Свет
Израелската армија влезе во најголемата болница во Газа тврдејќи дека тоа е центарот на Хамас
Израелската армија објави дека влегла во комплексот „Ал Шифа“, најголемата болница во Газа, повикувајќи ги милитантите на Хамас да се предадат.
Лекарот Мунир ал-Бурш, генерален директор на Министерството за здравство на Газа, изјави за „Ал џезира“ дека израелските сили влегле во западниот дел на здравствениот комплекс.
„Се слушаат големи експлозии, а прашина доаѓа до областа каде што се наоѓаме. Веруваме дека експлозијата се случила во самата болница“, изјави Бурш.
Неколку часа подоцна, портпаролот на Министерството, Ашраф ал-Кидра, за истите медиуми изјави дека „окупациската војска сега е во подрумот и го пребарува“.
„Тие се во комплексот, пукаат и гранатираат“. Израелските сили најпрвин ги нападнаа хируршките и итните оддели“, изјави Мохамед Закут од Министерството за здравство.
Според последните извештаи од најголемата болница во Газа, „Ал Шифа“, во болницата сѐ уште има неколку стотици пациенти и медицински персонал, како и неколку илјади луѓе што побарале засолниште таму.
Д-р Мунир ал-Бурш во понеделникот рече дека медицинскиот персонал ја одбил наредбата на израелските одбранбени сили да се евакуираат бидејќи не сакале да ги напуштат овие 700 пациенти, кои инаку би умреле. „Проблемот не се лекарите, проблемот се пациентите. Ако ги оставиме, ќе умрат. Ако ги земеме, ќе умрат по пат. Ова е проблемот: зборуваме за 700 пациенти“, рече тој.
Лекар што работи во болницата „Ал Шифа“ изјави за Си-Ен-Ен дека биле известени за операцијата само 30 минути пред израелските сили да влезат во комплексот денес.
„Ројтерс“ засега не може самостојно да ги потврди овие наводи за ситуацијата во болницата „Ал Шифа“.
Во последните денови сѐ повеќе апели има од меѓународната заедница за хуманитарен прекин на огнот, а судбината на таа болница е во центарот на светското внимание поради влошените услови таму. Во болницата се сместени илјадници пациенти, медицински персонал и бегалци.
Израел тврди дека милитантното движење Хамас има команден центар под „Ал Шифа“ и ги користи болницата и тунелите под неа за да ги скрие воените операции и да држи заложници.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека „врз основа на разузнавачките и оперативните потреби“ спроведуваат „прецизна и насочена операција против Хамас во одредени области на болницата ‘Ал Шифа’“.
Израелската армија додаде дека со своите сили има „медицински тимови и арапски говорници, специјално обучени да се подготват за оваа сложена и чувствителна средина, со цел да не им наштети на цивилите“.
Портпаролот на ИДФ, Питер Лернер, изјави за Си-ен-ен дека болницата и комплексот се центар на операциите на Хамас, потенцијално дури и неговото срце.
Соединетите Американски Држави рекоа дека нивните разузнавачки информации се совпаѓаат со заклучоците на Израел.
Хамас одговори дека најавата на Вашингтон практично му дала на Израел зелено светло да влезе во болницата во центарот на Газа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп му даде целосна поддршка на Орбан пред изборите во Унгарија: „Тој е силен и моќен лидер“
Американскиот претседател, Доналд Трамп, јавно го поддржа унгарскиот премиер Виктор Орбан пред парламентарните избори што ќе се одржат на 12 април, порачувајќи дека има негова целосна и апсолутна поддршка за нов мандат.
Трамп пред изборите што ќе се одржат во таа земја, рече дека Орбан е навистина силен и моќен лидер.
„Бев горд што го поддржав Виктор за реизбор во 2022 година и чест ми е што тоа го правам повторно. Виктор Орбан е вистински пријател, борец и победник и ја има мојата целосна и апсолутна поддршка за реизбор за премиер на Унгарија – тој никогаш нема да го изневери големиот унгарски народ“, напиша Трамп во објава на социјалната мрежа „Трут соушал“.
Трамп додаде дека Орбан е навистина силен и моќен лидер, со докажан успех во постигнувањето феноменални резултати.
„Тој неуморно се бори за својата голема земја и народ и ги сака, исто како што јас го правам тоа за Соединетите Американски Држави“, истакна Трамп.
Според него, Орбан вредно работи на заштитата на Унгарија, развојот на економијата, создавањето работни места, промоцијата на трговијата, запирањето на нелегалната имиграција и обезбедувањето закон и ред.
„Односите меѓу Унгарија и Соединетите Американски Држави достигнаа нови височини на соработка и спектакуларни достигнувања под мојата администрација, во голема мера благодарение на премиерот Орбан. Со нетрпение очекувам продолжување на блиската соработка со него, за двете наши земји дополнително да го унапредат овој огромен пат кон успех и соработка“, заклучи Трамп.
Регион
Четиричлено семејство од Албанија почина во Тоскана од труење со јаглероден моноксид
Четиричлено семејство – родителите и нивните две деца, настрадало во својот дом во италијанската покраина Тоскана, поради труење со јаглероден моноксид, соопштија локалните власти.
Според првичните информации, жртвите се таткото Арти, мајката Јонида (43), синот Хајдар (22) и ќерката Џесика (15). Петтото лице од домаќинството е префрлено во болницата Чизанело во Пиза во тешка состојба, но според достапните податоци не е животно загрозено, пренесе Раи Уно.
На местото на настанот интервенирале припадници на противпожарната служба, карабинерите и екипи на итната медицинска помош, пренесе Итaлпрес.
При прегледот на објектот, тројца карабинери исто така добиле полесни симптоми на труење и им била укажана медицинска помош.
Прелиминарната истрага е насочена кон проверка на исправноста на котелот за централно греење, со цел да се утврди причината за трагедијата. Италијанските медиуми наведуваат дека семејството е со потекло од Албанија.
Свет
Лавров до Макрон: Ако сакате сериозен разговор, јавете се, Путин ќе одговори
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ги коментираше француските обиди за обновување на дијалогот меѓу францускиот претседател Емануел Макрон и рускиот претседател Владимир Путин.
„Францускиот претседател Емануел Макрон пред околу две недели повторно рече дека ќе го повика Путин“, нагласи Лавров во интервју за државната телевизија „РТ“.
„Знаете, тоа не е сериозно. Тоа е патетична дипломатија. Ако сакате да се јавите и да водите сериозен разговор, тогаш јавете се. Путин секогаш ќе се јави на телефон. Секогаш ќе ги сослуша сите предлози, особено сериозните“, наведе Лавров.
Двајца европски дипломати, кои зборуваа под услов на анонимност, потврдија за Политико дека советникот на Макрон, Емануел Бон, во вторникот ја посетил Москва со цел да го подготви теренот за обновување на директната комуникација меѓу Путин и Макрон.
Според наводите на еден од дипломатите, Бон се сретнал со Јуриј Ушаков, близок соработник на Путин и член на руската делегација во тековните мировни преговори со Украина.
Француските претставници не сакаа ниту да го потврдат, ниту да го демантираат посетата на Бон во Москва. Истото го направи и портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, кој на редовната прес-конференција изјави дека тоа го прави „од солидарност со француската страна“.
Макрон во вторникот изјави дека се во тек „технички разговори“ со цел повторно воспоставување дијалог со Кремљ, додека неговиот кабинет вчера соопшти дека тие разговори се водат транспарентно „и во консултација со претседателот Зеленски и главните европски партнери“.
Макрон во повеќе наврати истакна дека европските држави треба да водат сопствени директни разговори со Москва.

