинира богатството на турската фолклорна музика со современи ритми, давајќи му свеж, жив звук на традиционалниот перкутерски израз. Неговите настапи често се мешавина од енергија, игра и ритам — што ги прави привлечни и за публиката што ја обожава класичната етно-музика, и за оние кои бараат модерни звучни искуства. Со тоа, Алан е мост помеѓу минатото и сегашноста во светот на турската перкусиона музика.
„Кадифено“ е концерт кој ќе понуди искрена емоција, длабока музичка нарација и редок спој на домашна и меѓународна уметничка енергија – вистинско предновогодишно културно доживување.
Билетите за концертот се достапни на веб страната другастрана.мк.
фото/Кристијан Арсовски
Култура
Гоце Цветановски со специјална награда во Белград за придонес во филмската уметност и индустрија
Македонскиот режисер и сценарист Гоце Цветановски доби специјална награда за придонес во филмската уметност и индустрија на 19. издание на Српскиот фестивал за фантастични филмови, еден од најзначајните регионални фестивали посветени на жанровскиот и авторскиот филм.
Свеченото отворање на фестивалот се одржа во Културниот Центар во Белград, во присуство на бројни филмски автори, професионалци и љубители на фантастичниот филм. На настанот присуствуваше и директорот на македонскиот Културно-информативен центар во Белград, Васко Шутаров.
Наградата на Цветановски му беше врачена по проекцијата на оскаровецот „Поплава“, по што следеше панел-дискусија на тема иднината на анимираниот филм во регионот. На панелот, покрај Цветановски, учествуваа и истакнатите автори Растко и Ивана Чириќ, Никола Мајдак и Алекса Гајиќ, кои разговараа за предизвиците, новите технологии и можностите за регионална соработка во современата анимација.
При примањето на наградата, Цветановски се наврати на своите почетоци и емотивната врска со фестивалот:
„Мојата прва награда во кариерата ја добив токму на овој фестивал, за краткиот игран филм ‘Мал дисконтинуитет во време-просторот’ во 2014 година. Затоа ова признание за мене носи особена емоционална и професионална вредност.“
Наградата доаѓа како признание за долгогодишната авторска работа на Цветановски и неговиот придонес во современиот филм, со посебен акцент на фантастичниот и анимираниот жанр.

