Економија
ТИРЗ ги претстави можностите за инвестирање пред повеќе од 50 јапонски компании

Повеќе од 50 јапонски компании учествуваа на бизнис-вебинар организиран од ТИРЗ во соработка со Јапонската организација за надворешна трговија, ЏЕТРО (JETRO). Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски, ги претстави инвестициските можности во С. Македонија, инвестициската клима, економските перспективи и можностите достапни за јапонските компании. На настанот беа споделени и успешни приказни на тајванската компанија „Јагео“, најголема гринфилд-инвестиција во земјата, како и на јапонска компанија што работи на македонскиот пазар, а свое обраќање имаа и генералниот директор на ЏЕТРО во Виена, Татсуо Камино, јапонскиот амбасадор во земјата, Охтсука Казуја, како и државниот секретар во МНР, Филип Тосевски.
„Македонија има клучна географска положба, која им отвора пристап на јапонските компании кои сакаат да го прошират своето присуство на европскиот пазар. Нудиме флексибилност, одлична инфраструктура и квалификувана работна сила. Посветуваме внимание на платите, кои и покрај тоа што растат, бројот на вработени во зоните е зголемен над 30 % само во последните три години. Македонија покажа дека е вистинска бизнис-дестинација со оглед на тоа дека во изминатите три години имаме постигнато договори од 1 милијарда евра, што е исто колку инвестицискиот обем за десет години. Соработката помеѓу ЏЕТРО и ТИРЗ со сигурност отвора нови можности за јапонските компании“, изјави Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ. И првиот човек на ЏЕТРО во Виена, Татсуо Камино, нагласи дека овој вебинар е пример за посветеноста на ЏЕТРО за поттикнување на меѓународната соработка. Тој додаде и дека ЏЕТРО е тука да ги поддржи и води јапонските компании во нивниот потфат на македонскиот пазар, како и дека верува во потенцијалот на С. Македонија како стратешка дестинација за инвестирање.
„Дипломатските врски меѓу Јапонија и Македонија никогаш не биле посилни. Овој вебинар е клучен момент за дополнително зацврстување на економските односи меѓу нашите нации“, посочи Охтсука Казуја, јапонскиот амбасадор во Македонија, кој сподели факти за политичката состојба во земјата и економските односи меѓу двете земји, а државниот секретар на Министерството за надворешни работи, Тосевски, даде владина перспектива за соработката нагласувајќи ја посветеноста за поттикнување билатерална економска соработка. „Владата целосно ги поддржува иницијативите, кои промовираат економска соработка. Ваквите настани се чекор напред во градењето трајни партнерства и заеднички просперитет“, изјави Тосевски.
„Државата е стабилна, нуди одлична инфраструктура и достапност до квалификувана работна сила. Сето ова и членството во НАТО беа клучните елементи кога донесовме одлука да инвестираме во Северна Македонија“, посочи Андреас Маер од менаџментот на тајванската компанија „Јагео“, кој презентира зошто Македонија е добро место за инвестирање. Тој особено ја нагласи соработката со ТИРЗ како вистински партнер во спроведување на инвестицискиот проект. И првиот човек на јапонската компанија „Ватанбе“, која работи во Македонија, ги сподели своите искуства дополнително зацврстувајќи го кредибилитетот на земјата како инвестициска дестинација.
Јапонските компании најмногу се интересираа за пристапот до квалификувана работна сила, кои се предизвиците и суштинските елементи што треба да се земат предвид при влез во Северна Македонија, како и дали македонските компании бараат соработка со јапонски фирми.
Овој вебинар е дел од активностите што следуваат по неодамнешната посета на директорот на ТИРЗ, Деспотовски, на Јапонија. За време на посетата, Деспотовски оствари средба и со генералниот директор на ЏЕТРО, Нобутани, на која беа договорени повеќе иницијативи, меѓу кои заеднички проекти меѓу компании од двете земји, особено во ИТ-секторот, енергетиката и градежништвото во делот на обнова на Украина, како и директна поддршка за македонските стартапи. Успехот на овој вебинар означува значајна пресвртница во тековните напори за унапредување на економската соработка меѓу Јапонија и Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Халкбанк со нова кредитна линија од 12 милиони евра за одржливо земјоделство

