Македонија
Очекував затворска казна од 10 години, рече таткото на детето што беше усмртено на „Пластичарска“, а возачот побегна

Очекував пресуда на 10 години. Кога ќе изгубиш дете, се знае како се чувствуваш, вели Себастијан Сановски, татко на 10-годишното дете што беше усмртено од автомобил минатиот месец на т.н. пластичарска улица.
Таткото најави дека ќе се жали на денешната пресуда со која возачот Шукри Зеќири од Скопје доби затворска казна од две години и три месеци.
„Не му посакувам никому да му се случи ова. Ако имаме држава, треба да се суди правилно“, рече таткото на заминување од судот.
Во пресудата судијката Марија Клетничка наведе дека 21-годишниот Зеќири претходно не бил осудуван за кривично дело. Во времетраењето на затворската казна пресметано е и делото неукажување помош лице повредено во сообраќајна незгода за што определена му е затворска казна од 6 месеци. Тој доби и забрана за управување со моторно возило во период од три години.
Мажот возел со 76 километри на час. Зеќири претходно го призна делото, а рече дека избегал од страв да не биде тепан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Комисијата утврди дискриминација врз професионалните војници – синдикатот бара итни законски измени

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди индиректна дискриминација врз професионалните војници од страна на Министерството за одбрана, информира Независниот синдикат на професионални војници СО Скопје.
Претставката до Комисијата ја поднел Александар Насковски, претседател на синдикатот и професионален војник, на 12 ноември 2024 година. Според него, Министерството со години не го трансформира работниот однос на професионалните војници од определено на неопределено време, спротивно на член 46 од Законот за работни односи.
„Професионалните војници се единствената категорија вработени во државата кои работат и по 25 години со договори на определено време, често продолжувани и по седум или осум пати, без можност да остварат право на пензија“, изјави Насковски.
По долготрајна институционална игнорација, синдикатот на 3 јуни 2025 година достави предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата до Собранието и сите пратенички групи. Со предложените измени се предвидува конечно уредување на статусот на професионалните војници и спроведување на препораките од Комисијата.
Синдикатот очекува Министерството за одбрана и пратениците да постапат по препораките и да ја исправат, како што велат, децениската неправда, со што ќе се постигне и буџетска заштеда за институцијата.
Македонија
Ангелов на состанок во Берово: Планирање на акција за справување со пожарот над Русиново

Раководителот на Главниот штаб за управување со кризи и директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, синоќа присуствуваше на координативниот состанок на Општинскиот штаб за заштита и спасување во Берово, предводен од градоначалникот Звонко Пекевски.
На работниот состанок се анализираа извештаите за движењето и интензитетот на пожарот во планината над селото Русиново. Како главни предизвици беа посочени променливиот ветер, остатоците од стари пожари – шупливи дрвја кои при горење паѓаат по стрмнините – како и непристапниот терен, што значително го отежнува гаснењето.
Според соопштението од ДЗС, состанокот траел подолго поради разгледување на повеќе стратегии за утринска интервенција. Се планира комбинирана акција со теренски сили, механизација и ангажман на воздухоплови, чија активност ќе се координира од земја во согласност со конкретните дневни услови.
Ова е дел од континуираните напори за справување со активните пожари во источниот дел на земјата.
Македонија
Tри улици од Карпош ќе останат околу шест часа без струја

Без електрична енергија денес ќе останат корисниците од три улици во Карпош.
Во периодот од 08.15 до 13.30 часот, без струја ќе бидат корисниците од улиците Иван Цанкар – парни броеви, Франц Прешерн – непарни броеви и Вангел Дину. ( општина Карпош ), информира ЦУК по известување добиено од ЕВН.