Култура
Почина актерот Мето Јовановски
На 77-годишна возраст денеска почина актерот Мето Јовановски.
Веста ја објави на социјалните мрежи неговиот колега, Драган Спасов-Дац.
„Мето Јовановски се пресели во легендите. Нека му е вечна слава“, напиша Дац на „Фејсбук“.
Мето Јовановски беше еден од најпознатите македонски театарски, филмски и телевизиски актери. Глумеше во голем број филмови, меѓу кои „Среќна нова ’49“, „Тетовирање“, „Нечиста крв“, „Пред дождот“, „Прашина“, „Големата вода“, „Тајната книга“, „Деца на сонцето“. Добитник е на голем број награди и признанија. Една од неговите најпопуларни телевизиски улоги беше онаа на Осамениот во серијата „Опстанок“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Концерт на Националниот џез оркестар со уште еден Греми-добитник, тапанарот Џон Рајли и светски познатиот биг бенд диригент, Зиги Фајгл
Националниот џез оркестар го најавува следниот настан за оваа сезона – Концерт на Националниот џез оркестар со гостите Џон Рајли (тапани) и, за нас добро познатиот диригент, Зиги Фајгл во сабота, на први јуни од 20 часот, Македонски народен театар.
Џон Рајли e светски реномиран и признат изведувач, автор и учител, кој соработува со светските водечки џез музичари повеќе од 40 години. Четирикратен добитник на Греми наградата, од вкупно 14 номинации, Џон има реализирано стотици снимки и настапи со Мајлс Дејвис, Дизи Гилеспи, Стен Гец, Вуди Херман, Џон Скофилд, Џо Ловано, Боб Минцер, Карнеги Хол џез бендот, џез оркестарот Вангард и многу други.
Џон е автор на The Art of Bop Drumming, моментално објавена на пет јазици, Beyond Bop Drumming, The Jazz Drummer’s Workshop, и The Master Drummer.
Џон има завршено дипломски студии по џез музика на Универзитетот во Северен Тексас (1975) и мастер студии на Музичката школа на Менхетен (1985), каде денес е и професор. Тој исто таке е професор и на Универзитетот Куцтаун, визитинг професор на Конзерваториумот во Амстердам во Холандија, и редовно држи предавања низ целиот свет.
Зиги Фајгл е добро познат на нашата публика, меѓу другото и по неколкуте досегашни настапи со нашиот оркестар. Фајгл е светски познат диригент на биг бенд, првенствено познат по неговиот придонес за австриската џез сцена. Водел различни биг-бендови и ансамбли, меѓу кои биг бендот во Грац, каде што е и декан и професор на Универзитетот за музика и изведувачки уметности; ХГМ биг бендот, биг бендот Суд, преку својата работа покажувајќи го својот талент за аранжирање и диригирање на големи музички состави.
Работата на Фајгл во музиката за биг бенд често опфаќа широк спектар на стилови, од традиционалните свинг и џез стандарди до посовремени и експериментални композиции. Соработувал со многу реномирани музичари и уметници, како во Австрија, така и на меѓународно ниво, меѓу кои Бил Холман, Тутс Тилеманс, Арт Фармер, Марк Марфи, Боб Брукмаер, Артуро Сандовал и други, и се стекнал со репутација за неговото вешто лидерство и иновативни аранжмани.
Како диригент на биг бенд, Сиги Фајгл игра витална улога во обликувањето на звукот и насоката на ансамблите што ги води, здружувајќи ги талентираните музичари за да создадат динамични и привлечни изведби. Неговата посветеност на уметничката форма и неговиот придонес во традицијата на биг бендот го зацврстија неговото место како почитувана личност во светот на џез музиката.
На програмата ќе бидат композиции од оркестарот Тед Џонс/Мел Луис, оркестарот Vanguard Jazz, како и од Бади Рич биг бендот и Оркестарот Стен Кентон, создадени од повеќе различни композитори меѓу кои: Тeд Џонс, Џим Мекнили, Боб Брукмаер, Бил Холман. Извонредни стандарди и аранжмани кои дополнително ќе ги истакнат способностите на нашиот гостин – тапанар.
Култура
Промоција на донации – лични фондови на Анте Поповски и Матеја Матевски во Музејот на македонската борба
Донации на лични фондови на Анте Поповски и Матеја Матевски ќе бидат промовирани во НУ Музеј на македонската борба за самостојност на 30 мај 2024, четврток, во 19 часот.
Благодарение на соработката со семејствата Поповски и Матевски, Музејот ги збогатува фондовите со подарени материјали за еминентните претставници на втората генерација македонски книжевници, чии дела оставија силен печат врз општествената и културната сцена во втората половина на 20 век.
Анте Поповски (1931, Лазарополе – 2003, Скопје) е македонски книжевник, поет и есеист, публицист, сценарист, продуцент, преведувач, општественик и академик. Како член на МАНУ и Светската академија на поезијата на Организацијата за образование, наука и култура на Обединетите нации (УНЕСКО) се профилира како еден од афирматорите на македонска книжевна и културна сцена на национално, но и на меѓународно ниво.
Матеја Матевски (1929, Истанбул, Турција – 2018, Скопје) е значајна личност во македонската современа литература и култура, поет на европската лирика, есеист, новинар, преведувач, литературен и театарски критичар. Истакнат општественик и член на МАНУ од 1970 година со значаен придонес во областа на книжевноста и културата на Македонија.
Активностите се дел од годишната програма на Музејот за минатата година, реализирани со поддршка на Министерството за култура.
Култура
Хорот и оркестарот на скопското училиште „Кузман“ освои шест награди во Јесоло, Италија
Туристичкото место Јесоло во Италија ги отвори вратите за 500 учесници од 12 држави од светот, меѓу кои и избраниците на професорката по музика Вера Ангеловска од ООУ „Кузман Јосифовски – Питу“ од Кисела Вода. На Светскиот куп во фолклор учесниците настапија во разни дисциплини. Македонските претставници се одлучија за вокално-инструментален ансамбл со хорот и оркестарот, како и соло настапи на пет вокали солисти и еден соло инструмент – гитара.
Старата македонска песна „Учи ме, мајко, карај ме“ беше изборот на Ангеловска за хорот и оркестарот.
Оваа музичка дружина, која брои 49 члена, од кои 39 вокали, осум флејтисти и двајца гитаристи, ја стресе бината. Под диригентската палка на Верче кузмановци блеснаа на отворената сцена, а за комплетен впечаток се погрижи прекрасната кореографија со автентични македонски предмети, како и рецитирањето строфа од македонската љубовна песна „Дениција“.
„Публиката задоволна, жирито исто така. ‘Кузман’ и овој пат ги освои срцата на присутните. Освоеното второ место, пехарот, медалите и дипломите ќе останат да сведочат за овој огромен успех на ООУ ‘Кузман Јосифовски – Питу’. Паричниот ваучер ќе биде само мотив повеќе да се продолжи со работа до следното претставување голем музички настан. Во оваа конкуренција немаше освоено прво место “, велат од училиштето.
За дефилето пред завршната вечер, Македонија беше избрана од страна на организаторот да ја предводи долгата редица натпреварувачи на улиците на Јесоло, па ечеа македонски песни и се вееја македонски знамиња.
Солистите освоија едно прво место, две втори и две трети места, како и една пофалница.
Македонските претставници велат дека добиле и ексклузивна покана за прием кај градоначалникот на Јесоло, Кристофер де Зоти, кој ги поздравил и им посакал уште поголем успех во иднина на музичките таленти од Македонија.