Халкбанк АД Скопје, како една од водечките банки во земјата која постојано се насочува кон поддршка на реалната економија, започнува со реализација на нова кредитна линија наменета за развој на одржливо земјоделство.
Средствата во износ од 12 милиони евра се обезбедени преку Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ) и ќе бидат ставени на располагање на земјоделците и земјоделските бизниси во наредните пет години.
Целта на оваа кредитна линија е да им овозможи на микро (вклучувајќи трговци поединци и индивидуални земјоделци), мали и средни претпријатија пристап до поволни извори на финансирање кои ќе им помогнат да ги реализираат своите планови за работен капитал, како и за инвестиции во опрема, модернизација и развој на одржливи агро-практики.
Кредитите ќе бидат одобрени под атрактивни услови, со варијабилна каматна стапка која започнува од 5,5% и со можност за флексибилна отплата преку месечни, квартални или полугодишни ануитети. Освен финансиската поддршка, програмата предвидува и дополнителни бенефити за земјоделците: организирани работилници и тренинзи преку кои ќе можат да стекнат нови знаења за современи и одржливи земјоделски практики, како и грант компонента до 1.000 евра по корисник, достапна до исцрпување на предвидениот буџет. На тој начин, кредитната линија не е само финансиски инструмент, туку и практичен поттик за модернизација и зголемување на конкурентноста на домашното земјоделство.
Халкбанк и ЕФСЕ соработуваат долги години, а ова партнерство овозможи континуирано насочување на финансиски средства кон микро, мали и средни претпријатија, со што се поддржа растот на многу бизниси и се даде значаен придонес во економскиот развој на државата. Новата кредитна линија претставува уште еден чекор во таа насока, ставајќи акцент на земјоделството како стратешка гранка со голем потенцијал за одржлив развој.
„Поддршката на земјоделството е од суштинско значење за иднината на економијата и благосостојбата на граѓаните. Со оваа нова кредитна линија, обезбедуваме не само поволни финансиски средства, туку и знаење и грантови кои ќе им помогнат на земјоделците да преминат кон одржливи практики и да ја зголемат својата продуктивност. Веруваме дека вложувањето во земјоделството значи вложување во долгорочна стабилност, храна со повисок квалитет и развој на руралните средини,“ велат од Халкбанк.
Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ) е формиран од страна на Банката за развој KfW, со финансиска поддршка од германското Федерално Министерство за економска
соработка и развој (BMZ) и Европската комисија. Фондот има за цел да го поттикне економскиот развој и благосостојбата во земјите од Југоисточна Европа преку овозможување пристап до финансирање за микро и мали претпријатија и за домаќинства со пониски приходи, со фокус на одржливост и позитивно влијание врз заедниците.
Со оваа програма, Халкбанк ја продолжува својата долгорочна стратегија за поддршка на одржливите иницијативи во економијата, инвестирајќи во иднината на земјоделството и обезбедувајќи подобри услови за оние кои ја движат оваа важна гранка.
ПР
Економија
НБРМ: Граѓаните сè почесто ги избираат дигиталните канали за плаќање

Најновите податоци од платежната статистика на Народната банка за вториот квартал од 2025 година покажуваат натамошен раст на електронските плаќања, при што сè поочигледно е дека граѓаните почесто ги избираат мобилните апликации и платежните картички за извршување на плаќањата, отколку шалтерите, соопшти НБРМ.
Во споредба со истиот период минатата година, електронските плаќања со платни налози бележат раст за 9% по број и за 20,9% по вредност. Особено е брз растот на електронски иницираните плаќања преку дигиталните канали, односно трансакциите растат за 18,6%, а вредноста за 28,3%. Најголемиот дел од платежните трансакции иницирани преку дигиталните канали (71,3%) се извршени преку мобилни апликации, што потврдува дека преовладува употребата на мобилниот телефон како најбрз и наједноставен начин на плаќање.
Се зголемува и користењето на платежните картички. Бројот на плаќањата со картички е поголем за 8,4%, а нивната вредност за 11,4%. Зголемувањето најмногу произлегува од зголеменото купување преку интернет (14,8%), но раст има и кај плаќањата во продавниците (7,9%).
Овие податоци, според НБРМ, јасно укажуваат дека сѐ повеќе граѓани се префрлаат на дигиталните начини на плаќање.
Економија
Позначајни движења кај каматните стапки на банките и штедилниците

Годишен раст на просечната каматна стапка на вкупните депозити од 0,23 п.п., при што во август таа изнесува 2,19%.
Просечната каматна стапка на вкупните кредити бележи годишен пад од 0,54 п.п. и изнесува 4,90%.
Најновото соопштение за позначајните движења кај каматните стапки на банките и штедилниците е достапно на следната врска.