Македонија
„Еди Рама го поддржува процесот за бугаризација на Македонците во Албанија“, велат од Левицата
„Во соседна Албанија, на 18 септември, почна пописот преку кој власта на Еди Рама помага за бугаризација на Македонците во повеќе општини како дел од заедничките цели на софиската и на тиранската платформа!“, велат од партијата Левица.
„Македонците од Мала Преспа, Голо Брдо, Гора, како и во другите места во кои живеат во Албанија, укажуваат на константен притисок од страна на Бугарија да се попишат како Бугари! Неретко, за време на пописот, директно притисоците се вршени и од бугарскиот амбасадор во Тирана, што претставува грубо кршење на Виенската конвенција и мешање во внатрешните работи на една држава.
Понатаму, бугарските фондации и здруженија, кои им промовираа на Македонците бугарски пасоши со цел да работат во некоја од земјите на ЕУ, ги присилуваат на пописот да се изјаснат за Бугари под закана дека иако потрошиле пари за спроведување на процедурите, пасоши нема да добијат, а нивните имиња ќе бидат објавени јавно, со цел наштетување на општествениот углед“, се наведува во соопштението на партијата Левица.
„За овие проблеми, како и за многу други, од страна на Македонците, преку своите претставници и здруженија, веќе многупати е алармирано до државните институции и до власта на Рама, кој воопшто не реагирал во однос на пријавените проблеми. Сето ова е симптоматично и може да се разбере како премолчано дозволување на бугаризацијата на Македонците во Албанија и спроведување на овој сегмент на софиската платформа!
Левицата бара министерот за надворешни работи, Бујар Османи, итно да испрати протестни ноти: до Албанија, во која се бара заштита на основните граѓански и политички права на Македонците во оваа земја; како и до Бугарија за ваквиот нечовечки притисок и груб обид за асимилација на Македонците, што е уште еден од многуте бугарски чинови на доуништување на и онака лошите односи помеѓу двете земји, кои се изродија со потпишувањето на т.н. договор за добрососедство од Заев и Борисов.
Дополнително, очекуваме барем еднаш министерот Османи да се заложи за интересите на граѓаните во државата, чиј министер е, и во рамките на ОБСЕ, каде што претседава, да го изнесе овој проблем пред меѓународната заедница и да побара осуда за оваа насилна асимилаторска политика што ја спроведуваат држави членки на Организацијата за безбедност и соработка во Европа“, се додава во соопштението на Левицата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почнува откупот на тутунот
Привршуваат подготовките за стартот на откупот на тутунот, кој законски почнува од 15 ноември и трае до 28 февруари наредната година.
Според Кире Ристески, претседател на Сојузот на земјоделските здруженија, останува 10-те откупувачи кои треба да преземат околу 22 000 тони тутун да ги верификуваат мострите, да ги истакнат на 17 ноември, и од 18 ноември да ги отворат вратите на откупните пунктови во земјава.
„Од понеделник почнуваат да се верификуваат мосттрите тутун во Институтот за тутун во Прилеп. Тоа ќе трае до петок, 14 ноември. Од понеделник, 17 ноември, откупните компании ќе може да ги подигнат и на 18 ноември може да ги отворат пунктовите. Ние како Сојуз сме подготвени да почне откупот на тутунот. Имаме капацитет, односно повереници, за да ги покриеме сите ваги, а годинава во земјава се 337 откупни ваги што е најмногу досега, така што се очекува тутунот да се купи што побрзо и со добар квалитет“, изјави Ристески.
Сојузот сѐ уште преговара за повисоки цени, но Ристески смета дека тутунот ќе биде подобро платен од лани.
„Со компаниите преговараме, но може да тврдам дека поради високиот квалитет на тутунот ќе биде подобро платен од ланската реколта“, смета Ристески.
Поради сушата родот е намален. Откупувачите очекуваа 26 000 тони, но реколтата може да тежи најмногу до 22 000 тони, сметаат од Сојузот.
Јусуф Ибраими, тутунопроизводител од долненското село Житоше со нетрпение чека да почне откупот на тутунот. Има околу 3,5 тони квалитетен род кој, се надева, ќе постигне повисока цена, иако сушата ги намали приносите.
„Иако ги зголемивме површините годинава, сушата во летото го зеде данокот. Малку се подобри ситуацијата, за 10-ина проценти, со дождовите во септември и родот ми е околу 3,5 тони. Очекувам да постигнам повисока цена од ланската“, рече Ибраими.
Со неодамнешните измени во Законот за тутун, се забранува увоз на тутун во текот на откупната кампања, од 15 ноември до 28 февруари.
Македонија
Таткото на едно од девојчињата загинати со „Пулс“ објави видео од нејзиното последно излегување од дома
Александар Наунов, таткото на трагично загинатата Надица, една од 63-те жртви во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, сподели видео од нејзиното последно заминување од дома — момент кој, како што напиша, засекогаш му го променил животот.
„Последното затворање на вратата
Тоа беше обично затворање на врата…
Но за мене – тоа беше последниот здив на мојот свет.
Моето дете, мојата Надица, ја затвори вратата со насмевка,
а јас не знаев дека зад неа ќе остане нејзиниот живот,
заробен во пламен, во неправда, во тишина што нема крај.
Наместо да ја чекам со внуци во прегратка,
јас ја чекам во соништата – таму каде што не гори.
Наместо нејзиниот глас, слушам ехо од болка,
наместо чекори по ходникот – тишина што ме гуши.
Помина време, но не и мојата болка.
Надица, ти остана вечна во моето срце,
во секоја свеќа што ја палам, во секоја солза што не престанува.
Твоето име ми е молитва, твојот лик – вечна светлина.
И додека светот заборава, јас ќе живеам за да те паметам“, напиша Наунов.
Потресната порака на таткото ја проследи со видеоснимка направена неколку часа пред трагедијата, на која неговата ќерка се гледа како заминува од домот со насмевка.
Македонија
Сообраќајка го затвори патот Струмица – Ново Село
Сообраќајот на магистралниот пат А4, Струмица – Ново Село (пред влезот за Ново Село) од 14.10 часот е во целосен прекин.
АМСМ соопшти дека причина за прекинот е сообраќајна незгода.

